Кримските Татари и можното признавање на анексијата на Крим
1 мај 2025За неговиот „мировен план“ американскиот претседател Доналд Трамп е подготвен анектираниот украински полуостров Крим трајно да го признае како составен дел од руска територија. ДВ на Крим во врска со ова разговараше со претставници на кримските Татари, домородното население на полуостровот.
„Нашата борба ќе продолжи“
„Премногу добро знаеме каква е Русија. Таа е наследник на Советскиот Сојуз, кој некогаш ги депортираше мајка ми и баба ми“, вели една жена која сега живее на Крим и сака да остане анонимна. „Дури по половина век се вративме во нашата татковина и нема повторно да си одиме. Тука ќе чекаме на враќање на украинските државни власти“, додава таа.
„Нашиот народ се бореше за правото да живее на своја земја. Затоа оваа борба ќе продолжи, без оглед каква и да биде политичката ситуација“, вели друга жителка на полуостровот, која исто така сака да остане анонимна. Таа потсетува дека угнетувањето на домородното население започнало уште со освојувањето на Крим од страна на царска Русија. Во 1944 година, кримските Татари беа депортирани во Централна Азија од страна на советските власти. Дури во 1990-тите им беше дозволено да се вратат во својата татковина, во тоа време веќе независна Украина. Во 2014 година, Крим повторно беше заземен од Русија и многу кримски Татари беа прогонувани поради нивниот проукраински став и принудени да ја напуштат својата татковина.
Во тоа време, вели жената, кримските Татари биле разочарани што украинската влада не се борела за „зачувување на полуостровот како дел од Украина“. Денес би ѝ олеснило ако со политичка одлука се стави крај на секојдневното умирање во војната. „Од друга страна, многумина мислат дека доколку Украина ги признае окупираните територии како руски, сите човечки животи паднати во одбрана на украинската независност и државност би биле залудна жртва“, вели оваа Татарка од Крим.
Според неа, договорот што моментално се дискутира би ги легитимирал територијалните отстапки кон Русија. Потоа луѓето на окупираните територии би можеле да станат политички затвореници бидејќи таму би важело руското законодавство, истакнува таа.
„Сметавме на САД како упориште на демократијата“
Дебатата за територијалните отстапки на Русија „се разбира предизвикува негативна реакција и во умот и во срцето“, вели Нариман Џељал, прв заменик-претседател на Меџлисот, претставничкото тело на кримските Татари и поранешен политички затвореник. „Во сите години на окупација на Крим и руска агресија, се потпиравме на Соединетите Американски Држави. САД за повеќето Украинци и за одредени жители на Крим отсекогаш се сметаа како водечка земја во заштитата на човековите права и упориште на демократијата. А сега сме сведоци на таков пресврт, на таков комерцијален прагматизам“, критикува тој. Како централно извршно тело на кримските Татари, Меџлисот од април 2016 година од страна на Руската Федерација е оквалификуван како „екстремистичка организација“ и од тие причини и забранет.
Џељал укажува на принципиелниот став на украинската влада, која одбива да го признае Крим како руски. „За локалното население на Крим украинските власти можат де факто малку да направат. Затоа, симболични нешта како декларациите за непризнавање на анексијата на Крим и желбата за негова реинтеграција во Украина се најважната врска меѓу нашиот народ и слободната територија на Украина“, објаснува поранешниот политички затвореник. „Ако се согласат со предлогот на Трамп и на неговите претставници, ќе ја прекинат таквата врска“, предупредува тој.
„Полуостров на стравот“
„Нашиот народ никогаш нема да ѝ верува на руската империја“, вели Сејдамет Мустафајев, бегалец од Крим, кој зборува за „полуостров на стравот“. „Генерално не гледам мировен договор со Владимир Путин. Отсекогаш сум бил пацифист и сакам да живеам во мир. Но, не разбирам како може да се преговара со оваа личност ако неговата цел е уништување на украинскиот идентитет“, нагласува тој во интервју за ДВ.
Мустафајев си посакува руско-украинската војна да заврши со ослободување на Крим, бидејќи на крајот на краиштата таа и започна со окупацијата на полуостровот. Тој мисли дека мировен договор што подразбира територијални отстапки неизбежно би довел до светска војна.
„За тоа не се борам“
За кримските Татари меѓу украинските војници со кои разговараше ДВ, условите за завршување на војната во голема мера зависат од Украина. Војникот кого го викаат „Татар“ смета дека никој не може да ја притисне Украина да направи територијални отстапки. „Украина сега има армија која пружа отпор на руската од 2022 година и го уништи нејзиниот потенцијал. Таа сега не се бори само со американско оружје, туку и со сопствено“, нагласува тој. Признавањето на руската анексија на Крим би претставувало опасен преседан што би можел да предизвика вооружени конфликти околу територијални претензии низ целиот свет. „Можеш да се откажеш од сè, но не и од сопствената земја. Не се борам за тоа“, вели Татар.
„Договор не значи откажување од принципите“
„Суверенитетот, територијалниот интегритет и правата на Украинците под окупација не се предмет на преговори“, нагласува пратеничката во украинскиот парламент, Тамила Ташева. Таа беше постојан претставник на претседателот на Украина во Автономната Република Крим од 2022 до 2024 година.
„Признавањето на Крим како руска територија би значело не само откажување од неа, туку и негирање на прогонот, апсењата и депортациите што Украинците и кримските Татари мораа да ги издржат на полуостровот“, предупредува Ташева во интервју за ДВ.
Според неа, праведен мировен договор треба да се темели врз меѓународното право. Но, „реалистичен договор“, како што вели таа, не мора да значи откажување од принципите, туку би можел да овозможи и постепен процес. „Подготвени сме за дијалог за изнаоѓање решенија, но никогаш нема да ја прифатиме окупацијата како нормалност.“