Либија апелира за помош по невремето - илјадници жртви
12 септември 2023Во Либија, земја во која владее граѓанска војна, ситуацијата по силното невреме е катастрофална. Големи делови од северот на земјата се под вода, а посебно тешко погоден од бурата „Даниел“ е пристанишниот град Дерна. Поројните врнежи од дожд предизвикаа излевање од коритото на реката која тече низ градот. Службеник од градскиот совет јави дека се урнати четири важни моста на реката, бројни згради се поплавени, а во прекин е електричната енергија и интернет мрежата. Спасувачките акции се одвиваат тешко и е неопходна помош од хеликоптери.
Шефот на претседателскиот кабинет Мохамед ал-Манфи преку Фејсбук упати апел до „братските и пријателските земји и меѓународни организации да помогнат“.
Турција испраќа спасувачки тим
Турција веќе најави помош, владата испраќа три авиони со спасувачки персонал, како и неколку возила и чамци за спасување, соопшти турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган преку онлајн платформата Х (поранешен Твитер). Спасувачите, 168 на број, се припадници на полицијата, турската служба за заштита од кататсрофи и невладини организации.
Франција најави мобилизирање на ресурси за пружање итна помош, а истото го најави и Вашингтон, во соработка со ОН.
Различни наводи за бројот на жртви
За бројот на жртви нема независно проверливи податоци. Владата во источниот дел од земјата смета на илјадници мртви. Премиерот на една од ривалските влади во земјата во која владее граѓанска војна, Осама Хамад за ТВ Ал Масар изјави дека се очекува бројот на жртви само во Дерна да изнесува повеќе од 2.000 и илјадници исчезнати. Шефот на хуманитарната организација Црвена полумесечина во Бенгази, Каис Факери, претходно ситуацијата ја опиша како катастрофална, но зборуваше за 150 мртви и претпоставка дека бројот би можел да се искачи на 250. На кои податоци се потпира регионалната влада не е јасно.
Покрај Дерна погоден е и регионот на морскиот брег, вклучувајќи го и пристанишниот град Бенгази, каде е воведена забрана за движење и училиштата се затворени.
Бурата „Даниел“ ја погоди Либија во неделата. Владата во главниот град Триполис под премиерот Абдул Хамид Дбаиба соопшти дека тоа биле најобилните врнежи од дожд во последните 40 години.
Во источниот дел од земјата се наоѓаат најголемите нафтени наоѓалишта и пристанишни терминали за извоз на нафта. Националната нафтена компанија НОЦ поради поплавите прогласила највисок степен на тревога и ја намали продукцијата.
По падот на долгогодишниот владетел Моамер ел Гадафи во 2011 година,во Либија избувна граѓанска војна.Бројни милиции сè уште се борат за влијание во државата во Северна Африка богата со нафта. Две непријателски влади, една со седиште на исток и една на запад, моментално се борат за превласт. Сите дипломатски напори за мирно решавање на конфликтот досега пропаднаа. Конфликтот дополнително го поттикнуваат странски држави.