Европски лидери во Скопје за да се одблокира патот кон ЕУ
12 мај 2025Европските лидери во пролетна дипломатска офанзива ќе направат уште еден обид за деблокирање на македонскиот пат ко Европската Унија. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, в четврток според најавите, треба да допатува во Скопје, во рамки на турнејата низ земјите од Западен Балкан којашто ќе заврши на 16 мај. Во план е тој да се сретне со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски.Во најава и е дека до крај на месецот во земјата треба да дојде високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас.
Посетите следат откако еврокомесарката за проширување на Европската комисија, Марта Кос, неодамна оцени дека Македонија е тажна приказна со оглед на тоа колку долго чека на процесот на преговори и изрази надеж дека до крајот на нејзиниот мандат, кој го презеде во септември 2024 година, Црна Гора и Албанија би можеле да станат членки на ЕУ.
Силен сигнал за приоритетите на ЕУ
Полскиот амбасадор во земјата, Мариуш Бримора, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, неодамна изјави дека посетата на претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта на Скопје, е уште еден силен сигнал на приоритетите на ЕУ. Фактот што го посетува Западен Балкан, тоа што доаѓа во Скопје, е доказ дека ние сме подготвени за проширување, порача амбасадорот во интервју за МИА.
„Исто така можам да споменам дека нашиот премиер Доналд Туск, ќе го посети Скопје во следните неколку месеци и ова ќе биде уште еден сигнал дека ние се грижиме за Северна Македонија, дека ја поддржуваме државата, дека Претседателството, Советот на ЕУ го поддржуваат процесот на отворањето преговори и тоа е силен знак дека ќе чекаме одговор од македонска страна“, нагласи амбасадорот.
Тој смета дека е потребна политичка волја, потребно е комлетирање на реформите во Северна Македонија и одржување на ентузијазмот за членство во ЕУ. Според Бримора, Северна Македонија не треба да ја загрижува 2030 година како датум за идното проширување на ЕУ, туку што побрзото исполнување на обврската за промена на Уставот, преземена во 2022 година.
„Вратите се отворени. Ова е многу поволен моментум за земјите-кандидати. Проблемите со светот денес, нестабилноста што ја споменавме, непредвидливоста, работата е дека ваквиот моментум не може да трае вечно. Значи, задача на Владата на Северна Македонија е да го искористи овој моментум се додека трае“, изјави Бримора.
„ЕУ останува наша цел“
Но, какви пораки ќе испрати македонскит државен врв на високите гости коишто ќе ја посетат земјата? Во пресрет на овие средби, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ЕУ беше и ќе остане наша цел. „Но, за жал, ние сме единствената држава во Европа која нема предизвици втемелени на постигнувања или друг тип критериуми што важат за другите земји кои станале или се во процес да станат земји членки“, истакна тој на Самитот Македонија 2025.
Дел од отстапките правени во минатото од голем дел од политичарите, според Мицкоски, се резултат на некои процеси во кои самите тие биле вовлечени, па биле притиснати до ѕид. „Дел од лекомисленост, а дел од национална исплакнатост и неводење грижа, ниту за жртвата дадена во минатото, ниту имале можност да имаат визија за иднината. Оваа Влада треба да живее со сето тоа и да се бори, дел од тој простор што некој претходно го зафатил, да го освои повторно. Тоа е тешко, не е лесно, но ќе се бориме“, вели Мицкоски.
Тој вели дека нивната стратегија била „да го зафатат теренот и да ги претстават нивните аргументи“.
„Тоа е демократската алатка што ја имаме на располагање, немаме друга. Ние сме еден од најмалубројните народи и држави во Европа и тоа е единствениот начин. Тоа значи дека треба да бидеме два, три пати подобри од сите други, ако сакате да звучите логично и другите да ве разберат и треба да научите да победувате и во Вашингтон и во Брисел и во Берлин и во Париз и во Рим, ако сакате да испратите поинаква порака од онаа што била слушана години наназад“, нагласи премиерот.
Заедничка визија за европската иднина
Клучните аспекти од пристапниот процес, имплементацијата на Реформската агенда, уставните измени, текот на подготовките за отворањето на преговорите по кластери, како и значењето на меѓуинституционалниот и меѓупартиски консензус за успешно справување со реформските приоритети, беа главни теми и на средбата во Брисел на министерот за европски прашања Орхан Муртезани со известувач на Европскиот парламент за земјава, австрискиот европратеникот Томас Вајц.
Во разговорите е потенцирано дека процесот на уставни измени, иако комплексен, останува неопходен чекор на европскиот пат на земјава, кој бара „одговорен пристап и обединување околу заедничката визија за европската иднина“.
Евроамбасадорот Михалис Рокас најави интензивна дипломатска активност во наредниот период со цел да се одблокира патот на Северна Македонија кон ЕУ. Европски лидери во наредните два-три месеци треба да ја посетат земјата со цел да се најде излез од сегашната ситуација.
Посетите следат откако македонската страна побара гаранции од ЕУ дека вметнувањето на Бугарите во Уставот ќе биде единствено билатерално прашање на македонскиот пат кон ЕУ. Претседателката Гордана Сиљановска- Давкова по средбата со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, рече дека Македонија останува посветена на патот кон ЕУ, но дека актуелната состојба е неодржлива, што зборува многу и за кредибилитетот и интегритетот на Унијата во една од најважаните области – проширувањето.
„Има нешта за кои може да се преговара, бидејќи се рационални и затоа што се врзани за мерит системот, но има нешта за кои не можете да ги исклучите емоциите и тогаш тоа е ирационално, како љубовта“, рече претседателката.