Конфликт меѓу Индија и Пакистан: Нови напади и обвинувања
10 мај 2025Во конфликтот околу Кашмир дојде до дополнителни судири меѓу Индија и Пакистан. Двете страни меѓусебно се обвинија за напад со артилерија и беспилотни летала. Од средата секојдневно постојат извештаи за судири.
Според индиската армија, Пакистан во петокот извршил напади со беспилотни летала на индискиот дел на Кашмир, бомбардирајќи го, меѓу другото, градот Џаму. За прв пат, експлозии беа пријавени и од светиот индиски град на Сиките, Амритсар во државата Пенџаб.
Индиската армија соопшти дека дронови биле забележани и пресретнати на 26 локации. Индија „возвратила“ и дала „соодветен одговор“.
Нападнати цели во Пакистан
Пакистанската влада во текот на ноќта објави дека нападите врз три нејзини воени бази во провинцијата Пенџаб биле одбиени без жртви или материјална штета, по што војската ја започнала „операцијата Бунџан“. Според пакистанските државни медиуми, биле погодени и уништени неколку индиски воени цели. Пакистанската војска извести дека индискиот систем за противвоздушна одбрана бил уништен со хиперсонични ракетни напади. Индија експлицитно го негираше ова. Тврдењето дека е уништен систем за противвоздушна одбрана С-400 во Адампур не е точно, објави весникот „Индиан експрес“, цитирајќи воен претставник. Хиперсоничните проектили се сметаат за особено опасни бидејќи нивната голема брзина и маневрирање го отежнуваат пресретнувањето од системите за противракетна одбрана.
За експлозии претходно беше јавено од неколку градови во Пакистан. Воздушниот простор над Пакистан е затворен.
Според армиски извори, поединечни проектили истрелани од индиски борбени авиони ја совладале воздушната одбрана, но не предизвикале никаква штета. „Секој сантиметар од нашата татковина ќе биде одбранет“, објави пакистанската влада на платформата X. Индија очигледно е подготвена да продолжи со својата „агресија“ - а пакистанските вооружени сили се опремени да ја бранат безбедноста на земјата.
Пакистанското Министерство за надворешни работи претходно ја обвини Индија за „воена хистерија“. „Многу е жално што непромисленото однесување на Индија ги доближи двете држави кои поседуваат нуклеарно оружје поблиску до голем конфликт“, изјави портпаролот на пакистанското Министерство за надворешни работи, Шафкат Али Кан во Исламабад. Сепак, Пакистан „нема да деескалира“, туку ќе остане „во воена состојба“ се додека суверенитетот на земјата е „загрозен“, истакна портпаролот на армијата Чаудри.
Земјите од Г7 повикуваат на деескалација
Во средата наутро, деценискиот конфликт околу регионот Кашмир воено ескалира: Индија бомбардираше неколку цели во Пакистан, а Исламабад одговори со артилериски оган. Оттогаш, најмалку 50 луѓе се убиени.
Влошената ситуација предизвика голема загриженост на меѓународно ниво. Земјите од седумте водечки западни демократии (Г7) ги повикаа и Индија и Пакистан на најголема можна воздржаност и апелираа на директен дијалог. „Понатамошната воена ескалација претставува сериозна закана за стабилноста на регионот. Ние сме длабоко загрижени за безбедноста на цивилите од двете страни“, се вели во соопштението на групата држави, во која се Германија, САД, Канада, Франција, Италија, Јапонија, Обединетото Кралство и шефот за надворешна политика на Европската унија.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ги повика двете земји да ги деескалираат тензиите. Меѓутоа, во интервју за Фокс њуз, тој додаде дека САД не можат да ги контролираат своите азиски соседи со нуклеарно оружје. Во разговор со началникот на пакистанската армија Асим Мунир, американскиот министер за надворешни работи Марко Рубио исто така ги повикал двете страни во конфликтот „да најдат начини за деескалација“, соопшти портпаролката на американскиот државен секретар, Тами Брус. Рубио, исто така, понудил поддршка од САД за иницирање „конструктивни разговори“ меѓу Индија и Пакистан.
Судирите ги предизвика нападот врз индиски туристи
Непосреден повод за разгорувањето беше нападот на радикалните исламисти врз хинду туристите во индискиот дел на Кашмир на 22 април, во кој беа убиени 26 лица. Индија соопшти дека двајца од тројцата осомничени напаѓачи се пакистански државјани, но не обезбеди детални докази. Пакистан негира каква било вмешаност во терористичкиот напад.
Индија и Пакистан, од стекнувањето независност од Британија во 1947 година, водеа две од нивните три војни токму за Кашмир. Според Меѓународниот институт за стратешки студии, двете држави моментално располагаат секоја со околу 170 нуклеарни боеви глави.