Конфликт:22 македонски граѓани чекаат евакуација од Израел
16 јуни 2025Дваесетина македонски државјани чекаат евакуација од Израел и безбедно враќање дома, по воениот конфлик со Иран, којшто ескалираше деновиве. Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија (МНРиНТ) помош побарале 22 лица и во тек се активности за нивна скорешна евакуација и трансфер до безбедна локација, од каде што дополнително ќе се организира нивно враќање во земјата.
Македонското дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив е во постојана комуникација со македонските државјани, а од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уверуваат дека активно се работи на обезбедување на сите неопходни услови за нивно безбедно враќање.
Поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, надлежните апелираа до сите државјани на Северна Македонија кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран, доколку им е потребна конзуларна помош, веднаш да стапат во контакт со надлежните институции преку дежурните (СОС) телефонски броеви.
„Одложете ги патувањата ако можете“
Воедно, се апелира до сите државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба.
За помош и асистенција, граѓаните можат да се обратат на следните контакти:
- Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив - Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546 Е-пошта: telaviv@mfa.gov.mk и
- Министерство за надворешни работи и надворешна трговија Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736, Е-пошта: globalsos@mfa.gov.mk.
Кризен штаб
Во рамки на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција.
Околу 40 000 странци, повеќето туристи, чекаат евакуација од Израел поради тековниот конфликт со Иран, соопшти израелското Министерство за туризам. По ескалацијата на судирите, авиокомпаниите ги откажаа летовите, принудувајќи ги патниците да одлучат дали да чекаат да заврши конфликтот или да бараат алтернативни патишта низ соседните земји.
Воздушниот простор на Израел е затворен за цивилен воздушен сообраќај, а израелската национална авиокомпанија „Ел Ал Ерлајнс“ соопшти дека ги откажува летовите до 23 јуни. Ограничувањато ќе важи сè додека безбедносната ситуација не се подобри.
Најлесниот излез е преку копнени премини во соседен Јордан, од каде што летовите сè уште тргнуваат од аеродромот во Аман.
Министерството за туризам на Израел отвори 24-часовна телефонска линија за помош за патници, достапна на англиски и хебрејски јазик. Ограничени се и можностите за туристички посети, музеите се затворени, а пристапот до Стариот град на Ерусалим е забранет. Затворени се и повеќето од моловите и продавниците.