Кос: Нема гаранции дека по уставните измени ќе нема пречки
16 април 2025Никој не може да ѝ даде гаранции на Северна Македонија ако сега го смени Уставот, дека повеќе нема да има пречки на европскиот пат, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) во одговор на прашање на МИА дали ЕУ и земјите членки можат да гарантираат дека по спроведување на уставните измени не би имало нови блокади поради билатерални прашања поврзани со идентитетот, јазикот или историја.
„Разбираме дека ова не е лесно прашање. Промена на Устав. Сфаќаме и тоа е многу човечки и разбирливо што вашата земја сака да има гаранции по се она што го помина. Гаранции не може да има, но она што го очекувам од сите земји членки кога има билатерални прашања, е разговорите да се водат со добра волја и со визија да се дојде до компромис“, рече Кос.
Билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес
Таа нагласува дека ова не значи дека ЕК не работи на тоа да ѝ помогне на земјата да ги започне преговорите по кластери, потенцирајќи дека лично е ангажирана околу билатералното прашање со Бугарија и дека заминува за Софија на средби со сите бугарски политичари, а потоа ќе контактира и со политичарите во Македонија.
„Најдобро би било билатералните прашања да не се мешаат во пристапниот процес. Тоа не значи дека билатералните прашања не се важни. Знаете, можам да разберам дека Унгарија се бори за своето малцинство (во Украина). Можам да разберам дека и Бугарија го прави истото, но лошо е кога ова навистина се меша со процесот на пристапување“, рече Кос.
Таа изрази надеж дека наскоро ќе се најде решение за деблокада на пристапниот процес на земјата, по што ќе може без никакви нови услови да започнат преговорите по кластери. „Затоа порачуваме, ве молиме направете ги реформите и бидете подготвени да го отвориме првиот кластер“, вели еврокомесарката за проширување.
Нова динамика во процесот
Има нова динамика во процесот на проширување, според Кос, сепак тој останува заснован на заслуги, но она што сега позитивно влијае врз него е тоа што има нова визија на Европската Унија за забрзување на пристапувањето.
„Од друга страна, ние исто така, особено преку Планот за раст, се соочуваме се еден вид притисок од колегите, особено во Западниот Балкан. И тогаш имаме разлики. На пример, знаете Албанија беше заедно со Северна Македонија. Сега, по раздвојувањето, Албанија направи навистина добар напредок. Но, зад себе нема да оставиме ниту една земја. Ние сме силно посветени сите да ги внесеме во ЕУ. Но, секако, ќе се држиме до заслугите и ќе видиме. Ние навистина сме силно вклучени во билатералните прашања, кои таму (на Западниот Балкан) ги има доста“, потенцира Кос.
Шампион на Планот за раст
Таа оценува дека Северна Македонија е „шампион кога се работи за Планот за раст на Европската комисија“, потсетувајќи дека земјата прва ги доби средствата за предфинансирање. Од вкупната сума од шест милијарди евра од Планот за раст, за земјата се предвидени 715 милиони евра, во чии рамки е и предфинансирањето од 52 милиони, од кои еден дел се исплатени директно во државниот буџет, а останатиот дел оди преку Инструментот за реформи и раст на Западниот Балкан.
„Во тој поглед, не треба да се грижите за Северна Македонија. Таа навистина е на добар пат“, вели Кос.
Од вкупната сума на средства од Планот за раст една третина се грантови, а две третини заеми и тие средства се наменети за спроведување на реформите дефинирани со реформските агенди на секоја земја. Најголем дел од средствата се наменети за реформи во владеењето на правото, потоа за развој на бизнисите или деловното опкружување, за дигитализацијата, за транспортот, за енергија и за развивањето вештини.
Самитот за Планот за раст на Западниот Балкан требаше да се одржи минатиот месец во Скопје, но беше одложен поради трагедијата во Кочани. Најавите се дека тој би можел да се одржи во јуни, кога Кос размислува да ја посети Северна Македонија.