Што има во минималната кошница-основни продукти или луксуз?
4 февруари 2025Барањето за зголемување на минималната плата падна во втор план, откако Владата расправата ја насочи кон тоа кој ја креира и што треба да содржи минималната кошница, која што е индикатор за куповната моќ на граѓаните. По последната средба во Владата меѓу синдикатите и работодавачите, договорено е во наредниот период синдикалните организации, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии заедно да креираат официјална потрошувачка кошница во Северна Македонија.
„На состанокот имаше претставници на повеќе синдикати и на работодавачите. Ние не се криеме, сакаме јавно да дебатираме за се“, вели премиерот Христијан Мицкоски.
Тој на прес-конференција во Владата рече дека ја добил методологијата и во неа забележал работи коишто му делувале чудно во однос на тоа што се содржи „синдикалната кошничка“. „Јас во јануари не пробав ниту диња, лубеница, грозје, цреши, кајсии и праски. Не испив 250 грама лименка нескафе, не пушев цигари - нелогично е во минимална кошничка да има цигари“, вели премиерот. Тој предлага како репер да не се земаат цените од поексклузивните ланци, туку од оние коишто имаат „поскромни цени“ да се избере средина и така да се пресметува минималната кошничка.
„Може ќе биде и поголема, но може и помала од оваа“, вели Мицкоски.
Последните пресметки на синдикалната кошничка покажуваат дека ниту илјада евра месечно не се доволни за да преживее едно семејство во Македонија.
Реални потреби или луксуз
Но, според претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, минималната синдикална кошница ги отсликува реалните потреби на едно четиричлено домаќинство и најавува дека тие и понатаму ќе ги прават редовните месечни пресметки. Трендафилов во понеделникот потсети дека Државниот завод за статистика во кошничката опфаќа околу 230 производи кои се „далеку понереални“ - како ананас, јагоди, ореви, бадеми, а ССМ се задржува на неопходните: сезонски овошја, газиран и густ сок, хамбургери за децата...
„ССМ ќе продолжи да ја пресметува минималната кошничка која се покажа како единствен релевантен податок. Ако грешката е што во неа се ставени сеознски овошја, еден газиран и еден густ сок или хамбургери за децата, тогаш може слободно да направат нова методологија и нова пресметка. Веројатно сите сакаат да станат синдикалци. Она што го критикуваат во нашата кошница е минимално пресметано - 25 грама цреши денеска можеме да поделиме со семејството, една чаша кока-кола и една чаша сок од портокал. Со 730 денари во текот на денот не може да купите ни четири бурека и четири јогурти, а не за појадок, ручек и вечера“, порача Трендафилов.
Договор за минималната плата засега нема
По седницата на Економско-социјалниот совет (ЕСС) во понеделникот (3 јануари) стана јасно дека засега минималната плата останува иста. Премиерот вели дека еден од партнерите во преговорите дошол со предлог за минимална плата од 31.500 денари, но да се плаќаат придонеси на сегашната минимална плата од околу 22 илјади денари.
„Тоа беше одбиено, бидејќи не е согласно законот. Невозможно е да се имплементира. Ние плаќаме придонеси за да имаме здравствено осигурување и мирна пензија. Буџетот предвиде за Фондот за пензиско 100 милиони евра повеќе од лани, за граѓаните да ја добијат негата којашто ја заслужуваат. Дупката во ПИОМ се зголемува и ќе се зголемува уште 6-7 години, поради што ќе има дополнителни трансфери од државниот буџет за таа да се покрие. Приоритет ни е граѓаните да добијат подобро здравство и да имаат солидна пензија. Плаќање со трикови ќе доведе до дисторзија на системот“, вели Мицкоски.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче смета дека Владата не е заинтересирана за стандардот на граѓаните. Тој оцени дека на средбите за минималната плата немало никаква конструктивна дискусија.
„Се формираат комисии кои нема да дадат никаков резултат. Нема никаква врска на кој начин се пресметува синдикалната кошничка. Луѓето одат во маркет да ги купат неопходните продукти, а едноставно немаат доволно пари во паричниците. Неможат да врзат крај со крај. Владата мора да е свесна дека таа е апсолутно виновна за тоа што стандардот на граѓаните постепено се намалува. Нема никаква стратегија за раст, ниту на минималната ниту на просечната плата, а цените неконтролирано растат“, вели лидерот на СДСМ.