Резолуција: Македонија чека одговор - Софија е на потег
21 јули 2025Македонија чека потег од Бугарија за предлогот да се изготви заедничка резолуција со која ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик во Европскиот парламент. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ваквата резолуција би била пример двете држави да покажат што значи добри соседи и меѓусебна поддршка.
Тој посочи дека предлогот следи како „одговор на темата што ја отворил бугарскиот претседател Румен Радев“ и неговата изјава дека единствен услов бил само промена на Уставот и вклучување на македонски граѓани кои се изјаснуваат како припадници на бугарската заедница.
„Затоа јас реков – во ред, ако е само тој услов, еве, пред да дојдеме до тој услов да го исполниме, заеднички, преку бугарските европратеници да предложиме резолуција со којашто заедно, како соседи, ќе го потврдиме македонскиот посебен идентитет, македонскиот посебен јазик“, вели Мицкоски.
Знак на добра волја
Потоа, додава тој, во знак на добра волја, бугарската држава треба да ги примени пресудите од Стразбур, кои се однесуваат на човековите права што им се ускратени на Македонците во Бугарија. „Еве, заедно ова да го направиме, како добри соседи. Ние нашата обврска, тие нивната обврска“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Тетово.
Предлогот на премиерот, кој подоцна го презентираше и Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ, предизвика низа реакции во научната јавност, која што изрази стравување дека станува збор за „стапица“. Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, зборувајќи на оваа тема, во понеделникот (21.07) рече:
„Прифаќањето на гестот на премиерот не е поврзано со фактот, односно со прашањето дали ние веруваме во многувековноста на нашата историја, нашиот идентитет или нашиот јазик. Сето тоа што го прочитав како забелешки од експертската јавност, да тие се ноторни факти, кои што постојат, се потврдени од меѓународни организации, од научниот свет, но истовремено и академската заедница некогаш треба да биде свесна за политичката реалност“, вели тој.
Софија е на потег
Според Муцунски, политичката реалност е дека Бугарија и покрај сите овие непобитни факти „ги негира нашиот идентитет, нашата историја и нашиот јазик и тоа за нас претставува не само ризик, туку и пречка“.
„Во моментов Софија е на потег да покаже дали ќе оди напред во 21 век или ќе остане заглавена во реториката на 19. век. Јас сакам да верувам во разумот во прогресивноста на Софија, тоа се тешки одлуки, но затоа сите сме избрани да носиме тешки одлуки. Сега Софија има можност да покаже дали ќе застане на страната на прогресот, што не е само наш, туку и европски интерес“, рече Муцунски.
Со оглед на тоа што Бугарија тврди дека проблемот за отпочнувањето на преговорите со ЕУ, се само Бугарите во Уставот, македонската страна предлага да биде поднесена заедничка Резолуција во ЕП со којашто ќе се потврди самобитноста на македонскиот идентитет и јазик. Премиерот Христијан Мицкоски ваква понуда испрати до бугарскиот претседател Румен Радев.