Конгрес на ЦДУ: Едногласна поддршка за Фридрих Мерц
4 февруари 2025Лицето на шеесет и деветгодишниот Фридрих Мерц изгледаше подмладено за десет години во моментот кога беше пречекан со громогласен аплауз на сцената во модерната хала на Берлинскиот саем Сити Кјуб кој не запре долго време.
Германија на 23 февруари ќе избира нов состав во Бундестагот. Предвремените избори беа распишани откако коалицијата на социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП) се распадна на почетокот на ноември. Сите политички сили претставени во германскиот парламент одржаа партиски конгреси во рок од еден месец, за да ги потврдат изборните програми и да ги охрабрат своите учесници во предизборната кампања или нивните лидери кои се кандидираа за функцијата германски канцелар.
Кандидатот на демохристијанската Унија (ЦДУ/ЦСУ) Мерц трипати се обиде да го запре аплаузот. Можеби му беше малку непријатно, или можеби уживаше во моментот. Веќе на почетокот на петчасовниот митинг, 950 делегати на демохристијаните му покажаа на Мерц дека има едногласна поддршка.
Навистина му е потребна таа поддршка. Минатата недела тој ултимативно побара Бундестагот да донесе одлуки за зајакнување на контролата врз миграцијата и запирање на илегалната миграција и тоа ја вжешти атмосферата. Така, не само што германскиот парламент доби главна улога во одлучувањето, туку и Алтернативата за Германија (AфД).
Тоа беше драма со неколку чина. Демохристијаните прво поднесоа необврзувачко барање кое доби мнозинство само затоа што за него гласаа и пратениците на Алтернатива за Германија. Наредниот ден демохристијаните и АфД не собраа доволно гласови за да го изгласаат законот.
Мерц ја презеде функцијата шеф на ЦДУ во јануари 2022 година и тогаш вети дека нема да соработува со Алтернатива за Германија. Сега, поради заедничкото гласање, наиде на бројни критики од политичките противници, но и од претставниците на црквата и од Централниот совет на Евреите во Германија. Минатиот викенд стотици илјади луѓе излегоа на улиците во Германија во знак на протест. Според полициски извори, само во Берлин на улиците имало 160.000 луѓе.
Уште едно „не“ за Алтернатива за Германија
Говорот на Мерц траеше 50 минути и се фокусираше на соработката со екстремната десница. Тој рече дека може многу јасно и недвосмислено да гарантира: „Нема да соработуваме со партија која себеси се нарекува Алтернатива за Германија. Ни пред ни потоа, никогаш нема“.
Мерц потоа го појасни својот став. „Таа партија е против сето она што нашата партија и нашата земја го изградија во последните години и децении.“ Тој го наведе примерот дека АфД е против западната ориентација на Германија, еврото и НАТО и додаде дека нема соработка со таква Алтернатива за Германија, па дури ни во демохристијанска малцинска влада.
Делегатите станаа, аплаузот се претвори во овации. Демохристијанските конгреси немаат традиција на дебата, особено не за време на предизборните кампањи. Но, реакцијата на присутните делегати е знак дека оваа изјава на лидерот на партијата им била исклучително важна. Тоа делегатите на демохристијаните го кажуваа и во некои неофицијални разговори.
Планови за периодот по победата
Сепак, Мерц имаше и други важни пораки. Тој нагласи дека економската состојба во Германија е лоша и најави низа чекори кои ќе ја вратат земјата на патот на економскиот раст. Се зборуваше за намалување на даноците за бизнисите и бирократските пречки, како и за иновации и истражувања.
Мерц предупреди дека климатските промени не смеат да се игнорираат и дека патот кон „климатска неутралност“ е неповратен. Мерц не се изјасни дали ќе се залага за враќање на нуклеарната енергија.
Делегатите усвоија „итна програма“ со која најавија поништување на законските одлуки на претходната влада во неколку случаи. Се споменуваше контролирана легализација на канабисот, како и закон за греењето. Програмата содржи и мерки за стимулирање на економијата. Вклучува и мерки за намалување на илегалната миграција препишани од контроверзниот пакет мерки за кои се изјаснуваше Бундестагот.
Мерц зборуваше и за надворешната политика, а во салата тогаш владееше молк. Лидерот на демохристијаните рече дека „најголемиот предизвик во наредните години“ ќе биде „зачувувањето на слободата“. Тој додаде дека бруталниот напад на Русија врз Украина е „напад и на нашата слобода, на Европа, на Западот и на просветителството“. Мерц ја нарече воената закана од Русија „многу реална“. Кандидатот на демохристијаните на парламентарните избори најави продлабочување на односите со Франција и со Полска. „Повторно ќе бидеме уверени Европејци.“
Пред лидерот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) Мерц, зборуваше баварскиот премиер и шеф на Христијанско-социјалната унија (ЦСУ), Маркус Зедер. Тој ја вжешти атмосферата. Помеѓу Мерц и Зедер постои хармонија која не постоела со години.
Зедер истакна дека партијата Алтернатива за Германија е „екстремна десница“, но дека нејзините гласачи не се. Баварскиот премиер рече дека канцеларот Шолц мора да си замине, напаѓајќи ја сегашната црвено-зелена коалиција поради легализацијата на канабисот и родово коректниот јазик. Зедер ја отфрли можноста за коалиција со Зелените под водство на Роберт Хабек.
Зедер зборуваше околу четириесет и пет минути, речиси колку и Мерц по него. Баварскиот политичар е секогаш добар кога треба да се загрее публиката. Кога новинарите побараа од Херберт Ројл (ЦДУ), министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна-Вестфалија, да ги оцени конгресот и говорниците по митингот, тој рече: „Зедер беше гласен, Мерц беше паметен“.
По петчасовниот партиски конгрес, се чини дека многу делегати сметаат дека социјалдемократите ќе бидат коалициски партнер на демохристијаните по изборите. Сепак, на сите им е јасно дека наредните недели може да донесат промени во расположението на гласачите.
И ретко кој ги спомнува либералите (ФДП) и нивниот лидер Кристијан Линднер, иако таа партија отсекогаш била омилениот коалициски партнер на демохристијаните.
Мерц има намера да ги започне преговорите за формирање нова влада веднаш на 23-ти февруари. И тој и неговиот генерален секретар Карстен Линеман дадоа слично предупредување во рок од половина час - дека се неопходни нови импулси уште пред летниот распуст „за луѓето да можат да одат на одмор со нов оптимизам“.