Лекар во Берлин убил најмалку 15 пациенти
16 април 2025Јавното обвинителство во Берлин поднесе обвинение против лекар за палијативна нега за убиство на 15 пациенти. Постои сомнение дека 40-годишникот убил дванаесет жени и тројца мажи во периодот од септември 2021 година до јули 2024 година, а потоа запалил некои од становите за да ги прикрие своите злосторства, соопштија властите во германската престолнина. Жртвите биле на возраст меѓу 25 и 94 години.
Лекарот е осомничен дека на своите пациенти, без постоење медицинска индикација и без нивно знаење, им давал наркотично средство, а потоа и мускулен релаксант. Се смета дека второто водело до парализа на респираторните мускули, а со тоа и до респираторен застој и смрт во рок од неколку минути.
Јавното обвинителство во обвинението наведува дека станува збор за подмолни убиства од ниски мотиви. Покрај осудата, се бара утврдување на особена тежина на вината, затворска казна и изрекување на доживотна забрана за вршење на професијата.
Засегнатите пациенти не биле во акутна фаза на смрт. Истрагата е покрената од пожарите во становите на некои од жртвите. Фокусот сè повеќе се префрлал на лекарот, за што помогнале и укажувањата од медицинската служба за која работел обвинетиот.
Лекарот се наоѓа во притвор од август 2024 година. Првично издадениот налогот за апсење против него бил постојано прошируван со вклучување нови обвиненија. Додека истражителите првично претпоставуваа дека станува збор за четири жртви, нивниот број во ноември 2024 година се зголеми на осум и десет во февруари 2025 година. 15-те досега познати злосторства се извршени во неколку квартови во Берлин.
Според обвинителството, специјално формиран истражен тим во одделението за убиства при Покраинската криминалистичка полиција и јавното обвинителство истражил вкупно 395 т.н. случаи за нужна проверка. Во 95 од овие случаи е потврдено првичното сомневање и поведена е истрага. Во пет случаи првичното сомневање не е оправдано, а во 75 случаи сѐ уште се водат истраги во одвоени постапки. Според тоа, бројот на осомничени жртви може да се зголеми.
Според јавното обвинителство, во текот на истрагата веќе се извршени дванаесет ексхумации. За одвоените постапки се планирани уште пет ексхумации. Според јавното обвинителство, лекарот сѐ уште не се изјаснил за обвинувањата, а уште не се знае кога ќе се одржи судење.