Лавина реакции за идејата за данок за немажени и неженети
4 јули 2025Лавина реакции во јавноста предизвика најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека се размислува за воведување данок за немажени и неженети, како едн аод мерките за справување со демографските проблеми коишто ја тиштат Македонија. Темата не е нова и со години нанзад се отвора одвреме-навреме, но секогаш е бурно пречекувана во јавноста. Некој предмолчно ја поддржува, но побројни се оние коишто упатија низа критики на социјалните мрежи порачувајќи дека станува збор за мерка којашто не само што нема да ги задржи младите во земјата, туку напротив може да го потикне нивното заминување оттука.
„Воведувањето данок за немажени/неженети е дискриминација. Лично право на секого е да избере како ќе живее - сам или во брак. Не може државата со сила да ги тера граѓаните да се женат или мажат“, коментираат дел од граѓаните.
Во држава каде што младите масовно се иселуваат, платите не стигнуваат до крајот на месецот ниту за основните потреби, а становите се луксуз за повеќето млади луѓе, граѓаните се чудат како е можно некој воопшто да размислува за казнување на оние коишто не се одлучиле на брак, со тоа што ќе требаат да плаќаат екстра давачка.
„Семејството не се гради со присила и казни. Се гради со доверба во државата – нешто што токму со овие предлози се разградува“, се вели во дел од коментарите.
Алармантни проекции
Мицкоски на дебата во Владата за демографските трендови, предизвици и можни решенија рече дека демографскиот аларм е вклучен, бидејќи Македонија за четири години има изгубено 33 илјади жители - како еден град од големина на Кавадарци и Кичево. Со цел да се спречи овој негативен тренд, каде бројот на починати со години наназад е поголем од бројот на новородени деца, Владата размислува да преземе низа мерки - а една од нив е и воведување на данок за немажени и неженети. „Знаеме дека нема магично решение. Но, има намерна, постојана, државничка борба. И ние ја почнавме. Секоја мерка, секоја инвестиција, секоја политика што ја носиме е со цел да ја вратиме вербата. И тука сериозно размислуваме за дополнителни даноци за немажени и неженети“, рече Мицкоски
Според податоците на Државниот завод за статистика објавени неодамна, во 2024 година, се родиле 16.061 дете, а починале 20.201 лице, што е природен пад од 4.140 луѓе за само една година;
„Во последните 4 години, изгубивме повеќе од 33.000 жители - како да исчезна еден град од големина на Кавадарци или Кичево. Стапката на наталитет падна од 12,5‰ во 2010 година на само 8,8‰ во 2024 година. Во многу општини и села веќе нема ниту прво одделение. Сè повеќе луѓе живеат сами. Сè помалку се женат, сè помалку деца се раѓаат. Ова не се само бројки. Ова е тишина што се шири“, вели премиерот.
Проценките се дека бројот на население во земјата во наредните години може да се намали и за 35 проценти. Проекциите на Државниот завод за статистика укажуваат дека до 2070 година може да дојде до енормно намалување на населението на 1.3 милиони лица.
Стара идеја - ново незадоволство
Ваквата идеја беше споменувана неколкупати во минатото. Во текст објавен во 2008 година, згаснатиот Утрински весник наведува дека и тогаш се размислувало немажените девојки и ергените да плаќаат данок на државата ако задоцниле со склучување брак. Тогашните размислувања биле девојките со полни 26 години и момчињата со 28 години кои не успеале да стапат во брак, од платата да им се одбиваат до 1.000 денари месечно. Надлежните институции тогаш тврдеа дека не станува збор за официјална идеја којашто била ставена на маса за разгледување, туку најверојатно за предлог произлезен од „Денот на идеите“ - кога граѓаните доставуваа свои идеи до Владата.
И тогаш и сега претпоставките во јавноста се дека најверојатно се испитува „пулсот“ на граѓаните, или пак е обид за дефокусирање од актуелните политички случувања во земјата и нејзината евроинтеграција.
Странски искуства
Данокот на немажени и неженети бил присутен во различни историски периоди и земји, најчесто како обид на државата да ги поттикне луѓето да се венчаат и да имаат деца. Денес таков данок во класична форма речиси не постои.
Некои земји имаат фискални стимулации за брачни парови, што може да се смета за индиректна форма на таков данок, како на пример во САД. Во некои случаи, венчаните парови плаќаат помалку данок отколку поединци со иста вкупна заработка. Во Франција, Германија и Јапонија има даночни олеснувања за брачни партнери и семејства со деца.
Во Сингапур има големи бенефиции за брачни парови, но нема казна за неженетите.