Лав XIV: Американскиот кардинал Превост е новиот папа
8 мај 2025Американецот Роберт Френсис Превост е новиот папа. Тој ќе се нарекува папа Лав XIV. Кардиналот протоѓакон Доминик Мамберти го објави изборот на новиот папа на главниот балкон од базиликата „Свети Петар“ со зборовите „Habemus Papam“. Папата Лав XIV е првиот Американец кој ја извршува оваа функција .Кардиналите го избраа 69-годишнииот кардинал за наследник на папата Франциско како нов поглавар на католичката црква. Франциско почина на велигденскиот понеделник на 88-годишна возраст. Тој беше на чело на Католичката црква од март 2013 година.
Воодушевување на плоштадот „Свети Петар“
Десетици илјади луѓе го пречекаа новиот папа со аплауз и извици „Да живее папата“ на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан. Во средата, 133-те кардинали со право на избори се повлекоа во Систинската капела во Ватикан за конклавата. Новите папи традиционално се избираат со тајно гласање, изолирани од јавноста.
Долго време, поглавари на католичката црква од САД се сметаа за незамисливи. За да се избегнат политички сплетки, поглаварот на најголемата верска заедница во светот всушност не требаше да доаѓа од најмоќната земја на планетата.
Под водство на неговиот претходник Франциско, 69-годишникот ја раководеше Канцеларијата за бискупи на Ватикан, во суштина одделот за човечки ресурси на Католичката светска црква. На оваа позиција, тој беше одговорен за назначувањата на епископи низ целиот свет во последните две години.