Арсова: Македонија е во колективна траума
19 март 2025„Не ни праќајте полиција ниту обвинители. Ако имаме нормална држава, пратете ни психијатри и психолози. Цел град сме избезумени. Нели гледате дека не знаеме што правиме". Овој крик за помош којшто деновиве го упатија жителите на малото гратче Кочани во источниот дел на Северна Македонија, е силен аларм за тоа низ каква колективна траума поминува секој македонски граѓанин по трагедијата во импровизираната дискотека „Пулс“, каде што во пожар згаснаа 59 млади животи.
Тимови на психијатри, психолози и волонтери веќе се организираат за тешката и макотрпна задача којашто ги чека - како да се залечат раните од трагедијата која што всади тага, болка и немир во секој дом. Покрај помош и подадена рака на семејствата и блиските родини и пријатели на починатите, допрва следи и сложен процес за надминување на трауматските искуства на над 190 млади луѓе коишто беа повредени во пожарот, но и на оние коишто успеале навреме да се спасат, но изгубиле некој блисок во огнот и во смртоносниот чад.
„Не сте сами“
„Најважно во оваа ситуација е да почувствуваат дека не се сами, дека има кој да им помогне. Ваквите ситуации раѓаат интензивно чувство на страв, неизвесност и небезбедност. Затоа е важно да знаат дека цела Македонија е тука да помогне, вклучувајќи не и нас стручните лица, како и оние коишто се пријавуваат како волонтери“, вели доктор Славица Арсова, директор на Универзитетската Клиника за психијатрија.
Таа оценува дека македонските граѓани се во колективна траума. „Ова што се случи е трауматски настан од невидени размери во Северна Македонија. Станува збор за напатена земја и сме биле сведоци на бројни трауматски настани коишто ги носиме во нашето колективно сеќавање. Но, овој трауматски настан ќе остане кај идните генерации како една колективна траума којашто ќе се пренесува“, вели таа.
Трагедија како оваа во Кочани не се памети досега во земјата. Станува збор за несреќа којашто се случи на концерт на групата ДНК во дискотека каде што, иако немало услови, присуствувале 500 посетители. Животот го загубија 59 млади луѓе, а над 190 се борат за живот во домашните и странските болници, што значи дека речиси и да нема семејство во источниот дел на земјата коешто на некој начин не е лично допрено од загубата на некој близок роднина или познаник.
Станува збор за трагедија којашто никој не ја очекувал, ниту пак бил подготвен за такво нешто, што го прави ефектот од стресот уште поголем, велат психијатрите. Најстрашно е тоа што жртвите се многу млади луѓе на возраст од 14 и 25 години.
„Станува збор за екстремно силен трауматски настан којшто ги крши сите човекови сили. Нема човек кој нема да се скрши од болка кога станува збор за загуба на дете“, вели Арсова.
По бесот ќе исплива тагата
По првичниот шок следат низа други реакции - кај некого бес, кај други немир, беспомошност и збунетост. Потоа на површина ќе исплива тагата, а со неа е најтешко секој да се справи.
„Очекувани се такви реакции - некој ќе покаже бес, некој ќе се повлече во себе и не ќе може да стане од кревет. Тоа обично трае неколку дена по што следи посттрауматска стресна состојба која трае подолг временски период и којашто со себе ги носи обележјата на нарушено расположение, вознемиреност, нарушено функционирање и спиење“, посочува докторката.
Психијатрите велат дека процесот на тагување трае цел живот, но најинтезивен во првите шест месеци по загубата. „Се учиме да живееме без оние коишто сме ги изгубиле. но никогаш нема да престане тагувањето и нема да се заборават тие луѓе“, додава директорката на Клиника за психијатрија.
Како да се пребродат ваквите трагедии?
Доктор Арсова во разговор за ДВ вели дека македонскиот народ е издржлив. „Низ историјата ни се случувале многу трауматски настани, сме поминале многу и мислам дека сме резилиентен (отпорен) народ, но ќе видиме доправа. Ќе мора да се избориме со ова, некаде со помалку, а некаде со повеќе помош“, вели таа и додава:
„Оваа колективна траума не засега сите, вклучувајќчи ги и здравствените работници. Оваа траума е премногу силна - го крши секого. Но, како некој ќе го преброди ова што ни се случува зависи и од возраста, но и од индивидуалната сила којашто ја поседува, како и од механизмите на одбрана коишто ги има за да може да ја надмине траумата и да се заштити“.
Тим од десетмина психијатри и четворица психолози во наредниот период ќе помагаат на терен, во координација со Министерството за здравство и болницата во Кочани, со цел да им се пружи помош на сите оние коишто ќе имаат потреба од тоа. Психијатри секојдневно вршат конзилијарни прегледи на сите повредени млади лица коишто се наоѓаат на скопските клиники.
„Психијатриската помош и поддршка ќе им биде потребна поинтензивно кога ќе се стабилизира нивното здравје и ќе се санираат повредите. Тие се наоѓаат во една акутна реакција на стрес којашто секој човек на различен начин ја манифестира. Некои зборуваат, некои молчат, други се во состојба на негација - не сакаат да поверуваат дека такво нешто се случило. Голем дел од нив изгубиле блиски или познаниници во таа несреќа. Процесот ќе трае, ќе биде болен и за секој од нив ќе биде потребен индивидуален пристап, бидејќи секој поинаку се соочува и справува со болката“, вели Арсова.
Психијатрите се подготвени да им помогнат и на оние коишто се лекуваат од повредите во болниците, но и на сите оние коишто чувствуваат потреба од помош во моментов. Докторката е децидна дека разумот мора да победи, колку и да е тешко да се каже тоа во оваа ситуација. Но, само на тој начин ќе може да се надмине оваа огромна болка и тага.