Кремљ: Прекин на огнот би било „земање здив“ за Украина
13 март 2025Кремљ го критикуваше предлогот на САД за прекин на огнот во Украина како можност за „земање ѕдив“ за украинската армија. „Ова не е ништо повеќе од привремено одложување за украинските војници, ништо повеќе“, рече советникот на рускиот претседател Јуриј Ушаков во интервју за руската државна телевизија во четвртокот. Рускиот претседател Владимир Путин „веројатно“ ќе го коментира ова прашање во четврток.
Ушаков изјави дека ја изложил позицијата на Русија во телефонски разговор со американскиот советник за национална безбедност Мајк Волц. Русија се стреми кон „долгорочно мирно решение“ кое ќе ги земе предвид „легитимните интереси“ на Русија, истакна тој.
Американските преговарачи се на пат за Русија на разговори за 30-дневен прекин на огнот во Украина.
Според владата во Москва, испраќањето европски мировници во Украина би значело влегување во „директен вооружен конфликт“ со Русија. „За нас е апсолутно неприфатливо армиските единици на други држави да бидат стационирани во Украина под какво било знаме“, изјави во четвртокот портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова. Русија би одговорила на ова со „сите расположливи средства“.
Украина сака нејзините европски сојузници да стационираат воени „контингенти“ на украинска територија при евентуален крај на конфликтот, кој трае веќе три години, за да ја заштитат земјата од идни напади на Русија. Франција и Британија предложија испраќање мировници. „Без разлика дали станува збор за странски контингент или воена база... сето ова би значело вклучување на овие земји во директен вооружен конфликт со нашата земја“, рече Захарова.
Неодамна, Украина изрази поддршка за американскиот план за 30-дневен прекин на огнот. Сега се очекува американските преговарачи да го претстават планот во Русија.