Мадуро им се заканува на САД со вооружен отпор
2 септември 2025Венецуелскиот претседател Николас Мадуро го опиша американското воено присуство на Карибите како „најголема закана“ во последните еден век. „Венецуела се соочува со најголемата закана што нашиот континент ја доживеал во последните 100 години“, рече тој на прес-конференција пред странски дописници.
„Осум воени бродови со 1.200 ракети и нуклеарна подморница ја таргетираат Венецуела. Тоа е екстравагантна закана. Неодбранлива, неморална и апсолутно криминална“, изјави Мадуро.
Во случај на напад од страна на САД, тој се закани со вооружен отпор. „Доколку Венецуела биде нападната, веднаш ќе се прибегнеме кон вооружена борба во одбрана на нашата територија“. Мадуро рече дека ќе прогласи „република во оружје, во согласност со Уставот“.
САД го обвинуваат Мадуро за вмешаност во трговија со дрога
Конфликтот меѓу двете земји неодамна ескалираше. Според медиумски извештаи, САД во последните недели распоредиле неколку американски воени бродови на карипскиот брег на Венецуела за да пресретнат шверцери на дрога. Сепак, во Вашингтон не се зборува за упад на венецуелска територија.
Владата на САД, исто така, ја дуплираше наградата за информации што би довеле до апсење на Мадуро - до 50 милиони долари (приближно 43 милиони евра). Министерството за правда на САД го обвинува венецуелскиот лидер за вмешаност во меѓународна трговија со дрога.
Мадуро сака да регрутира милиција
Мадуро неодамна ја објави својата намера да регрутира дополнителни милиционери. Паравоената милиција на Венецуела тврди дека моментално има околу 4,5 милиони членови. Покрај резервистите, таа вклучува бројни членови на владејачката социјалистичка партија, вработени во државни компании и пензионери. Безбедносните експерти се сомневаат во воената сила на милицијата.
Мадуро беше контроверзно реизбран за претседател во јули 2024 година, и покрај тоа што опозицијата и независните организации посочуваа на веродостојни докази за спротивното. Соединетите Американски Држави, Европската Унија и неколку латиноамерикански влади за легитимно избран претседател на Венецуела го признаа неговиот противник, Едмундо Гонзалез, кој сега живее во егзил во Шпанија.