Концентрационен логор Заксенхаузен: последните сведоци
22 април 2025Кога спасувачите пристигнале во концентрациониот логор Заксенхаузен, пронашле околу 3.000 затвореници, негуватели и лекари. За околу 300 затвореници, ослободувањето на 22 април 1945 година од страна на полските и советските војници не дошло на време: умреле набргу потоа како резултат на суровиот третман на нацистите.
Евакуацијата на концентрациониот логор северно од Берлин започнала ден претходно. Нацистите испратиле повеќе од 30.000 затвореници на таканаречените маршеви на смртта - неколку илјади од нив не ја преживеале тортурата. А помеѓу 1936 и 1945 година, во Заксенхаузен и бројни надворешни логори биле затворени најмалку 200.000 луѓе од околу 40 земји.
До крајот на Втората светска војна, умреле десетици илјади затвореници - од глад, болест, злоупотреби, медицински експерименти и принудна работа. Само во текот на есента 1941 година, најмалку 10.000 советски воени заробеници, меѓу кои и многу Евреи, биле убиени во специјално изграден објект за стрелање или усмртени со гас во преуредени камиони.
За преживеаните ова би можело да биде последна комеморација
Шест преживеани, три жени и тројца мажи, учествуваат на одбележувањето на 80-годишнината од ослободувањето на логорот. Тие биле депортирани во Заксенхаузен или во еден од неговите надворешни логори како деца или млади.
Петмина од нив се од Полска, а најстариот е Украинецот Микола Урбан, роден 1924 година во Харков. Тој првпат учествува на комеморација, а ќе дојде од Швајцарија каде што се засолни по почетокот на рускиот напад на неговата татковина.
Овогодинешната комеморација во Заксенхаузен за Урбан и другиот пат сведоци може да биде последна. Аксел Дрекол, директор на Фондацијата Меморијални места во Бранденбург, долго време размислува за ова. Повеќето од преживеаните затвореници во меѓувреме се умрени. „Тие често беа со нас, како да се пријатели на нашиот татко или мајка. Фактот дека овие луѓе веќе ги нема, е многу значајна пресвртница за нас."
„Нацистите ги претвориле затворениците во бројки“
Со цел на посетителите да им ја доближат историјата на поранешните концентрациони логори како што се Заксенхаузен или женскиот логор Равенсбрик, меморијалните центри со години користат уметност и музика, како и работилници за млади луѓе. „Тоа е толку важно затоа што културата - покрај класичната педагогија и класични изложбени формати - може да изгради мостови, да ги отстрани бариерите и да допре до луѓето“, вели Дрекол.
Катрин Грибер може да го потврди тоа. Внука на затвореник од Заксенхаузен, таа е претседател на здружението на пријатели на меморијалниот центар и придружниот музеј. Кога на официјални настани се пеат песни напишани од затвореници, тоа длабоко ги допира нивните потомци.
„Нацистите ги претвориле затворениците во бројки, но тие сепак во секој момент останале луѓе. А песните можат да ви помогнат да ги замислите луѓето што ги пееле“, вели Кетрин Грибер. Нејзиниот дедо Хајнрих бил свештеник и член на Исповедничката црква, која се спротивставувала на нацистичкиот режим. Поради неговата ангажираност, особено за луѓето од еврејска вероисповед, тој завршил во Заксенхаузен во 1940 година, а подоцна и во логорот Дахау.
Дедото починал во 1975 година, внуката тогаш била уште мала. Зборувајќи за историјата на своето семејство, таа го поврзува минатото со сегашноста. Од својот дедо Хајнрих знае дека се солидаризирал со колегите затвореници во логорот, но дека и самиот доживеал солидарност. „Бил многу блиску до смртта, но го спасиле комунистичките затвореници“, раскажува неговата внука.
Критика на актуелната дебата за миграцијата и бегалците
Вредноста на автентичните места како Заксенхаузен е бесценета, според Катрин Грибер: „Тие пренесуваат знаење, ги ставаат индивидуалните судбини во контекст и им дозволуваат на посетителите да бидат емотивно трогнати од местото“. Таа притоа мисли на општото поместување надесно во Германија: „За мене од историјата произлегува следнава поука: луѓето не смеат да бидат исклучувани и претворани во жртвени јарци. Затоа ме боли актуелната дискусија за бегалците“.
Неодамна идните коалициски партнери, Демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и Социјалдемократите (СПД) се договорија за драстично заострување на политиката за азил. А Алтернатива за Германија (АфД), партија која официјално е класифицирана како делумно десничарска во Германија, со години поттикнува омраза против германските жители од странско потекло и луѓето кои бегаат од војна и сиромаштија.
Сеќавање на советскиот специјален логор
По ослободувањето во април 1945 година, поранешниот логор Заксенхаузен бил претворен во посебен логор од страна на Советскиот Сојуз, една од земјите победници во Втората светска војна. По злосторничкиот нацистички режим уследила комунистичка стравовлада.
До распуштањето на тој специјален логор во 1950 година, таму биле затворени околу 60.000 луѓе - пред сѐ нацисти, но и противници на новите владетели, како и лица уапсени без законска основа. Околу 12.000 од нив починале од глад и болести. На тоа поглавје од историјата на логорот Заксенхаузен ќе биде потсетено на почетокот на септември со комеморации и изложби.